Продолжува рушењето на Старата скопска чаршија
25.01.2023 • Став
За старата скопска чаршија сме пишувале многу пати и постојано апелираме за нејзиното организирано деградирање. Како за ниту едно друго прашање кое сме го отвориле во јавноста, за ова прашање се молчи од сите страни. Ниту Градот Скопје, ниту Заводот за заштита на споменици, ниту Министерството за култура, не се огласуваат по ова прашање.
Апелираме до македонските телевизиски куќи, јавно да ја отворат темата за Старата скопска чаршија и да ги соочат сите овие институции на дебата вклучувајќи ја и Општината Чаир, на чија територија се дозволува дивеењето и деградирањето.
Тековно во непосредна близина на црквата „Св. Спас“ се руши и подготвува ново градилиште. Се работи за парцелата 9200 според Агенцијата за катастар на недвижности, со имотен лист 101691, кој понатаму се дели на 28 делови во различна сопственост. На кој начин се доаѓа до дозвола за градење на овие простори, дали се почитува законот за заштита на старата скопска чаршија, дали се извршени археолошки истражувања и многу други прашања остануваат непознати за нас. На Улицата „Макарие Фрчковски“ каде допира највисоката кота на парцелата се забележуваат остатоци од камена пластика.
Тековно се гради и во непосредна близина на Хотелот Арка, каде се случува вистински урбанистички хаос, во контактната зона на заштита. За оваа локација се шпекулираше за археолошки остатоци, од каде и дошло името на хотелот, што упатува на потребата од внимателност во дејствијата и во оваа зона. Она што е на терен е тажна слика со никаква меѓусебна почит и обезбедување на основни урбанистички стандарди.
Дали тука некој воопшто контролирал на терен и како воопшто се донеле вакви урбанистички планови за овој дел од градот останува енигма за која цело општество знае и молчи, тихува… очигледно една од тие забранетите теми.
Автор на статија: Filip Koneski
Деградирање културно наследство / стара скопска чаршија / Урбана мафија / Урбанистички хаос