Парк во Карпош /Брсакоска, Даскалов, Илиевски

ИДЕЈНО АРХИТЕКТОНСКО И ХОРТИКУЛТУРНО РЕШЕНИЕ ЗА ПАРК

ВО ОПШТИНА КАРПОШ, ДЕЛ ОД ГРАДСКА ЧЕТВРТ 3 01

 

Година на проектирање: 2020

Автори: Јана Брсакоска, Благој Даскалов, Илчо Илиевски

Локација: Карпош 4, Скопје

 

  1. ОПШТИ ПОДАТОЦИ

Со идејното решение се предвидува архитектонско и хортикултурно решение за парк во општина Карпош, Скопје.

  1. ПОДАТОЦИ ЗА ЛОКАЦИЈАТА

Просторот на кој е планиран паркот се наоѓа во рамките на Градската четврт ‘’З 01’’, ограничена со: заштитеното бунарско подрачје ‘’Лепенец’’ и новопланирата сообраќајница ‘’С1’’ од западната страна, новопроектираната улица ‘’Љубљанска’’ од источна страна, од север со постоечката пешачка патека од Кеј на река Вардар и од југ со новопланираната сообраќајница ‘’С2’’. Вкупната површина на локацијата која е предмет на обработка е 86.000 м2.

 

 

  1. ОПИС НА КОНЦЕПТОТ

При дефинирање на главниот концепт за решавање на паркот, користени се два клучни елементи: издвојување на елемент од урбаното ткиво, и издвојување на топографски елемент – река Вардар.

 

Ситуација

 

Урбаното ткиво кое е земено како елемент за одредување на концептот е од непосредната близина на локацијата, или конкретно опфатот на станбените блокови во населба Карпош 4. Пресликувањето на распоредот на структурите од урбаното ткиво се користи за распоред на содржините во паркот предвидени со проектната програма, како што се монтажен објект (кафуле), јавни тоалети, детско игралиште, водени површини, површини за седење, отворена бина, дел за фитнес, терен за спортски активности (кошарка и одбојка), летниковци, паркинг за велосипеди.

Топографскиот елемент – коритото на реката Вардар е пресликано на локацијата и истото ја презема функцијата на главната артерија на паркот, кое ги обединува сите функции. Со овој елемент се формирани главните патеки – патека за велосипедизам, патека за пешачење, како и тартан патека за трчање. Помеѓу нив се поставени појаси од зеленило.

Интеграцијата на овие два клучни елементи заедно со споредни патеки кои пешачки ги поврзуваат сите функции, и останатите елементи на урбана опрема и хортикултура, го даваат целокупното решение на паркот.

 

 

  1. ЕЛЕМЕНТИ НА ПАРТЕРНО И ХОРТИКУЛТУРНО УРЕДУВАЊЕ

А) Патека со портали и седење

Патеката се протега по должината на локацијата, и нејзиниот облик е произлезен од топографијата на коритото на реката Вардар. Таа се состои од две пешачки патеки со ширина од 5 метри, една велосипедска патека со ширина од 4 метри, и една тартан патека за трчање со ширина од 2 метри.

По должината на патеката се распоредени неколку сегменти кои влегуваат во пресликувањето на урбаното ткиво, и на нив се распоредени портали со висина од 5 метри, кои го разигруваат просторот, и минувачите поминуваат под нив. Во рамките на истите сегменти се поставени и линиски елементи – клупи за седење со променлив профил – наслон за седење, и наслон за лежење.

Б) Ботаничка градина

Ботаничката градина е поставена во северозападниот дел од локацијата, и таа зафаќа површина од 4700м2. Истата ќе биде посветена на собирање, култивирање, зачувување и прикажување на широк спектар на растенија обележани со нивните ботанички имиња.

 

 

В) Зелен лавиринт

Зелениот лавиринт е со димензии 40м/30м, и истиот е формиран од ниско зеленило, формирано во правоаголни облици, со висина од 1 метар. Патеките помеѓу зеленилото се со ширина од 1 метар. Распоредот на зелените површини црпи инспирација од урбаното ткиво на населбата, исто како и целосниот концепт.

 

 

Г) ‘’Тумби’’ во партер со седење

Тумбите претставуваат висинско повишување на самиот партер, дефиниран со поплочена површина и клупи за седење. Исто така овде се поставени и корпи за отпадоци. највисоката точка на тумбите е 1.50м. Нивната форма во основа произлегува од структурите на урбаното ткиво во населбата.

Д) Колектор на вода / фонтана

Предвидени се линиски водени површини со мала длабочина – базени, со бетонски форми во нив, на кои корисниците можат да се движат. Една од овие површини е наменета да служи и како колектор за вода за наводнување на ботаничката градина. Од декоративните фонтани се предвидени и вертикални млазови на вода.

 

 

Е) Јавни тоалети

Јавните тоалети се слободностоечки објект од монтажен карактер со димензии 8м/18м. Објектот е поделен на три конструктивни модули, од кои средишниот е предвиден да биде слободен, и служи како пасаж, кој придонесува за флуидноста на објектот и негова отвореност кон опкружувањето. Ѕидовите кои го ограничуваат тоалетот се повлечени во внатрешноста, а на фасада се поставуваат лесни перфорирани метални панели, кои исто така придонесуваат за транспарентноста на објектот и негово ненаметнување во околината, олеснувајќи ја неговата ’’визуелна тежина’’ во просторот.

Низ пасажот се пристапува во содржините. На едната страна е женскиот тоалет, и просторија за чување на опрема и одржување, а додека на другата страна е машкиот тоалет и тоалет за инвалидизирани лица.

Вкупна бруто површина на овој објект е 188.00м2.

 

Ж) Павилјон / кафуле

Овој објект е од монтажен карактер, со челична конструкција, фасадата е тотално транспарентна, од стаклени монтажни панели, кои овозможуваат објектот да има променлив карактер. Притоа, со нивно отварање и затварање, се регулира кое од полињата да биде отворено, а во периоди кога тоа го дозволуваат временските услови, истиот може да биде отворен во целост. Во склоп на него се предвидени два фиксни објекта, како слободностоечки структури внатре во објектот, од кои едниот е тоалет, другиот е кујна.

Вкупни димензии на овој објект се 29,00м/8.00м, со вкупна бруто површина од 232.00 м2.

 

 

З) ОТВОРЕНА БИНА

Отворената бина е подигната на висина од 1.50 метри од партер, и таа е покриена со бетонска настрешница. Од задната страна има скали за пристап до истата, а од бочните страни има бетонски полиња со различна висина, на кои гледачите можат да седат при следење на некој настан, или при настан од отворен карактер, истите да се користат и како сценска површина за изведба.

Вкупните димензии на овој објект се 9.00м/29.00м.

И) Летниковец

Летниковецот е монтажен објект од отворен карактер. Поставени се два вакви летниковци. Неговата површина е поделена на 8 сегменти, и внатрешните делови се обликувани така што формираат т.н. сепариња кои обезбедуваат интимност, но сепак се обединети во еден објект. Површината за седење внатре во нив е обликувана така што на делови има ширина за седење, а на делови ширина за лежење.

Објектот е подигнат од теренот за 60цм, и до секое сепаре се пристапува со монтажни челични скали, што придонесува за визуелно олеснување на структурата, и формирање на ефект на ‘’treehouse’’.

Летниковецот е со габаритни димензии 8.00/15.00м.

 

 

  1. J) Амфитеатар / седење

По должината на централната патека, во нејзиниот централен дел поставено е амфитеатрално седење кое ја следи формата на патеката, и истото е предвидено со благо спуштање на теренот во правец од патеката кон реката.

К) Косо седење

Предвидени се триаголни бетонски површини со надвишување, кои формираат зеленило во пад, на кое корисниците можат да седат и одмараат. Бочните страни се ограничени со бетонски клупи обложени со дрвена површина за седење.

Оваа површина е со габаритни димензии 8.00/18.50м.

 

 

Л) Детско катче

Предвидени се две детски катчиња, кои се составени од разиграни бетонски површини кои содржат отвори во својата структура, како и рампи и скали за качување, мрежа за лежење. Истата е модерно обликувана и потенцирана со живи бои кои го дополнуваат колоритот на паркот.

Катчето е со димензии 8.00м/30.00м.

М) Паркинг за велосипеди

Паркингот за велосипеди е формиран од монтажни елементи, челични профили со дијаметар 3цм, анкерисувани на бетонска подлога. паркирањето се врши од две страни. Овој простор е дополнет со површини за седење, исто така со променлив наслон, за лежење и седење.

Габаритни димензии на овој простор се 8.00/30.00м. На едно паркиралиште има капацитет за 52 велосипеди, а предвидени се две вакви паркиралишта во паркот.

 

 

Н) Фитнес справи

Фитнес справите се модуларни елементи формирани од челични вертикални профили со димензии 10/10цм, анкерисувани на бетонска подлога, а измеѓу нив се поставени заварени профили со кружен пресек со дијаметар од 3цм, поставени на различна висина, наменети за вежби со сопствена тежина.

Габаритни димензии на овој простор се 8.50/17.50м.

 

О) Спортски терен

Димензиите на спортскиот терен се приспособени за рекреативно играње на кошарка и одбојка на отворено. Теренот е колоритно обликуван, во склоп со останатите содржини во паркот од овој карактер.

 

Постери

  1. МАТЕРИЈАЛИ И ОБЛИКУВАЊЕ НА ПРОСТОРОТ

Сите содржини во паркот се модерно обликувани и во согласност со програмските барања. Сите предвидени материјали за финална обработка на содржините се трајни, естетски издржани и достапни на пазарот.