Парк во Карпош / Ивановски, Милушева, Темелковска, Дамјановска, Димиќ

Конкурс за избор на идејно архитектонско и хортикултурно решение за парк во Општина Карпош, дел од Градска Четврт 3 01

Шифра: „СКУПИ“

Автори на архитектонско решение: Јован Ивановски, Паолина Милушева, Билјана Темелковска, Теа Дамјановска, Марјан Димиќ

Година на проектирање:  2020

Локација: Општина Карпош

Површина: 86 000m2

Награда:  Втора награда

 

КОНЦЕПТ

Проектот за идејно архитектонско и хортикултурно решение за нов парк во населбата Карпош се заснова на уверувањето дека секој изграден или неизграден простор припаѓа во одредено опкружување, има свои особености кои го определуваат и не би можел да биде замислен надвор од него без притоа да загуби дел од сопствената автентичност.

 

 

Ваквата концептуална определба јасно ја насочува основната насока на развојот на проектот, кој во методолошка смисла е истовремено воден низ две линии:

>          аналитичко препознавање, мапирање и вреднување на постојните природни, пејзажни, урбани и културноисториски елементи од поширокото окружје на локалитетот и проучување на нивната двојна природа; како одредници на местото и како вид на врска помеѓу минатото и сегашноста;

креативно обликување на современ парковски простор со препознатлив и динамичен просторен и хортикултурен идентитет кој на своите корисници може да им обезбеди мноштво места и искуства за удобен престој во природа.

 

 

На аналитички план, препознаени и мапирани се повеќе елементи кои придонесуваат во формирањето на идентитетот на поширокиот простор: (1.) меандрите на коритото и јавниот простор долж природниот коридор на Вардар; (2.) устието на реката Лепенец во реката Вардар; (3.) материјалните и културолошките траги на античкиот град Скупи; (4.) секвенците и приватниот карактер на јавниот простор во соседната населба Карпош IV; (5.) градската меморија за некогашните плажи на Вардар и експресивните крајбрежја со врби; (6.) мноштвото спонтани градбени типологии во бавчите и градините лоцирани меѓу реката и градот итн. Истражувајќи ја подлабоко улогата, врските, смислата и значењето на овие елементи, во рамки на проектот тие се реинтерпретирани на суптилен проектански начин, како би се избегнало нивното несоодветно вклучување на ниво на цитати.

 

 

На креативен план, проектот е заснован на идејата за воспоставување на еден сложен просторен, пејзажен, хортикултурен и програмски конструкт, создаден преку колажна синтакса од повеќе внимателно комбинирани елементи. Во делот на пристапната инфраструктура основниот гест е во нагласување на логичните правци на движење, како и во јасноста во однос на главните точки на интерес во просторот. Во делот на хортикултурното обликување проектот истовремено следи и пејзажна и урбана тенденција и парковскиот простор е замислен како систем од заемно поврзани подцелини, тематизирани преку соодветен вегетален вокабулар. Во делот на новите програмски содржини се предвидува интерполација на мноштво јавни намени кои поттикнуваат различни активности, настани и јавни случувања кои самостојно би се развивале, прилагодувале и менувале во зависност од потребите.