Расадникот како потенцијал на Кисела Вода

Деновиве повторно се акуелизира Расадникот во Кисела Вода и последниот предложен урбанистички план. За темата имаме пишувано  претходно и за  потенцијалот на овој слободен простор од значење за  општината но пред се за градот Скопје.

 

Планот за Расадник 2016

 

Општина Кисела Вода претставува една некомпактна површина која е резултат на последните 3 децениски политички прекројувања на градот. Некомпактна од аспект на различни слики кои не комуницираат најдобро меѓу себе. Од некогаш урбанистичките бисери 11 Октомври – згради, индивидуалното домување и шмек на  Старо Скопје ( пред 63та) околу Чешма, повеќесемејните станбени куќи  кон Пржино до невкусен хаос на надградби, доградби, високи згради на мали улички без контекст.

 

11 Октомври – згради и 11 Октомври – бараки во втор план

60тите години на XX век

 

Општината стана една од најдеформираните градски простори доживувајќи кулминација со огромен пораз со населбата Расадник која е нехуман урбанистички потфат со пропуштени современи можности како од урбанистички аспект така и архитектонски.

 

населба Расадник денес / Google earth

 

Кога зборуваме за Скопје, кое не се избори за сериозни и смели нови зелени простори, Расадникот е одлична можност за балансирање во градот, за нов градски парк и ублажување на последиците од Цементарницата.

 

Позиција на Расадникот во однос на гоплемите зелените појаси на Скопје

 

Знаејќи ги законските рамки на лошиот урбанизам и начинот на финансирање на општините, знаеме дека е утопија целата површина да биде парк, но апсолутно е возможно победата да се постигне со 40-50 % квалитетно зеленило и оставање доволно простор за квалитетна станбена градба и изградба на објекти од јавен карактер кои недостасуваат во Кисела Вода (поликлиника, училиште, плоштад, црква, пазар, полиција, пожарна, спортски терени, квалитетни трговски содржини итн.)

 

Расадникот како средиште

 

Овој простор е премостување на разединетата структура и потенцијал да стане свртувалиште на целата средина.

 

Расадникот денес

 

Расадникот како градски парк е нешто кое може да добие посебен шарм, бидејќи тука веќе има развиена форма на флора. Можеме ли да замислиме парк кој ќе го интегрира ова зеленило. Со интересен пристап делови би се воиграле со новопосадени садници креирајќи флорални зони. Парк со ореви, цреши, вишни, шипинки како зачуван код од минатата функција на просторот би бил легитимен урбанистички спомен.

 

Насади со ореви  во Расадникот

 

Простор каде ќе наидеме на езерце, фино место за кафе покрај вода можеби педалинка. Колку ваквата слика би дефинирала идентитет на општината и удобност на жителите од околните населби?!

 

Поглед кон Водно

 

Расадникот е потенцијал, кој не смееме да го пропуштиме како Скопје, а особено како Кисела Вода. Општината преку овој потег може да го подигне нивото на живеење на цела околина и да го вклучи  во она што вистински значи градско живеење.

 

Средиштето на расадникот

 

Последниот план од 2016та и оној кој денес е понуден на јавна анкета има поместувања на подобро во поглед на јавните простори и функции и организираното градско зеленило (тука не говориме за тревници околу зградите).

 

2019 / 2016

 

Забележливо е продирање на зелени појаси и пешачки улици помеѓу, пешачка авенија, 3 поголеми парковски зеленила, јавни објекти и разбивање на големите блокови кои претходно постоеа.

 

Тековен урбанистички предлог

 

Значи можеме да констатираме подобрување од претходниот предлог план, движење напред и конечно дефинирање на градски парковски површини. Сепак, планот е далеку  од тоа што можевме и посакувавме како жители на Скопје, да се смени филозофијата на урбанистичкото планирање на градот, да застане капиталистичкото лудило на единствениот концепт на безкраен конзумеризам.

 

Како да ги промениме ваквите ситуации во иднина?!

1.  Градот не треба да функционира со поделба на 10 општини на  овој начин. Треба да се обедини во една градска управа, со еден градски татко и сектори кои се надлежни на  одредени региони ( во случајов тоа може да се границите на денешните општини). Тоа значи дека сите средства ќе се слеваат во една каса ( околу 200 000 000 евра ), помала администрација, градот нема да  функционира единствено по главните градски булевари туку ќе функционира на целата територија. Кога градот се набљудува како едно, полесно ќе се балансира со компензација на парцели. Повеќето парцели се приватни во делот на расадникот и поради немање средства општината да ги откупи,  не предвидува поголеми зелени површини, но доколку градот е една целина, тој би можел да компензира со друго градежно земјиште со кое би го обештетиле поседникот на сосем друг дел од Скопје .

 

Постоечки парковски површини и потенцијал за нови

 

Градот не може да се деградира во веќе урбаните средини, напротив треба да се дооформи и растерети од постоечките населби со новопроектирани (Скопје е недооформен град).  Доколку правите стратегија за цел град, одредувате таква позиција со посебен урбанистички план (на сопствено земјиште), предвидувате нова населба по теркот на Аеродром и Ново Лисиче, и со тие парцели компензирате и обештетувате се она што планирате да го присвоите во име на градот, особено на оние што денационализираа јавен имот. Тогаш можеме да очекуваме паркови, спорт и рекреација, контрола на густина на население, јавни простори и општокорисни проекти со растеретување на сообраќајот.

 

Скопје / Google earth

 

2. Во XXI  век, македонските општини нарачуваат урбанистички проекти, скоро исто како набавка на мебел за некоја канцеларија, наместо да распишуваат архитектонско-урбанистички конкурси на кои ќе можат да се здобијат со десетици решенија и концепти од меѓународна сцена. Доколку наградите се достојни, може да очекуваме и светски студија да конкурираат кои секогаш нудат и соодветна 3д визуелизација, која сама по себе е магнет за инвеститорите овозможувајќи продажба на идејата и убедување, а на граѓаните полесно да се запознаат со идната слика. Дури по изборот на победничкото решение, општината може да го даде истото на доработка  во форма на урбанистички план. Постапката на овој начин е јавна, истите ќе бидат изложени и презентирани во постапки со нормален рок , архивирани и оставени на разгледување на граѓаните.

 

Порта Влае

 

3. Обединетата архитектонска слика кај ваквите нови градски простори е утопија. Тоа што некогаш можевме да го видиме во бившата федерација, решавање на целосни потези ( Аеродром, Кисела Вода, Капиштец, Порта Влае итн.) преку архитектонско урбанистички композиции и дефинрање идентитет на просторот, денес е невозможно бидејќи секоја парцела има различен сопственик.

 

Населба Расадник

 

Но дали е навистина така, или немаме желба да ги менаџираме работите?! Доколку општината има интерес за изгледот на својот простор (или на дел од него) и сака да ја креира својата иднина, треба да заземе активно улога во тоа.  Споменатиот конкурс доколку е двостепен, во вториот круг може да се прават разработки на најдобрите 5 или 10 решенија, во идејни архитектонски проекти со соодветна надокнада. Буџетот за истото го покриваат инвеститорите, комисијата е сочинета од нивни претставници, општински како и професорите од архитектонските факултети. Тогаш сите ќе учествуваме во креирањето на градот, додека инвеститорите секако ќе го земат својот дел, како и сопствениците на парцелите.

 

Визуелизација на конкурсен труд – извор>>>

 

4. Законски измени се неопходни, за да можат ваквите процеси да станат пракса. Не е возможно урбанизмот да се планира во 2д. Контекстот на еден простор значи запознавање со истиот, посета на терен, контекст во градско ткиво, историја, препознавање вредности. Не смее урбанистичкото проектирање да се сведе на висина на венец и мансарден кров и една унифицирана равенка без краен лимит.  Поради ваквото 2д проектирање, го загубивме саемот, зелената куќа во Пржино, Беко, просторотот околу Старата железничка станица и се останато. Не препознавање на архитетконски вредни целини, културно наследство или потенцијал нема создавање на градски слоеви, континуитет, историја. Ако урбанистичкиот план не дозволи поместување на градежна линија, висина, менување фасада, тогаш инвеститорите ќе разгледаат друга локација во градот, а тука општините треба да понудат решение.

 

Стара железничка станица / Само прашај >>>

 

5. Изворот на општинските буџети треба да престане да биде конзумеристички. Доколку 70-80% од буџетот се полни од градење тогаш во одреден момент на потрошен простор, кој секако е ограничен ќе треба да се надградуваме , со што може да очекуваме надградба на 7 катен објект со дополнителни 5 ката. Оваа сатира ќе стане реалност ако веднаш не ја кренеме рачната кочница!

Колку и да не е популарна мерката, општината и градот мора да ги полнат сопствените буџети првенствено од данокот на имот и промет. Во моментов во Македонија се плаќа многу низок данок на имот и згора на тоа не се спроведува целосно.

 

 Населба Расадник /  Google earth

 

За станбен простор од 70 м2 плаќате околу 1300 денари годишно, што е нереална сума ( неспоредливо со било која друга земја). Кога овој данок на имот би се зголемил на 6000 денари, тогаш можеме да бидеме сигурни  дека општинските проекти од јавно значење нема да зависат единствено од изградбата на новите објекти. Најлесно е да се побуниме и да речеме НЕ,  но доколку општината е нашиот дом, и сметаме дека просторот во кој живееме е вреден, тогаш тој треба да се оддржува секако од нашите пари. Сакаме паркови, велосипедски патеки, не сакаме нови згради,  во тој случај треба и да ја зголемиме свесноста – данокот на имот е можеби најбрзиот чекор кој би дал промени.

 

6. Утопијата на фанатизмот дека нема никогаш повеќе нема да се градат нови објекти на ниту една локација во градот, и дека се ќе претвориме во шума, чувајќи ги  дури и заболените дрва, треба еднаш засекогаш да престанат, додека речникот на критиката да нуди простор за дијалог наместо копање ров и бескрајно обвинување кое единствено користи на политичките игри. Кој  е опозиција секогаш добива одлична можност за злоупотреба на вистинските проблеми на граѓаните, а резултатот на крај е само промена на власта и веројатно бојата на пропагандистичкиот материјал.

 

 

Расадникот е потенцијал не само на Кисела Вода, туку и на Скопје. Ова локација во сегашната состојба на градот, може да биде позитивен пример за кој треба сите да се заложиме. Ќе успееме ли?