Во најава протест против висококатници во центарот на Скопје

 

Во понеделник (06.12.2021) пред Јавното обвинителство е закажан протест против изградбата на висококатниците на просторот спроти хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје. Организатор на протестот е иницијативата Зелен хуман град (ЗХГ).

„Во Македонија годишно умираат повеќе од 3.500 луѓе од загаден воздух! Ако се дозволи изградбата уште повеќе ќе се спречи струењето на воздухот што ќе резултира со уште поголемо негово загадување и дополнително ќе се влоши квалитетот на живот во центарот на Скопје. Центарот ќе биде парализиран од сообраќаен метеж и луѓето што живеат и работат во близина нема да може да ги извршуваат секојдневните обврски!
Најавуваме ПРОТЕСТ следниот ПОНЕДЕЛНИК ВО 16:00 пред јавното обвинителство (Кеј на Вардар кај Филхармонија).

Бараме:
1. Запирање на градежните активности поради сомнеж за корупција и злоупотреби на службената должност ВЕДНАШ!

2. Јавното обвинителство најитно да се произнесе по иницијативата од Државната комисија за спречување на корупцијата.

3. Владата да одвои средства од централниот буџет доколку О. Центар нема доволно за новомаалци да добијат решение и излез од нехуманите услови во кои живеат.

4. Советот на Општина Центар најитно да го изгласа елаборатот за суспензија за натамошно спроведување на овој ДУП.

5. Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам најитно да спроведе надзор врз основа на претставката поднесена од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД.

6. За локацијата да се распише меѓународен конкурс со кој ќе се гарантира зелено и хумано решение.“