Првите железнички станици на Скопје

Автори:  Ориенталната железница (CO- Chemins de fer Orientaux)

Година:  1873- 1889

Локација:  Ул. Македонија и Маџир маало

*Благодарност до дипл.ел.инж. Марјан Матевски, пензиониран железничар за потврда на информациите.

Кога станува збор за железничката станица во Скопје, како белег е врежана објектот на старата железничка станица оштетен за време на земјотресот во 1963 година која се наоѓа во центарот на Скопје. Денеска дел од истата постои како музеј на град Скопје и стои како тестамент за тој кобен момент на 26 јули 1963 година. Сегашната железничка станица (1971-1980) , дел од транспортниот центар проектиран од јапонскиот архитект и урбанист Кензо Танге е  симбол на пост-земјотресната обнова на Скопје и се наоѓа помеѓу населбите Маџир маало и Аеродром.
Ако се навратиме поназад во историјата на Скопје и железничкиот сообраќај, токму на овие две локации се градат и првите две железнички станици во Скопје во далечната 1873 година како дел од желбата за модернизација на Отоманската империја.

Контекстот околу железничката станица пред 1889

На крајот на 19 век, Отоманската империја слабее. По неуспешните војни со Руската империја и растечкото незадоволство на народите на Балканскиот полуостров, Отоманското раководство решава да го зацврсти своето влијание на полуостровот и да го потикне економскиот развој преку развој на железнички сообраќај. Железничкиот сообраќај по воспоставувањето на првата меѓуградска линија во Англија (1830) ја докажува нејзината ефикасност во Западна Европа и Отоманската империја цели за воведување на оваа нова технологија на нејзината територија. Како прва линија Империјата ја планира за поврзување на Истанбул со Виена. Одлуката е донесена на 31 мај 1868 година каде Белгиската компанија „ Van der Elst and Cie“ ја добива концесијата. Но поради финансиски проблеми, концесијата е предадена на Германскиот банкар Maurice de Hirsch, кој ја формира Ориенталната железница (CO- Chemins de fer Orientaux) да ја раководи линијата.

Првото железничко поврзување на просторот на Македонија се случува во 1873 година кога е воспоставена железничката врска меѓу Солун и Скопје. Истата била реализирана по фази, каде официјално врската Скопје Солун е отворена на 9ти Август 1873 година. Веќе другата година во 1874 година Скопје се поврзува и со Косовска Митровица. Северната линија до Ниш е отворена до 25 ти Мај 1888 година.

Железничкото поврзување на Скопје

За поврзувањето на Скопје Ориенталната железничка предвидува две железнички станици, главната станица која е сместен на крајот на денешна ул. Македонија и една секундарна станица во Маџир маало која имала за цел да ја служи врската север – југ. Благодарение на фотографската колекција на Султанот Абдул Хамид II постојат фотографиi од двете оргинални станици во Скопје.

Секундарната железничка станица во Скопје пред 1900

Секундарната станица е помала и има поедноставен и функционален изглед за разлика од главната железничка станица. Пуштена е во употреба со поврзувањето на Скопје со Ниш во 1889 година. Објектот има правоаголна основа на два ката со поткровје и со едноставен двоводен кров. Фасадната обработка едноставна со малтерисана фасада и камена опшивка на отворите и аглите.
За разлика од секундарната станица, главната станица има репрезентативен изглед и фасада со изразени западни влијанија. Подигната е во 1873 година. Објектот има симетрична основа на издолжен крст на два ката со поткровје. Главниот влез е врамен во дрвена опшивка и на двете страни биле поставени тремови за чекање.

Главната железничка станица пред 1889

Во нашето истражување за архитектурата на железничките станици градени од Ориенталната железница (CO- Chemins de fer Orientaux) наидовме на стара фотографија од железничката станица во Пловдив исто изградена во 1873 година. Од фотографијата може да се забележи дека станицата има скоро идентичен изглед со станицата во Скопје. Со оглед дека станиците се дизајнирани и проектирани од австриско-германски инженери можеме да претпоставиме дека е користен одреден шаблон за станици и стојалишта низ целиот потег на балканскиот полуостров.

Првата железничка станица во Пловдив изградена помеѓу 1870-1880

Со оглед на брзиот развој на Скопје и растот на популацијата веќе пред 1889 година железничкиот објект е проширен на источната страна заземајќи ја веќе постоечката форма и архитектура. На фотографиите после втората светска војна се забележува надоградба и на западната страна на станицата.

Оваа станица ќе продолжи да функционира се до 1937 година кога Банската управа решава да изгради нова железничка станица во Скопје за унапредување на железничкиот сообраќај. . Кога точно е срушена секундарната железничка станица кај Маџир Маало не успеавме да најдеме пишани материјали.

 

Менувањето на името во Српска Кралска станица Скопље во 1912 година

Просторот околу станицата, ~ 1920 година