Последните 100 годишни куќи на Водно

Водно и Пржино одамна го немаат „шмекот“ на населби на удобно домување. Преголемата изградба со урбанизам несоодветен за просторот го уби потенцијалот на некогаш вистински елитната населба.

Во некои делови сеуште егзистираат примери од поствоената модернистичка архитектура и постмодерната ( со која започна хаосот ) , додека на последните достапни парцели се издигнува современа станбена архитектура. Разликата од минатото е во типологијата на едносемејни или двосемејни куќи, кои денес ги заменуваме со објекти за колективно домување – згради, без дворови, зеленило, овоштарници со што се избриша еден цел слој.

 

Легендарната „Зелена куќа“ на Водно / Фото: непознат извор

 

Под планината Водно некогаш постоеја и повеќе стари еклектични куќи, кои ја правеа атмосферата поинаква.  Се забележуваа куполи, фасадна декорација, пиластри, високи таваници и големи прозори. Една од најмаркантните примери беше легендарната „Зелена куќа“,  која е срушена повеќе од 15 години. Од скоро не постои ни „Розевата куќа“.  Со нивното изчезнување – стари вили со аголно поставување на куполи во Скопје повеќе не постојат.

 

Замина во пепелта и последниот атрактивен примерок на скопската еклектика на Водно

Скоро срушени објекти  / Street view

 

Во денешната објава ви ги презентираме последните два примери на индивидуални куќи, кои го носат својот 100 годишен спомен за овој дел од Скопје. Тие сеуште пркосат на урбанистичкиот хаос во околината (Пржино и Водно), но не им предвидуваме многу светла иднина.

Едната веднаш ве плени со влезниот трем со стилизирани капители тнад солбовите, меѓу кои се развиваат три лаци од кој средишниот се извишува и проширува. Во тимпанонот е позициониран и кружен отвор во средишната оска.

 

 

Втората куќа е во соседство на првата и до неа се пристигнува единствено по скалници. Интересното кај овој објект е неговото обликување според пропорциите како кула, но дали е тоа се можеме само да претпоставуваме? Дали се остатоци од нешто поголемо или едноставно тоа е тоа?!

 

 

Со несмасните субстандардни доградби, лепенки и интервенции, тешко е да претпоставивме што се случувало во ова маало пред 50тина години, уште помалку за периодот пред земјотресот.

Скопје ги губи спомените и лута кон ненаситен капитализам кој не препознава ништо друго освен профит. Меѓувремено просторот е трајно загубен со намалени вредности .