Пролет на Македонскиот Дизајн – 23 Април

Фотографии: Борис Јурмовски

Вториот настан од „Пролет на македонскиот дизајн“ донесе три различни погледи кон современото визуелно творештво, отворајќи разговор за границите помеѓу дизајнот, уметноста, технологијата и раскажувањето приказни. Настанот се одржи на паркингот пред кафе Дупло во Аеродром.

Пролет на Македонскиот дизајн е проект зад кој стои тимот на МАРХ со активна улога и подршка за реализацијата на истиот.

Публиката имаше можност да ги проследи презентациите на Андреј Смилчевски, Ангела Стојковска и Игор Делов, автори чии практики опфаќаат различни медиуми и пристапи, но ги поврзува истата посветеност кон креативниот процес.

Андреј Смилчевски ја претстави својата работа во областа на 3D моделирањето, скулптирањето и 3D принтањето, покажувајќи како идеите се трансформираат во детални и функционални форми што постојат и во дигиталниот и во физичкиот простор.

 

 

Ангела Стојковска зборуваше за создавањето визуелни светови преку илустрација, фотографија и видео, како и за процесот на развој на визуелниот универзум на албумот „Лакримариум“ на ATA. Нејзиното предавање понуди увид во начинот на кој приказната станува основа за секое визуелно решение.

 

 

Игор Делов ја претстави својата работа како графички дизајнер, со посебен осврт на проекти инспирирани од архитектурата. Преку примери од својата практика, тој покажа како минималистичкиот и неконвенционален пристап може да создаде силна визуелна комуникација и препознатлив авторски израз.

 

Втората вечер од оваа Пролет потврди дека современиот дизајн не е ограничен на една дисциплина, туку претставува простор каде се среќаваат различни знаења, технологии и креативни практики. Им благодариме на говорниците и на сите посетители што беа дел од уште едно успешно издание на „Пролет на македонскиот дизајн“.

Се гледаме на следниот настан!