РАЗГОВОР СО ТАТЈАНА DE GROOD – ТРАЈКОВСКА

Во име на МАРХ Македонска архитектура разговорот го води Филип Конески >>>

 

  • Татјана најпрво да Ве поздравиме во име на МАРХ! 🙂

Со овој разговор посакуваме да ја запознаеме македонската сцена со вашата работа, па да започнеме од почеток – Која е Татјана?

 

Здраво Филип, здраво МАРХ. Благодарам на поканата.

Татјана е Скопјанка која живее во Холандија и Белгија, а работи во Холандија како архитект.

Во Скопје дипломирав архитектура на државниот архитектонски факултет. Во Холандија магистрирав архитектура на академијата во Мастрихт.

Можеби интересно веднаш да се обидам да го објаснам едукативниот пат до титула архитект во Холандија. Постојат две можности. Првата е претпоставувам слична со ситуацијата во Македонија: бачелор (3 год.) и мастер (2 год.) ‘bouwkunde’ што во буквален превод значи ‘градителска способност’ и се студира на техничките универзитети. После дипломирањето задолжителна е двегодишна пракса во проектантска фирма.

Втора можност е преку бачелор (4 год.) на висока техничка школа и мастер (4 год.) на академија за ‘bouwkunst’ што во буквален превод значи ‘градителска уметност’.

И двата термина означуваат архитектура со таа разлика што кај ‘bouwkunde’ пристапот е повеќе инженерски, а кај ‘bouwkunst’ повеќе концептуално креативен.

Академскиот мастер е комбинација со пракса. Секој студент мора да работи или стажира минимум три дена неделно во проектантска фирма и паралелно да следи настава на академијата. Праксата се оценува два пати годишно преку презентација на портфолио пред комисија. На академијата предаваат архитекти кои се истовремено или вработени архитекти во проектантски фирми или имаат свое проектантско студио. На тој начин се создава еден здрав микс на теорија и пракса. Мислам дека овој тип на образование е уникатен во Европа и пошироко.

 

 

 

  • Како започна вашиот професионален пат?

Во Мастрихт, Холандија се преселив пред 17 години бидејќи мојот сопруг е Холанѓанец. Првата година ја посветив целосно на учење на холандскиот јазик. Иако Холандија е земја во која и со англиски јазик лесно се снаоѓа, за мене беше незамисливо да живеам во една земја а да не го зборувам локалниот јазик. Тој мој став се покажа многу важен за мојата професионална кариера, но и за мојата интеграција во холандската средина во која живеам. Иако Мастрихт е интернационален град, сепак е речиси невозможно да работиш во архитектура без владеење на холандскиот јазик.

Моето работно искуство започна во бирото RMA   https://www.ruimtemakers.nu/   каде што работев пет години. Потоа работев уште пет години во бирото N architecten http://www.n-architecten.nl/

Двете бироа беа средно големи со околу десетина вработени. Работев тимски на различни проекти од станбени до деловни, од индустриски до рекреативни.

 

  • Живеете и делувате во Холандија. Основач сте на студиото TT architectuur. Како започна таа приказна?

Како архитект во Холандија во одреден момент се наоѓаш во ситуација да одлучиш дали сакаш да бидеш во работен однос до крајот на својата кариера, дали сакаш да станеш партнер во фирмата каде што си вработен секако ако ти се укаже шанса, или да пробаш да работиш самостојно. Јас после десет годишно искуство одлучив да преземам доста храбар чекор и да пробам да се снајдам како самостоен архитект во земја од каде што не потекнувам.

Прикаската TT architectuur започна пред шест години. Проектите ги работам главно самостојно со помош на студенти кои доаѓаат на пракса. Студиото ми е лоцирано во Мастрихт во една инспиративна работна средина каде што работат креативци. Од уметници, танчери, глумци, фотографи до графички и модни дизајнери и јас како архитект. Објектот каде што се наоѓаме беше до пред 15 години дел од една од најголемите цементарници во Холандија која од пред 2 години не функционира. Пренамената на стари индустриски објекти со нови функции е веќе поодамна во подем.  Холанѓаните го ценат не само културно-историското градителско наследство туку и индустриското. Уникатноста на овие објекти и трансформациите со нови содржини инспирира на креативност.

 

 

 

  • Каков вид на проекти најчесто работите, дали сте сконцентирани кон одредена типологија на објекти или секоја работа е свој предизвик?

Бидејќи работам во главно сама решив да се фокусирам кон приватни инвеститори и кон помали проекти кои самостојно можам да ги водам од почеток до крај, односно од идејно решение до план за градежна дозвола, разработка и естетски надзор при изведбата.

Работам пред се доградби на постоечки куќи, реновирања и ентериери на куќи и станови. Холанѓаните преферираат да живеат во куќи, сакаат да имаат поголем простор, приватност, сопствен двор. Постоечки куќи не се рушат, туку се реновираат, доградуваат и се адаптираат на модерниот начин на живот.

Повеќето новоградби се сериски куќи кои се градат преку агенции за недвижности во соработка со општините и поголемите проектански фирми. На проектирање на такви проекти работев во фирмите каде што бев вработена.

Новоградби по мерка за приватен инвеститор кој има свое земјиште се реткост. Во Белгија на пример приватни лица многу почесто градат свои куќи. Моментално работам на една модерна вила во Белгија заедно со една од фирмите каде што работев.

Мислам дека низ годините искуство овде ми се разви некој свој препознатлив стил како архитект. Важно ми е инвеститорите да знаат која сум и да сакаат да работат со мене заради моето видување на архитектурата и мене како личност, а не само затоа што им треба услуга од архитект.

 

 

Погледнете повеќе за овој објект >>> https://www.tt-architectuur.nl/woonhuis-m68-gallery

 

  • Што значи да се биде архитект во Холандија. Каков е статусот на оваа професија во тамошното општество и колку „чекори“ се потребни да бидете прифатени од истото?

Архитект е почитувана професија во Холандија и не се станува лесно. Се студира долго и темелно за да се стекне титулата архитект. Во Холандија има еден интересен феномен: Од една страна титулата архитект е заштитена и без да го завршиш соодветното образование и пракса не можеш да се регистрираш како архитект. Од друга страна професијата не е заштитена, односно не мораш да си архитект за да поднесеш проект за дозвола во општина или да работиш активности кои ги работи архитект. Во таа смисла архитектите овде имаат конкуренција не само меѓусебно туку и  од инженери и техничари.

Постојат две здруженија на архитекти. Првото, задолжително ако сакаш да се нарекуваш архитект е регистерот на архитекти каде се регистрираш со мастер диплома и пракса. Членарина на годишно ниво е 65 евра. Второто е сојузот на Холандски проектантски фирми каде членството зависи од големината на фирмата и почнува од околу 1000 евра па нагоре.

Во Холандија не постојат лиценци за работа споредбени со оние во Македонија. Во тој поглед сите добиваат шанса да се пробијат и истакнат во професијата, но тоа не е така лесно како што на прв поглед изгледа. Имено, општините играат круцијална улога во мониторинг на квалитетот на архитектонскиот или урбанистички проект.

 

 

Првично се поднесува идеен план кој се оценува од секторот за урбанизам во однос на пропорциите на волуменот и неговиот сооднос со веќе изградените објекти во околината. Се обрнува големо внимание да не се наруши севкупната улична слика. Доколку локацијата се наоѓа во заштитено градско или рурално подрачје идејното решение се оценува и од секторот за културно-историско градителско наследство.

Откако овие два сектора ќе се изјаснат позитивно, идејното решение оди на оценка кај таканаречената естетска комисија составена од еден архитект доколку се работи за помала интервенција и нема промени на уличната фасада. Сите проекти од реновирања каде се менува уличната фасада до новоградби ги оценува повеќечлена комисија која има минимум три до пет и повеќе членови доколку се работи за објект со културно-историско градителско значење. Членовите на естетската комисија се екстерни архитекти кои се имануваат на период од максимум два термина од по три години во иста општина.

Архитектот го презентира – брани поднесениот идеен предлог план пред естетската комисија и после добиена согласност предложеното решение се разработува до градежно технички план за добиванње на дозвола за градење.

Мислам дека токму ваквиот систем на оценување на плановите, пред се на идејните решенија е заслужен за квалитетот на архитектурата и урбанизмот во Холандија.

Холанѓаните се свесни за тоа и моето лично искуство вели дека како архитект со странско потекло не е лесно да се снајдеш, но е возможно. Дипломата не е гаранција за квалитетот на работата на архитектот, треба да се докажеш и да го заслужиш своето место под сонцето. Тоа важи впрочем и за самите Холандски архитекти. Дури и светски реномираните архитекти како Rem Koolhaas и Winy Maas ги бранат своите идејни планови пред естетските комисии.

 

  • Дали сте имале конкретно професионално искуство во Македонија и доколку да, каква паралела може да се направи со Холандија?

Во Македонија работев вкупно пет години (2000-2005) во три различни фирми. Започнав во една помала фирма која работеше со монтажни куќи. Незнам дали сеуште постојат, но последните две плати сеуште ми ги должат. 😉 Во Холандија е незамисливо да не те исплатат за завршен труд.

Потоа работев како изведбен надзор за австриската фирма која ги изведуваше монтажните објекти на Штуловиот универзитет во Тетово. Од австриската фирма научив многу во однос на изведба и надзор. За време на изведбата соработувавме со Леснина инженеринг каде подоцна преминав да работам. Таму се ориентирав кон ентериерно уредување и работев до моментот кога се преселив.

Кога дојдов во Холандија мислев да продолжам со ентериери, но се предомислив и решив да пробам да се снајдам во архитектурата.

Првата година ја посветив на учење на Холандскиот јазик и култура со цел да се интегрирам што подобро. Брзо потоа се запослив како проектантски инженер во проектанска фирма, но во 2009 се случи кредитната криза и многу проектантски фирми се преполовија, некои и пропаднаа. Во тоа време решив да се дошколувам на академијата за архитектура (bouwkunst – градителска уметност) во Мастрихт.

Мастрихт е мал, но преубав град на крајниот југ на Холандија во непосредна близина на Белгија и Германија. На академијата ни предаваа локални но и архитекти подалеку од Холандија, Белгија и Германија. Образованието се одвиваше на холандски јазик, на англиски само во случај на предавач од странство.

Во тоа време преминав да работам во друга проектантска фирма каде сто останав уште пет години после кои одлучив да работам приватно под името TT architectuur. Иако не е лесно се да бркаш самостојно во една земја од каде што не потекнуваш и е финансиски неизвесно, среќна сум што ја донесов таа одлука. Кога работиш како самостоен архитект секоја прифатена понуда и идејно решение, секоја добиена дозвола за градба и изведен проект се моменти на професионално но и лично задоволство. Тоа ме мотивира да продолжам со работа по патот по кој тргнав пред шест години. Се навикнав на Холандскиот менталитет и мислам дека максимално се интегрирав во средината. Благодарна сум што Холанѓаните тоа го ценат.

 

  • Холандија е земја од која доаѓаат едни од најуспешните бироа на светската сцена во моментов. Дали тоа е предизвик или недостижна е идејата да им се конкурира на ваквите моќни студија?

Точно така. Има многу успешни архитекти и проектантски фирми на светско ниво. Повеќето се во Амстердам и Ротердам, но и во Мастрихт има неколку интернационално реноминирани проектантски фирми / архитекти. Мислам дека Холандија е земја во која доколку имаш одредени амбиции постојат шанси да ги оствариш. Не е моја лична амбиција и претпоставувам дека не е лесно да им конкурираш на познатите фирми. Но, и тие некогаш започнале како мали па успеале да се пробијат. Секако треба многу коцки да се поклопат.

 

 

Како архитект сум модернист и уживам да посетувам архитектонски достигнувања не само во Холандија туку насекаде каде што патувам. На пример првиот пат во Париз ги посетив сите таканаречени ‘туристички’ ‘must see’ атракции, но вториот пат ги посетив објектите на Le Corbusier, третиот пат на Jean Nouvel и Frank Gehry. Тоа се икони од светски размер.

Јас лично работам на помали проекти со приватни инвеститори каде самостојно можам да понудам целосен пакет на услуги од архитектонски и ентериерен дизајн до естетски надзор на изведбата. Динамиката кај помалите проекти и директниот контакт со инвеститорите се она што ме привлекува. Не сум тип кој со денови црта на компјутер освен кога мора. Моите идеи настануваат на скиц хартија. Можеби звучи романтичарски во ова дигитализирано време, но јас сакам да скицирам, да направам макета. Сакам да одам на градилиште и да го следам процесот на изведба, се радувам кога ке видам како идејата од хартија станува реалност.

 

  • Холандските градови се полни со градителско наследство. Нивната традиционална архитектура е препознатлива и претставува своевиден бренд на државата. Дали некогаш сте имале проектантски предизвик кој бил во некаква врска со степен на заштита или можеби споменик на културата?

 

Свеста за значењето на кутурно-историското градителско наследство во Холандија е голема како во струката така и надвор од неа. Естетските комисии се многу строги при оценување на проекти за реставрација или реновирање на објекти со монументален статус или таканаречен споменик на културата.      Градот Мастрихт има само 150 000 жители а е втор град по големина во Холандија со објекти со монументален статус. Оттука и естетската комисја во Мастрихт важи за една од најстрогите. Пред околу три години се сретнав за прв пат со естетската комисија во следниот состав: 1 претстедавач архитект, 3 архитекти, 2 историчари за заштита на градителско наследство, 2 архитекти од секторот за културно-историско наследство, 1 инженер од секторот за градежни дозволи, 1 граѓански претставник, 1 секретар / нотулист.

 

 

Се работеше за куќа со монументален статус во стариот градски центар на Мастрихт. Проектната задача на мојот инвеститор беше амбициозна со оглед на статусот на куќата. Желбата беше куќата под која во приземјето поминува пасажна улица да се подели на два стана: едниот на приземје и прв кат, вториот во поткровје.

 

 

Идејата ми беше во постоечкиот објект да креирам еден вид на нова монументалност која нема да го наруши автентичниот карактер на старата архитектура. Да создадам еден вид на симбиоза во која старата и новата монументалност ке се надополнуваат една со друга креираќи едно уникатно просторно доживување. Естетската комисја го препозна квалитетот на предложениот план.

Главен елемент во архитектонскиот концепт беше решението на скалиштата на двата стана кои меѓусебно се разминуваат во двојна спирала како скалите на Leonardo da Vinci во замокот ‘Chambord’ во Франција. Поради ограничениот простор заради пасажната улица беше голем предизвик функционално да се решат скалите на хартија но и да се изведат во замислениот дизајн како абстрактна аорта на објектот.

 

 

Во приземниот стан скалите се отворени и се доживуваат како минималистичка скулптура во седум метри високиот галериски простор преку кој визуелно се поврзани двата ката.

Во поткровниот стан скалите се пристапни од пасажната улица и се интровертни додека не пристигнат во поткровјето замислено како отворен простор.

Стариот ѕид од цигла и дрвените кровни греди кои ги реставриравме и инкорпориравме во модерно замислениот простор го акцентуираат автентичниот карактер на објектот. Погледот го привлекува новата баџа ентериерно замислена како тридимензионална визурна рамка преку која погледот се насочува кон староградскиот пејсаж од кровови каде доминираат двете највисоки камбанарии во градот.

 

Погледнете повеќе за екстериерот и ентериерот на објектот >>>

https://www.tt-architectuur.nl/woningt16_renovatie_interieur_rijksmonument

https://www.tt-architectuur.nl/nieuw-woning-t16-renovatie-interieur-rijksmonument

 

  • Колку се строги холандските легислативи во поглед на урбанизмот и конкретно на темата културно наследство? Дали холанѓаните самоинцијативно се свесни и се грижат за своето наследство или тоа е целосно препуштено на државата?

Легислативите се многу строги. Придржување кон законите и правилата е задолжително. Во исклучителни случаи се одобруваат предлози со радикални промени на постоечката архитектура, а доколку се работи за монументален објект и ентериерот е под лупа. Колку објектот има позаштитен статус, правилата се построги и комисиите за оценка на планот поголеми. Како архитект се чувствуваш во моментот на одбрана на идејниот план како да си на испит. 🙂

Комплексна материја е успешно да се негува градителската историја и истовремено да се дава простор за нова современа архитектура. Мислам дека Холанѓаните имаат воспоставено уникатно добар систем. Но, не било отсекогаш така. Естетските комисии се појавиле некаде ако не се лажам во осумдесетите години кога се забележал пад во квалитетот во архитектурата и урбанизмот.

 

 

  • Дали сте запознаени со состојбата на македонската сцена. Дали ви се познати премрежјата изминатава декада и како изгледаат работите од тамошна перспектива?

Секако. Мојот завршен проект на Мастерот овде беше поврзан со Скопје. Како вљубеник во модерното постземјотресно Скопје и Модерната воопшто, бев голем критичар на проектот Скопје 2014 уште во самите најави. Ако гледам од денешна перспектива, реализацијата на овој проект доведе да се оддалечам од Скопје како роден град бидејќи веќе не го препознавав. Но ако сум искрена, неизбежна е констатацијата дека не само Скопје 2014 e виновно за нарушување на просторната рамнотежа во градoт. Јас лично го доживувам денешно Скопје како преизграден град, со исфорсирани високоградби и молови, нерешено паркирање, зеленило кое секојдневно исчезнува. Некако спротивен тек на развој на градот во однос на актуелната проблематика во светот околу климатските промени, глобалното затоплување, недостатокот на енергенси. Квалитетот на живот како да се намалува наместо да се подобрува благодарение на урбанизмот и архитектурата. Парадоксално нели? Не мораше да биде така. Не ја искористивме дадената шанса со постземјотресната обновата. Имавме среќа во несреќа светски познати архитекти да го осмислат градот. Жал ми е што како град не го задржавме тој правец. Не сум во тек, но се прашувам еве дали откако сме смаостојна држава сме поканиле некој светски познат архитект да работи на значајни за градот планови? Болна тема ми е Скопје, сеуште го носам во моето срце и покрај се го сакам.

 

 

  • Доколку можете да се вратите во времето и да го рестартирате истото, која е датата за Скопје и Македонија до која би се навратиле и би почнале одново?

Интересно хипотетичко прашање. Сум размислувала на таа тема кога работев на дипломскиот труд овде. Мислам дека би го вратила Скопје во осумдесетите години. Колку што сум запознаена на почетокот на осумдесетите години се завршени некои капитални објекти од обновата како што е објектот на МОБ. За мене заедно со зградата на главната пошта и владата во својата оригинална форма едни од најценетите архитектонски достигнувања во градот.

Во деведесетите години почнува една сеопшта транзиција со распадот на Југославија и таа несомнено се чувствува во архитектурата и урбанизмот. Мислам дека трае до ден денес.

 

  • Постои ли македонски архитектет кон кого имате посебна почит?

Архитектот Ѓорѓи Константиновски кој беше професор по предметот станбени згради на архитектонскиот факултет од оние кои што сум ги познавала.

Од оние на кои им се восхитувам е Јанко Константинов, архитектот на главната зградата на скопската пошта.

Каде бевме, каде сме сега…

 

 

  • За крај имате ли некоја порака кон домашната сцена. Некаков совет можеби?

Можеби најдобро да ја рефлектирам својата работна методологија како холандски архитект во моментов.

Секој проект за мене започнува со добро осмислен архитектонски или ентериерен концепт кој се вклопува во урбанистичкиот и општествен контекст. Вклопување не значи копирање или негирање на она што веќе е изградено во околината, туку почитување на истото преку креирање на објект со своја посебност.

 

Видео материјал во кој Татјана го објаснува концептот на современа  интервенција на куќа во Мастрихт >>>

 

Суштината ја барам во едноставноста и јасноста на решението. Се трудам да создавам простор кој зрачи чистота и топлина истовремено. Се стремам кон ‘Less is More’ што е извонредно тежок принцип на проектирање бидејќи просторното доживување, визурите, движењето, упадот на дневна светлина се круцијални архитектонски елементи. Заедно со добро осмислена материјализација на објектот и изведбени детали овие елементи придонесуваат една градба да биде доживеана како архитектура.

Архитектурата за мене не е само професија, туку и моја пасија, мое хоби. Тоа е она што ми дава инспирација да продолжам на патот кој го започнав како архитект и како човек љубител во архитектурата.

 

Во име на Марх Македонска архитектура Ви се заблагодарувам за одвоеното време и Ви посакувам успех во вашиот понатамошен развој и делување во светот на архитектурата!