Реконструкција на мостови во Крива Паланка / Параметар студио
20.10.2025 • XXI век
Автори: Методи Хаџи Андов, Димитар Стефановски, Сашо Андријевски, Игор Сугарчев, Иван Тодоровски
Студио: Параметар
Година на проектирање : 2022
Година на изведба : 2025
Локација: Крива Паланка
Инвеститор: Крива Паланка
Реконструкцијата на оградите на пет стратешки мостови во Крива Паланка претставува клучна интервенција насочена кон унапредување на урбаната инфраструктура и визуелниот идентитет на градот. Проектот предлага интегриран архитектонски јазик кој ги комбинира аспектите на безбедност, визуелна транспарентност и естетска конзистентност.
Главната идеја на проектот започнува со потребата за подобрување на лошата конструктивна состојба на мостовите пред започнувањето на градежните активности.
Осички мост
Редизајнот на Осичкиот мост воведува ново ниво на комуникација помеѓу речното корито и урбаното ткаење. Оградата е изработена од ритмички поставени метални панели со кои се создава динамична игра на светло и сенки. Панелот е изработен од едно парче лим со принцип на превиткување – оригами од кои се создава архитектонска структура која го претставува движењето, трансформацијата и дијалогот со иднината на градот.
Виолетов мост
Интервенцијата на Виолетовиот мост го нагласува наративот на дамнешната карпеста уметност односно пораки преку кои се пренесувале пораките во минатото. Така оградата се претвора во визуелен носител на пораки од историјата на местото преку прецизно исечени знаци кои биле пронајдени во близина на Крива Паланка, од страна на професорот Душко Алексовски, докторант по архелогија и палеонгвистика. Идејата на проектот тежнее кон интегрирање на мостот во самиот контекст и динамичното опкружување, поради тоа истиот е замислен како силуета која лебди во просторот. Истото е постигнато преку материјализацијата на мостот, која се разликува од околните текстури, како и оградите на скалишните јадра, обработени од бетон, кои имаат за цел да ја продолжат веќепостоечката масивна структура на постоечките ѕидови на кејот и мостот. Идејата за силуета која лебди во просторот е постигнато и преку изборот на боја која е употребена во обликувањето на мостот и која непосредно се поврзува со крововите од куќите, кои наѕираат во позадина. Ретката рамнотежа помеѓу материјалната масивност и визуелната леснотија го прави мостот симбол на поврзаност – помеѓу објекти и луѓе, минато и иднина, тишина и збор.
Градечки мост
Градечкиот мост добива нова улога во урбаниот пејзаж преку интервенција што ја нагласува неговата транспарентност и поврзаност со паркот во градот. Формата е строга, но и разиграна – создава рамнотежа помеѓу стабилност и движење. Таа станува рамка за секојдневните сцени – наративи од животот на луѓето.
Шанин мост
Шанин мост е реконципиран како објект на транзиција, не само во физичка туку и во симболичка смисла. Оградата функционира како светлосна инсталација – нејзината вечерна експресија го претвора преминот во амбиентален коридор – влез или излез од градот. Инспирацијата од традиционалните шеми се рефлектира преку геометријата на панелите кои се преплетуваат во функција на ограда и создава целина која не претставува само премин, туку и сцена на спојување на двата дела на градот и природниот тек на реката.
Соларски мост
Соларскиот мост се поврзува со дизајнот на Градечкиот мост. Соларски мост е единствен кој се наоѓа на Дурачката река, во самиот центар на урбаното ткаење на градот и во непосредна близина до паркот до каде што се пристапува и преку Градечки мост. Интервенцијата го зајакнува чувството на преминување и движење низ главната улица во градот, а геометрискиот јазик се поврзува со контекстот, поточно со фасадата на училиштето во позадина .
Со ваквата интервенција, се овозможува не само зголемена безбедност и функционалност на мостовските премини, туку и создавање на препознатливи јавни структури што пренесуваат порака од минатото и го афирмираат речното крајбрежје како простор за движење, престој и визуелно доживување. Новите огради воспоставуваат современ, но контекстуално чувствителен однос кон околината, придонесувајќи кон трансформација што симболизира поврзаност, напредок и промислена грижа за јавниот простор.
Автор на статија: Filip Koneski
Виолетов мост / Градечки мост / Крива Паланка / Мостови / Осички мост / Реконструкција / Соларски мост / Шанин мост

























