ПРОГРАМСКА И ОБЛИКОВНА НАД(ГРАД)БА НА ГРАДСКИ ТРГОВСКИ ЦЕНТАР – СКОПЈЕ
19.08.2019 • XXI век
Конкурсен труд / 1 место
Година: 2007
Автори: Јован Ивановски, Владимир Десков, Дејан Ивановски, Елена Пазарџиевска, Ана Ивановска
Членови на жири комисија:
Проф. м-р. Георги Константиновски
Проф. д-р. Владимир Георгиевски
Проф. д-р Јасмина Силјановска – член на ААМ
Слободан Богојевски д.и.а.
Костадинка ПеШевска д.и.а.
Марија ПавловиЌ Латас д.и.а.
Градскиот Трговски Центар и во своето име упатува на опсежноста на своето делување. Тој е градски центар затоа што и припаѓа на целината на градот и како мерило и како составен дел на неговата комплексна социјално-културна слика.
Градскиот Трговски Центар како во својата идеја така и во својата реализација е наслојување на постојна урбана ситуација и тој е уредно интерполиран во постојно урбано ткиво. Предлогот за над(град)ба на Градскиот Трговски Центар во својата генеза ја има истата претпоставка на чувствителност кон постојното.
Предлогот е замислен како вградување на нов програмски и урбан пејсаж во ткивото на постојниот објект. Новата програма е производ на опфатна анализа на постојните содржини и исцрпно истражување во доменот на напредните мислења во однос на слични типологии.
Во рамки на анализата констатирана е состојбата на постојните содржини како и недостатоците на целината во однос на програмски понуди. Препознаен е потенцијалот на непосредното урбано окружје кое е главно составено од станбени и административно деловни единици кои вдомуваат голем број на разнородни корисници активни во различни периоди од времето. Особено е внимавано на постојните станбени единици кои се дел на градскиот трговски центар а се карактеристичен и препознатлив градски ансамбл.
Проектот е концептуализиран по 2 линии:
Првата е поврзување и интерполирање на нов елемент во ткивото – нова опрема од содржини/активности во контекст на објектот како целина. Проектот предлага имплементирање на разнородна и по својата природа хетерогена програмска секвенца од можни намени/активности/случувања кои се иницирани од традиционалните но и надоаѓачките животни стилови на денешните жители на градот. Предложената програма е воедно слоевита и меѓузависна а едновремено вмрежена со постојните содржини. Новиот предлог е нов сервис, нова стимулација за целиот објект. Програмата е концентрирана околу 7 програмски жаришта кои произлегуваат од јасните целини во рамките на постојната физичка структура.
Втората линија на проектот е водена со тенденција да се предложи физичка структура која ќе ја формализира програмската предлошка а ќе биде вклопена во постојниот обликовен, естетски и структурален систем кој по сите линии доминира со својата јасност и целовитост.
Проектот предлага соодветна форма на опросторување на новите содржини а предлогот е формализиран преку едноставна постапка на препознавање на карактерот на постојната градба и соодветно нејзината надградба е замислена како ре-интерпретација на постојните логики. Во просторна смисла внимавано е на јасноста во однос на новите точки на интерес. Просторните секвенци се изградени од типолошки проверени предлошки. Доминира централна пасарела на која се надградени програмски пакети, структура превземена од изворниот модел.
Новата внатрешна улица е фактор на кохерентност и на мерило, линеарна просторна конфигурација интегрирана помеѓу програмски жаришта. Таа е достапна преку надградба на постојните скалишни јадра и додавање на 2 нови лифтовски блока со по 2 лифта кои ги поврзуваат сите нивоа на објектот. Програмските жаришта се со изразена густина од активности ориентирани кон градот и кон внатрешноста соодветно. Новите програмски пакети се емитираат кон градот како нови градски слики, културен билборд. Новата програма отвара нови апетити, создава нови сценарија во реално време, ангажира нови корисници.
Програмските пакети се конципирани околу неколку главни теми и тоа: центар за нега и здравје на тело, центар за образование и грижа за деца, хотелски апартмани со ексклузивен стандард, рекреативен и спортски центар за слободни активности, културен и бизнис центар, угостителски центар. Како посебна меѓузона се предвидуваат просторите од трговски тип од постојан и времен карактер. Дел од програмските пакети се дополнително тематизирани со употреба на внарешни отворени простори кои го нагласуваат карактерот на предложената програма.
Во рамките на секоја од програмските секции се предвидува и техничко јадро до кое се продолжени постојните скалишни и лифтовски вертикали. Во исто време на 3 места и еднакво распоредени во однос на целината се предвидуваат простори за машински соби во кои е планирано сместување на инсталации од таков карактер.
Слободниот простор односно централната пасарела е главната тема од јавен карактер и тоа е површината која ги помирува различните програмски домени. Таа е согледана како нешто многу повеќе од пешачки коридор бидејЌи во јавниот простор празнината е таа што е активна, таа е медиум во кој социјално се делува. Исклучителниот просторен стандард на пешачките коридори по сите нивои, на последниот кат се збогатува со нови искуства од времени настани и периодични случувања. (саем на книга, саем на сувенири, саем на ракотворби, времено лизгалиште, разни изложби, собири) Целината е дополнително осветлена и микроклиматски третирана, таа е нова дневна соба на целиот комплекс.
Во обликовна смисла преовладува антимагматски пристап манифестиран преку употреба на рудиментирани, сведени облици. Новиот архитектонски отисок по периметарот е стратешки повлечен од најистурената рамнина на објектот и до неа единствено се допира преку чувствителна двослојна линија на кровот. Бочната кровна линија е контекстуализирана со тоа што по неа се јавуваат издлабувања кои се карактеристични за примарната пластика на постојните волумени. Пропорционирањето на издлабувањата произлегува од структурната мрежа. При такви соодноси целината делува завршено а новата интервенција е мимикризирана во постојното.
Новата интервенција на западната страна е независен волумен кој формално и матерјално е контекстуализиран како ехо од постојните облици од непосредното опкружје.
Кровната површина е посебен аспект на овој проект. На новата кота на градот се предлага инфраструктура за нови спонтани настани, урбани собиралишта на кровот на градот. Просторната конфигурација на празнината се зајакнува со настани кои ги артикулираат природното и изграденото. Искуството на урбаното се засилува со нови погледи кон градот, нова природа. Постојните скулптурални завршетоци се заменуваат со нови населени скулптури (карпа за качување, летно кино, ресторан под ведро небо, панорамска платформа)
Структуралниот систем во целина го почитува постојниот модел и органски се надоградува на него. Структуралните елементи се од челична конструкција а покривањето се предвидува со повекеслојни префабрикувани сендвич панели со минимална специфична тежина и термички карактеристики кои одговараат на поднебјето. Кровниот покривач е во пад соодветен за покривање со наведените панели. На местата на кои се предлага боравење на кровот се предвидува изработка на минимална надконструкција покриена со перфорирани панели со што протекувањето на атмосферска вода е по истиот собирен систем како и кај делот од кровот на кој не се предвидува престој. Кровното покривање над галериите се предвидува со армирано транспарентно стакло носено преку “спидер” држачи до носивите челични греди. Стаклениот покривен слој е непропуслив за вода но дозволува непречена циркулација и размена за воздух. Пропусниот капацитет е димензиониран така да не се појави содзавање на надпритисоци, феномен кој се случува во актуелното решение на покривањето со лексан панели.
Одржливоста на објектот дополнително е стимулирана преку користење на алтернативни еколошки извори на енергија како фотоволтаични соларни системи од ќелии. Тие овозможуваат генерирање на струја преку директна конверзија на соларната радијација. Нивната мала цена на тековно одржување и модуларноста со која се вклопливи во постојниот систем ги прави најсоодветен избор за намалување на вкупните трошоци на одржување на објектот во целина. Се предвидува и употреба на резервоари за собирање на дождовна вода која е предвидена да биде стабилен ресурс во противпожарниот систем на објектот.
Вкупните инсталации од електричен, машински и хидро карактер се водат во просторот помеѓу покривните панели и плафонот односно се провлекуваат низ перфорираните челични носачи. Електричните, машинските и системите за безбедност се координираат од единствен центар кој е сместен на крајниот источен дел од комплексот. На истото место се наоѓаат и јавните санитарии за потребите на новиот кат на ГТЦ.
. . .
Новата интервенција на Градскиот Трговски Центар претставена во проектот е состав од опфатна анализа на постојното во комбинација со знаења кои се стекнати со исцрпно истражување. Но најважно од се е дека проектот кој го цените е производ на силен ентузијазам и нескриена љубов кон градот Скопје и неговите квалитети.
Автор на статија: Filip Koneski
GTC / Ана Ивановска / Владимир Десков / ГТЦ / Дејан Ивановски / Елена Пазарџиевска / Јован Ивановски / Конкурс / прво место