Реконструкција на “Виолетовиот мост“ во Крива Паланка / Параметар Студио

Автори:  Методи Хаџи Андов, Димитар Стефановски, Сашо Андријевски, Игор Сугарчев

Студио:  Параметар

Година на проектирање : 2022

Локација:  Крива Паланка

 

Виолетовиот мост пред реконструкцијата

 

Од проектите за реконструкција и редизајн на постоечките мостови во Крива Паланка, завршен e првиот проект за Виолетовиот мост. Истите имаат за цел да ги реконструираат и редизајнираат вкупно петте мостови во градот.

 

Ситуација на ново решение

 

Главната идеја на проектот започнува со потребата за подобрување на лошата конструктивна состојба, во која мостот е затекнат пред започнувањето на градежните активности. Конструкцијата на мостот е плочеста со мали конзолни испусти кои се затекнати во прилично лоша состојба и недоволна носивост за анкерување на нова ограда. Во првата фаза од проектот се заменуваат конзолните испусти со нова армирано бетонска плоча и цокла за да може да се предвиди нова ограда со соодветна тежина. Понатаму  извршена е целосна репарација на постоечката конструкција и фарбање со боја за бетон.

 

Изглед на ново решение

 

Проектот исто така вклучува и доградба на нови и реконструкција на веќе постоечки скали од двете страни на мостот. Со тоа овозможено е надминување на денивелациите на теренот и лесна пристапност до кејот на реката, кој е препознаен како квалитетен простор и истиот е интегриран во самиот проект преку соодветно партерно уредување.

 

 

Дизајнот на оградите на самиот мост, имаат за цел да нѐ навратат кон историјата и развојот на културата и жителите од п.н.е. Главните мотиви кои се искористени во обликувањето на оградата, преставуваат карпести гравири, пронајдени во близина на Крива Паланка, од страна на професорот Душко Алексовски, докторант по архелогија и палеонгвистика.

 

Визуелизација на решение

 

Овие гравири претставуваат еден вид на пораки т.е писма, во форма на вградени и сликани форми и скулптури. На овој начин, самото обликување на оградата придонесува кон трајно дефинирање на кулртурно, историско и археолошко наследство.

 

Визуелизација на решение

 

Идејата на проектот тежнее кон интегрирање на мостот во самиот контекст и динамичното опкружување, поради тоа истиот е замислен како силуета која лебди во просторот. Истото е постигнато преку материјализацијата на мостот, која се разликува од околните текстури, како и оградите на скалишните јадра, обработени од бетон, кои имаат за цел да ја продолжат веќепостоечката масивна структура на постоечките ѕидови на кејот и мостот.

 

Детал на ограда

 

Идејата за силуета која лебди во просторот е постигнато и преку изборот на боја која е употребена во обликувањето на мостот и која непосредно се поврзува со крововите од куќите, кои наѕираат во позадина.