Пошта и телекомуникации – Штип / Филиповска, Дамевска Јовановиќ

Година: 1985

Автори: Билјана Филиповска, Ружа Дамевска Јовановиќ

Проектна организација: ГРП „Пелагонија“

Локација: Енгелсова б.б, Штип

Објектот на градската пошта во Штип претставува важен пример на архитектурата во Македонија од минатиот век. Авторите Филиповска и Дамевска Јовановиќ проектираат градба која истовремено содржи примеси на модернизмот, постмодернизмот и контекстуализмот.  Како таков овој објект добива и специјална награда на Биеналето на македонската архитектура во 1987г.

Сл, 1. Авторите: д.и.а Билјана Филиповска (лево) и д.и.а Ружа Дамевска Јовановиќ (десно)

Сл, 2. Историски фотографии (извор: Билјана Филиповска)

Формата на градбата се состои од два волумени, хоризонталниот кој ги содржи јавните функции на поштата, и вертикалниот во кој се семстени техничките одделенија и администрацијата. Перфорациите на обвивката и пристапите се позиционирани соодветно на оваа поделба, па така приемниот простор и шалтер салата доживува максимална отвореност, додека техничкиот сектор е претежно затворен. Овие два габарити дополнително заокружваат двор во внатрешноста на парцелата, кој е пристапен како од околните простории, така и од надвор.

Сл, 3. Основа на приземје (Јовева, Николоски, Бошкоски)

 

Сл, 4. Источна фасада (Јовева, Николоски, Бошкоски)

Сл, 5. Аксонометриски приказ (Јовева, Николоски, Бошкоски)

Дизајнот на поштата во Штип, содржи специфично нагласување на архитектонките детали кои произлегуваат како од просторниот, така и од временскиот контекст. Околината диктира неколку од аспектите на оваа градба, почнувајќи од изборот на материјалот – тула, од кој се изведени и околните станбени згради, поставеноста на дворот и влезовите, како и специфичното полукружно завивање на ѕидната површина покрај западната пешачка патека.

„Контекстот е повеќе баран во смисла на легнување на локација отколку како некоја меморија на градот. Не сме се врзувале за историски референци, пошто ова е јавен и технолошки објект, за кој избравме помодерен пристап. Од друга страна пак, сакавме и да нагласиме дека ова е некаков објект кој треба да остане како репер во градска средина, па затоа мора да биде препознатлив по својата архитектура.“

– д.и.а Билјана Филиповска

Сл. 6 и 7, Историски фотографии (Румен Ќамилов) и авторски скици (Билјана Филиповска) 

Дополнително објектот е и одговор на светски случувања од тогашниот период на премин од модерната архитектура во постмодернизмот. Па затоа, градбата задржува аспекти од модернизмост како функционалноста на просторот според потребите на програмата, и чистината и искреноста на самата архитектонска форма. Додека истовремено дизајнот на поштата е и постмодерен, бидејќи со специфичната обвивка од црвена фугована тула, тој иако во блага форма, сепак се навраќа на декорацијата и контекстуалноста на фасадите од периодот пред модернизмот. Оваа меморија кон историските архитектонски елементи, ја среќаваме и во неколку други детали на поштата, како што се нејзините влезни столбови кои имаат симплифицирани капители.

Сл, 8. Денешна состојба – главниот влез на шалтер салата 

Сл, 9. Историска фотографија (извор: Билјана Филиповска)

Фактот дека објектот на поштата не доживува никакви измени во наредните години, може да се земе и како одреден доказ за квалитетот на ова архитектонско решение, посебно во однос на неговиот контекст и намена. Како резултат тој и денес, ја заржува својата оргинална програма и сеуште е претпознатлив архитектонски симбол на градот Штип.

Сл, 10. Денешна состојба – југозападен изглед

Сл, 11. Денешна состојба – ентериер на шалетр салата

Сл, 12 и 13. Денешна состојба – источна фасада

Сл, 14 и 15. Денешна состојба – источен влез

Сл, 16. Денешна состојба – јужна фасада

Извори: лична архива на Билјана Филиповска; Филиповска, 40 години траги во просторот, Скопје, 2016; студентски труд по предметот Теорија на Архитектурата, 2018 при АФС – автори: Марија Јовева, Урош Николоски и Гаврил Бошкоски.

Фотографии од денешна состојба: Марија Јовева