Парк шума “Гази Баба“
15.04.2024 • Пејсаж
Од денес започнуваме со серија на објави кои ќе се посветени на зелените простори на главниот град Скопје. Првата објава посветена на тематиката е парк шумата „Гази Баба“ која претставува недоволно искористен ресурс за рекреација на скопјани. Локалните жители секако ја користат, но на ниво на град, ни приближно овој простор не е посетен како што е Градскиот Парк. Истото се должи на нејзината локација и задскриеност, бидејќи ниту урбанистички ниту партерно е третирана на начин кој би овозможил лесна достапност.
Поглед од ливадата кон Автокоманда
Но најпрвин да се запознаеме со основните податоци за Парк шумата „Гази Баба“:
ИСТОРИСКИ ПОДАТОЦИ
Паркот на природата Гази Баба е тесно поврзан со формирањето и развојот на градот Скопје кој има долга историја почнувајки од пред новата ера до денес.
Просторната разместеност на градот Скопје до балканските војни е од левата страна на реката Вардар, а ридовите Кале и Гази Баба претставувале главни јавни зелени и рекреативни површини.
Поради природно-атрактивните, климатските и вегетациските карактеристики, ридот Гази Баба е планиран како за јавно градско зеленило и простор за спорт и рекреација во градот Скопје.
Локалитетот Гази Баба, поточно ридот, своето име го добил според името на османлискиот кадија, научник и поет од 16 век Ашик Челеби, кој бил познат кај народот како кадија Гази Баба.
Во минатото, возвишението Гази Баба од запад било ограничено со долината на реката Серава, од југ со алувијалната рамнина на реката Вардар, додека кон север – североисток се абразивните тераси со над 300 м надморска височина.
Турбе на Ашик-Челеби – Гази Баба / XVI – ХХI век
ЛОКАЦИЈА
Паркот на природата Гази Баба се наоѓа на оддалеченост од околу 3 km од центарот на градот Скопје во источен правец, помеѓу станбената населба Железара на исток, урбаните делови од населбата Чаир на запад, северните делови на населбата Автокоманда и од север со станбени делови од населбата Бутел 2.
Објекти во првата внатрешна зона на Парк шумата
ЗНАЧЕЊЕ
Претставува интересен природен простор чии вредности биле препознаени уште поодамна. Така, во педесеттите години од дваесеттиот век извршени се активности за оформување на простор со зеленило од околу 100 ha на кој природите вредности се надополнети со внесување на поголем број различни видови на дрвја со кои е подобрена вкупната шумовитост на подрачјето, кое во тој период било во фаза на индустриализација и урбанизација.
Со оформувањето на овој зелен простор придонесено е за подобрување на квалитетот на животната средина, а со цел на негово трајно зачувување е прогласен за заштитено подрачје согласно Законот за заштита на природните реткости, со Одлука за прогласување на локалитетот Гази Баба за карактеристичен пејзаж, донесена од Советот на Град Скопје. Во март 2015 година, локалитетот Гази Баба е презаштитен со Законот за прогласување на локалитетот Парк – шума Гази Баба во Парк на природата.
Од вкупната површината (108 ха) на паркот, најголем дел е под нискостеблени и високостеблени шуми, односно на 95 ха. Единствени тревни површини се јавуваат на југоисток во подножието на ридот на површина од околу 4,3 ха, на североисток 3,6 ха и над Природно-математичкиот факултет на површина од околу 2 ха. Овие површини претставувале некогаш ораници кои денес се користат како ливади.
Со шумските површини и со чуварска служба на Паркот управува ЈП Паркови и зеленило.
Најголемите внатрешни растојанија
РЕКРЕАТИВНИ ПОВРШИНИ
Покрај пешачките патеки, кои претставуваат главни објекти за рекреација во паркот, поставени се видиковци, клупи и маси за одмор и пикник. Овие содржини се распоредени покрај уредените патеки и на влезовите во паркот. Земјаните патеки кои се во голема мерка обраснати со нискостеблеста вегетација не располагаат со пратечки рекреативни содржини. Како посебна уредена површина за рекреација претставува тревнатата површина во близина на јужниот влез на паркот на површина од 4300 м² . Оваа површина редовно се одржува како тревна површина на чиј влез се поставени информативни табли и содржини за спортување. На целата територијата од овој дел на паркот поставени се излетнички постројки со изградени објекти за пикник и одмор, кои се користат од посетителите особено за време на викенд. Трим патеките се користат од голем број на спортисти аматери и професионалци.
Шумата Гази Баба претставува голем зелен остров во урбаното ткиво на Скопје. Ваква, релативно голема површина под шума, ретко се среќава во средиштето на една урбана средина. Просторот на шумата Гази Баба претставува нераскинлива целина и со старост на стеблата поголема од 30 – 40 години има непроценлива вредност и значење за зачувување на животната средина во Скопје, пред сѐ заради нејзината поливалентна функција изразена преку: прочистување на воздухот, заштита на почвата, регулирање на водниот режим и подобрување на микро климата, што позитивно влијае на квалитетот на животната средина во целост.
ВЕГЕТАЦИЈА
Денешниот изглед на растителноста во Паркот на природата Гази Баба претставува комбинација од автохтони и алохтони видови. На просторот доминираат дрвенести видови кои во најголем дел се засадени преку пошумување. Поголемиот број од дрвјата се на возраст помеѓу 40 и 50 години.
Застапеноста на различните видови дрвја и грмушки досега е истражувана во неколку наврати. Во последните истражувања за потребите на оваа стручна студија утврдени се 79 видови на дрвја и грмушки кои се среќаваат на овој простор.
Големиот број на растителни видови придонесуваат да се формира интересен природен амбиент, кој има повеќенаменско значење. Покрај разубавувањето на просторот и подобрувањето на микроклиматските и еколошките услови, овој простор е интересен и за спортски активности, како и за научни истражувања.
Пошумувањето на просторот во голема мера допринело за негова обраснатост со различни видови дрвја и грмушки, кои се разликуваат според своите еколошки карактеристики па ваквиот голем број на видови на релативно мал простор од околу 100 ха преставува интересен и вреден природен простор. Сепак, постои голема несразмерност во поглед на застапеноста на видовите, така што, некои се среќаваат единечно, некои во вид на групи, а некои во оформени шумски насади. Најмногу застапени и најпрепознатливи на терен се насадите од: црн бор, амерички јасен и багрем.
На поголем број места во помали или поголеми групи преку садење засадени се:
Кисело дрво – потекнува од Источна Азија има силна обновителна способност;
Келреутерија – потекнува од Источна Азија, со инвазивни особенсти на подрачјето на Паркот на природата “Гази Баба“;
Гледич – потекнува од Северна Америка и најчесто се одгледува како парковско дрво. Има солидна застапеност и на локалитетот Гази Баба;
Mаклура – потекнува од Северна Америка, препознатлива е по своите топчести плодови со силна зеленикава боја.
На различни места во обраснатите делови од просторот се среќаваат поголем број на интересни автохтони видови, кои се доста ретки во дендрофлората во Македонија, а во минатото ги имало на многу поголеми површини. Поради намалувањето на нивната популација тие се важни за одгледување и зачувување. Такви се полскиот брест, копривката и дивата круша. Полскиот брест на подрачјето на Паркот на природата “Гази Баба“ е застапен само со неколку стебла но неговата важност е голема поради тоа што тој е автохтон вид, кој е во исчезнување. Затоа за неговото опстојување потребно е да се води посебна грижа. Копривката е автохтон вид на дрво, кој се одликува со голема термофилност, сушоотпорност и светлољубивост. Претставува убаво декоративно дрво, кое е отпорно на загаден воздух но поради бавниот раст недоволно е употребувано.
ФЛОРА
Според податоците од флористичката литература и врз основа на, за жал, површните теренски истражувања, во овој момент за Паркот на природата „Гази Баба“ можеме да наведеме 141 растителен вид од 31 фамилија, меѓутоа нивниот број веројатно е поголем. Ваквата нецелосна проценка на состојбата со флората на овој простор сепак укажува дека и овде, во услови на максимално влијание на човекот, успеале да се зачуваат одреден број интересни автохтони растителни видови.
ДОСТАПНОСТ
Она кое најмногу влијае на користењето на парк шумата е нејзиното урбанистичко и партерно уредување. Тоа упатува на сите пешачки и сообраќајни поврзувања.
Скопје како и многу други свои потенцијали, не ја третира соодветно и ги оддржува со минимални напори и енергија. Парк шумата „Гази Баба“ не може да биде соодветно користена доколку за истото градот не обезбеди сериозен третман.
Анализа на достапност и потреба од поврзување
Она што мора да се направи е анализа на поврзување и создавање хиерархија на влезови и излези од паркот. Главните точки на поврзување треба да бидат пешачките влезови кои бараат просторно нагласување со предпростор – плочници со соодветна урбана опрема, мапи и одбележувања за движење во шумата, одредени комерцијални содржини ( продажба на грицки, семенки, пијалоци, храна итн.) и секако јавни тоалети.
Јужна точка и соодветна позиција за организација на главен пешачки влез во Парк шумата „Гази Баба“ / фото: Google street view
Главниот пешачки влез кој треба да се третира е јужната точка, која е спроти кружниот тек на аголот од некогашниот саем т.е денес трговскиот центар „East gate“. Оваа точка е најзначајна во однос на привлекување на посета од страната на центарот на градот, Транспортниот Центар и воопшто градот од десната страна на реката Вардар. На оваа точка дополнително привлекува и постоењето на Ботаничката градина која исто така е неискористен потенцијал на Скопје.
Втората главна точка на пешачко поврзување треба да биде во правецот на улицата „Џон Кенеди“ во Чаир, но во оваа зона постојат изградени објекти за индивидуално домување. Секако во една визија и тоа не би претставувало пречка.
Постоечкиот главен сообраќаен влез / фото: Google street view
Позицијата на постоечкиот главен сообраќаен влез е најсоодветната позиција за истото. Пристапот е од страната на улица „16та Македонска бригада“, која е поврзана со бул. „Александар Македонски“ . Секако запуштен, несоодветно третиран .
Во овој дел се лоцирани и останатите спортски содржини како што е стадионот „Железарница“, отворените спортски терени за ракомет, мал фудбал, тенис на асфалтна подлога и главната сообраќајна врска со големата ливада која е најексплоатираниот дел од Парк шумата „Гази Баба“.
Спортски терени покрај главниот влез во паркот
Ракометно игралиште
Во оваа зона задолжително треба да се предвиди голем паркинг, плочник, комерцијални содржини, чуварница, урбана опрема, инфо пулт, изнајмување на велосипеди итн. Потребата за истото е поврзано и со идниот развој на стадионот, но пред се за гостите кои доаѓаат со сопствено возило од другите делови на градот.
Во непосредна близина се наоѓа и Големата ливада, која е ендемичен простор во Скопје. Таа е во благ пад, вгнездена во шумата, со одлични визури и силуети кон градот. Таа е најкористениот простор како градска пикник локација, простор кој овозможува организирање на настани и концерти.
Од минатогодишното реоткривање на „Гази Баба“
Покрај оваа ливада, постојат уште неколку во северните крајни подрачја на паркот, кој повеќе ги користат локалните жители поради достапноста на истите.
Една од ливадите од северната страна
Потребата од соодветна и промислена екплоатација треба да земе в предвид и содржини од угостителството за оние кои планираат да го поминат денот тука, дополнителни рекреативни содржини, видиковци, споменични одбележувања, цветни алеи и уметнички интервенции.
Точки на привлекувања се возможни преку соодветен концепт создавајќи микро простори со додадена вредност. Ова е секако подлога на која повикуваме организирање на јавен конкурс – повик за визии за развој и екплоатација на Парк шумата „ Гази Баба“ како една од главните спортско-рекративни понуди на Скопје.
Мора да се размисли нејзиното соодветно одржување, служба која ќе се грижи за отпадот, негово рециклирање, оддржување на урбаната опрема, сервисирање и се останато. Но тоа не смее да биде на денешното ниво. Големите паркови, мора да имаат соодветни простори за вработени, константно присуство, своја механизација и инфо пулт за посетители.
Оваа објава е со цел да се запознаеме со парк шумата, нејзините потенцијали и јавно да ја отвориме темата за потреба од јавен повик и визија за овој простор.
Користен извор (општи податоци) : ЈП Паркови и зеленило
Фото: Филип Конески (2024)
Автор на статија: Filip Koneski
вегетација / Гази Баба / Зеленило / Парк шума / Скопје