„Пелинце“ / Константиновски

Локација: Кумановско

Автор: Георги Константиновски

Мозаик: Рубенс Корубин и Илија Пенушлиски

Основен проект: „Македонијапроект“

Изведба: РО„ Бетон“

Година: 2004

Извор: „Патот на еден архитект 1958-2013“ – Култура

Насловно фото: M.pvsk – Википедија

 

Спортско рекреативниот центар во чиј склоп се наоѓа и меморијалниот музеј посветен на „АСНОМ„ е лоциран близу денешната македонско-српска граница, во близина на манастирот „Св. Прохор Пчињски“. Потребата за неговото издигнување беа негаторските и понижувачки ставови на српската црква, која ги демолира историските траги од манастирот каде се случило првото заседание на „АСНОМ“, како и забраната за чевствување на овој ден на македонската делегација.

На анонимен архитектонски конкурс учествува и архитект Георги Константиновски, кој го добива првото место. По добивањето на наградата, одлучува да ги ангажира Македонијапроект како проектанска организација преку која ќе се работи основниот проект, додека за изведувач е одбрана градежната компанија БЕТОН.

Големината на комплексот изнесува 8.5 ха а предмет на изработка беше архитектонско-урбанистички концепт во кој требаше да се вклучат повеќе содржини во кој најзначајниот е Меморијалниот Музеј на АСНОМ.

„Првиот објект кој беше свечено предаден по повод прославата на 60-годишнината од одржувањето на Првото антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија беше Меморијалниот Музеј АСНОМ. Пространата композиција на овој објект се состои од пјацета и музејска зграда. Тие заедно претставуваат единствена целина и симболички меѓусебно се надополнуваат. Пјацетата се јавува како увертира пред влегувањето во музејската зграда. Тука луѓето со своите погледи го опфаќаат секој дел од овој отворен простор и уживаат во непосредното опкружување. Тие независно од нивниот општествен статус се изедначуваат и спријателуваат. Веднаш по пристапот на оваа пјацета се појавува местото за полагање венци. Тоа е решено со три елиптични платформи, а како позадина се јавува множество од столбови коишто го симболизираат масовното учество на народот во борбата за сопствената слобода. На овие столбови е претставено сонцето како симбол на слободата. Сосема на десниот крај од платформата е поставен цвеќарник во цилиндрична форма на којашто се веат македонски знамиња. Од овој цилидар(симбол на раѓањето) продолжува оградениот завоен ѕид(симбол на вечниот пат кон прогресот) кој ги прескокнува столбовите и продолжува со спирална насока со благ наклон којшто се стопува со објектот како краен плод – плодот на слободата и независноста! Лево од влезот на платото се појаувва прекршен ѕид на којшто симболички е претставена во мозаик целокпната историја на Македонија на површина од 122.4 м2 изработен од нашиот реномиран уметник Рубенс Корубин.“

Во продолжение авторот ја образложува архитектонската концепција на објектот:

„ Силуетата на објектот претставува продолжение на спиралната ограда којашто го формира платото. Покривот на објектот е пресечен со наклонета рамнина којашто го следи наклонот на оградата, така што вкупната силуета на објектот е под единствен наклон кој почнува од котата на теренот и завршува на крајниот највисок ѕид од музејската зграда“.

Целта на авторот е да постигне психолошки ефект кај посетителот кој се провлекува низ теснина за веднаш потоа да настане експлозија на ентериерот во којшто погледот е до недоглед. Плафонот е инспириран од стилизирана тантела од народниот вез.

„Пред очите на посетителот со целата своја веродостојност се појавува реконструираната историска соба во којашто се одржува првото заседание на АСНОМ на 2ри август  1944. Тука во полна тишина настапува интимниот дијалог меѓу експонатот и човекот.“

Покрај Меморијалниот Музеј на АСНОМ, комплексот опфаќа библиотека, ресторан, отворен амфитеатар, рекреативни спортски терени, парк, детски лавиринт итн. Меѓутоа неговото целосно реализирање сеуште не е случено.

Со цел да се задржи симбиозата со природата, авторот ги „расфрлува“ објектите на комплексот низ просторот, со цел да се растопи неговиот вкупен габарит. Поврзувањето меѓу нив е соодветно партерно осмислено.

 

Ф.К