Палата „Читкушеви“ / Иван Артемушкин 1931

Соработка со :  Борис Дутов
Име на сопственици : 
Читкушеви Тодор и Стеван
Оригинална адреса:  ул. Престолонаследник Патар и ул. Цара Николе,
Денешна адреса:  ул. Максим Горки + ул. 8ма ударна бригада
Програма:  Станбена + комерцијална
Статус: Не постои
Досие: 89
Сигнатура: 6.1.309.25/325-453
Извор: Артемушкин и Скопје

Читкушеви биле познато и богато семејство, кое живеело во Скопје по Првата светска војна. Иако авторството на нивниот објект традиционално му се припишува на Артемушкин, архивските планови насочуваат и цртежи од архитектот Борис Дутов. Овие цртежи се датирани на истиот ден како и тие на Артемушкин, што нѐ наведува да веруваме дека станува збор за соработка меѓу двата најистакнати архитекти во Скопје, во тој период. Оваа градба е еден од најраскошните примери на градските палати во Скопје.

@Delcampe

Нивната семејна куќа била сместена во самиот центар на градот на ул. Престолонаследник Петар (денес ул. Максим Горки), на која се граделе нараскошните палати во Скопје. Таа го зафаќа аголот на раскрсницата со ул. Цар Никола (денес 8ма Ударна Бригада), кој го оплеменува со својата монументална фасада.  Поради тоа објектот е една од главните визуелни референци за улицата Максим Горки од овој период.

Функцијата на објектот била со комерционално стабена намена. Дуќанот бил предвиден во високото приземје додека двата ката и мансардата биле предвидени за домување со по два оделни станбени единици.  Во архивот се наоѓаат две верзии за разработка на фасадата. Последниот кат, кој првично бил замислен како поткровје, подоцна бил проширен во целосен мансарден кат.

Фасадата е оформена во таканаречениот српско-византиски стил.  Навидум целосно е симетрична, без разлика што едниот крак на зградата е пократок од другиот. Архитектот го постигнува тоа со сегментација, како кај објектот на Бојаџиеви.  Нејзиното приземје се издвојува со едноставна обработка од вештачки камен, која е перфорирана со чистите форми на прозорските рамки. Со поставувањето на венец над приземјето тоа е одделува од погорните станбени партии кои се обемно декорирани.

@ Halpern, Joel Martin, 1954

Фасадата на катовите е обликувана преку прозорските ниши кои се оптегаат на две нивоа и завршуваат со лаци. Архитектот креира ритам со овие отвори, позиционирајќи ги по три во еден сегмент, кој е дополнително врамен со пиластри и венци. Два вакви сегменти се симетрично поставени околу аголот на објектот и завршуваат со тераси на двата краја.

Мансардата пак е перфорирана со парови од прозорски отвори кои завршуваат во лаци, и повторно се распоредуваат по три во сегмент. Ова завршно ниво е декорирано со четири женски скулптури, поставени врз пиластрите, како и централен орнамент кој ја сочинува и годината на градење.

Објектот претрпува големи штети за време на земјотресот во 1963г. поради кои таа е подоцна урната. Фасадата на овој објект продолжува да биде еден од најголемите симболи на старото Скопје, и да предизвикуа одредена носталгија кај неговите жители.

Скопје 1963, @ДАРМ

На локацијата на објектот во 2004г. се предвидува нов проект со деловна намена кој го превзема името: Палата Читкушеви. Истиот е завршен во 2017. Иако авторите се трудат да референцираат кон стариот објект, тие реализираат фарса од неговиот некогашен изглед. Новата градба има два ката повеќе, и фасаден габарит кој е испутен во погорните партии. Класичниот третман на фасадата преку геометриски сегмени нагласени со поставувањето на венци, пиластри и прозорски ниши е целосно занемарен.

Денешна состојба, @Димо Попчев

Сите архивски планови се преземени од Државниот архив на РСМ – Одделение Скопје.
Извор: Артемушкин и Скопје / Чаусидис, Ефремовски