Парк Превалец / Архитектура нова
02.09.2025 • Пејсаж Урбана опрема

Меѓу пејзажот и заедницата
Проект: Развој на јавен простор и спортско- парковски содржини
Статус: Реализиран
Локација: Превалец, С. Македонија
Година на изведба: 2024/25
Инвеститор: Општина Велес
Вредност: 360.000,00 eu
Студио: Архитектура нова
Тим: Марија Димитриевска Цилакова, Даница Спасевска, Маја Димитриевска, Милка Гочевска, Ангела Кузмановска
Фотографија: Борис Јурмовски
Паркот претставува регенерирање на простор/ фрагмент од пејзаж покрај реката Тополка, на периферијата на градот Велес, во близина на приградската населба Превалец. Неговото присуство создава централност која им овозможува на соседите да се среќаваат на отворено, во опуштена, природна, отворена “дневна соба.”
Паркот е замислен како урбан тепих за игра, опкружен со атмосфера на ливади и насади. Спортските терени овозможуваат рекреативни активности за граѓани од различни возрасни групи, додека игралиштето ги пречекува децата, нудејќи разновидни сценарија за игра.
Целиот концепт претставува обликување на постојната топографија преку мали возвишувања и градини вградени во плоштадот, населени со автохтони видови треви и повеќегодишни растенија.
Овој простор се стреми да понуди повеќеслојни одговори поврзани со јавниот живот, слободното време, развојот на најмладите и спортот – преку поттикнување на активен престој на отворено, во допир со природата.
Просторни целини:
Допир со реката
Со едноставно расчистување и тампонирање на коритото на реката Тополка, и со задржување на автентичната, здрава вегетација, се овозможува непосреден пристап до водата. Оваа зона станува простор за седење, дружење, тивка интеракција или медитација.
Платформа за спорт
Играчката површина интегрира два кошаркарски терена, игралиште за мал фудбал и ракомет, обединети во една подлога. Сместени под високите тополи покрај реката, терените се достапни за сите возрасти, овозможувајќи разнолик физички ангажман во сенка и свежина.
Вежби под крошните
Во сенката на највисокото дрво во контекстот, поставена е површина за фитнес со челични справи дизајнирани за класични вежби, но и за слободно движење и експериментирање. Меката тартан подлога, во земјени тонови, се надоврзува на околниот пејзаж од жито, детелини и почва.
Игри во полукруг
Детското игралиште е распоредено во рамките на просторно дефиниран полукружен сегмент, опремен со лулашки, мрежи за искачување и гимнастички реквизити – прилагодени за поддршка на моторниот развој и физичката активност кај децата. Геометриската поставеност на просторот го поттикнува приближувањето меѓу корисниците, овозможувајќи социјална интеракција и колективна игра во безбедна и стимулирачка средина. Во централниот дел на тревната површина, на бетонски постамент, е инсталирана специјално дизајнирана челична пинг-понг маса со скулптурални карактеристики, изведена во тонови инспирирани од боите на зајдисонцето.
Големото мало возвишување
Ова апстрактно урбано возвишение е наменето за слободна интерпретација: како планина за освојување за најмалите, како простор за игра, возење велосипеди, сончање или спонтан романтизам. Отворен простор за слобода и имагинација.
Сите програмски целини се интегрирани преку централниот простор – мал плоштад кој функционира како ново собиралиште на месната заедница. Паркот е опремен со висококвалитетна, издржлива и лесна за одржување урбана опрема, внимателно дизајнирана за да го задржи својот визуелен и функционален интегритет со текот на времето. Посебно значајно е што сите елементи на урбаната опрема се наменски проектирани и изведени исклучиво за потребите на овој проект.
Впечатлив елемент од урбаната опрема претставуваат светилките наречени Лалики, кои со својата “жива” црвена боја го означуваат местото преку ден налик лалиња- скулптури, а во ноќните часови даваат нежна, суптилна топла светлина.

Автор на статија: Boris Jurmovski
Ангела Кузмановска / Архитектура Нова / Велес / Даница Спасевска / Маја Димитриевска / Марија Димитриевска Цилакова / Милка Гочевска / Парк / превалац