Ресторан „Езерце” / Конески, Георгиев 2014
03.03.2015 • XXI век
Конкурсен труд 1ва награда
Автори: Филип Конески и Борко Георгиев
Соработник: Иво Ѓеорѓиев
Локација: Градски Парк- Скопје
Година на проектирање идејно решение: 2014
Атрактивната локација и специфичните услови на истата, со обврзување да се сочува нешто од спомените на стариот објект, не насочи на поширока анализа на опкружувањето .
Доколку ја погледнеме блиската околина на локацијата, лесно ги забележуваме обликовните потези, кои се поврзани со функцијата и естетиката на спортско-рекреативните објекти и простори. Кривата се појавува како паралела на кејот на Вардар со кејот на езерцето (вода со вода). Затворајќи ја кривата обликуваме елипси, стадионски и кружни полиња, служејќи на функциите – спортска арена, рекреативна патека, езеро, тревник, жардињера, лавиринт, итн.
Kодот на просторот ( слободна или затворена крива), ја забележавме и во школката која претставува добар пример од постземјотресната скопска архитектура – употреба на смели армирано-бетонски конструкции.
Школката ја гледаме како претставник на современата градителска традиција во Македонија, како почеток на кому се надоврзуваме со почит, премостувајќи ја кривата во нова интеренција како заклучок помеѓу слободната крива на школката и дефинираната затворена крива на стадионот.
Во тој дух, кодот го препознаваме и во остатоците од старите објекти, ги прочистуваме од правите, и ги довршуваме нивните криви, формирајќи круг.
Првата функција на стариот објект била железничка станица. Асоцијацијата на поврзување на 2 точки (населени места ), ја интерпретираме со тремски зафат меѓу нашите две точки ( затворени криви).
Теренот „каскадно“ го спуштаме до нивото на водата, со цел добивање плус метар во висина (5 +1 = 6) и создавање на природна атмосвера. Тенденцијата на спуштање започнува од јужната трибина, преку насипот до нашата локацијата.
Ресторанот е организиран на три нивоа
-подрум
-приземје
-кат со галериско отворање кон салата
Во подрумот се сместени тоалетите за мажи и жени лица со инвалидитет, и просторија за превивање. Пристапот е овозможен со вертикални комуникации скали и лифт. Покрај овој јавен дел, сместени се гардеробите за вработените, магацин со ладилник, перална и сушална, како и техничките простории. Магацинскиот простор е директно поврзан со економскиот влез од надвор, а со кујната преку лифт и скали (топла врска).
Приземјето е организирано со комуникациски тракт (влез, скали, ходник, гардероба за посетители, лифт), кујна за 60-100 лица и сала за ресторанот со бар. подиум и простор за музицирање.
Ресторанот има вкупен капацитет (со галерија) од 70-80 гости во внатрешноста на објектот. Нуди можност за реорганизирање и адаптирање за посебни прослави, танго случувања, коктел забави, концерти, промоции итн. Заедно со летните тераси, капацитетот може да достигне и до 150 гости. За таа цел, објектот поседува и летна кујна, која обавува функција и на „fast food“ – брза храна, а со тоа и остварување на дополнителни приходи поради одличната местоположба во средиште на паркот. Особено во викендите и деновите на спортски настани. Покрај неа, новото Езерце поседува и летен бар, додека катчето за забава не е предвидено од причини што постои во соседната јавна површина.
Катот е поделен на галерија (за ресторанот), и администрација. Во неа се сместени канцеларија за менаџер, офисот и тоалети.
Ентериерното обликување, не беше дел од побарувањето на конкурсот. Понудените визуелизации се со цел да се почувствува амбиентот на внатрешнсота на лушпата, да прикаже возможна ситуација, но не и дефинитивен предлог за изгледот на внатрешноста. Таа фаза е последна во изведбата на објект од ваков карактер
По добивањето на првото место, жири комисијата го образложи следното:
Кога набљудуваме конкурсно решение, од исклучително значење е да се запази конкурсната документација и барањата во истата. Во неа се вклучени конкретни податоци за квадратура, висина на венец, граници на опфат, број и намена на простории, градежна и регулациона линија ( особено битни и влијателни во обликувањето и организацијата на објектот) , што треба да се зачува а што преобликува итн.
За квалитетен тек на работите во една ваква организација од иклучително значење е составувањето на квалитетна конкурсната документација, која не е возможна без познавање на историските, географските податоци на просторот, духот и карактерот на локацијата, опкружувањето и стандардите потребни за еден таков објект. Следно е избор на професионална жири-комисија, која мора да ги следи правилата зададени во конкурсната документација, да поседува знаење од тематиката и објективен став.
Побарувањата на конкурсот за ресторан Езерце, беа следни:
1. ЦЕЛ НА ПРОГРАМАТА
Целта на програмата е да се изработи Архитектонско урбанистички проект и идејно
архитектонско решение за објект ″Езерце-култно место″ согласно ДУП Централно
зеленило покрај река Вардар-Јужен дел.
Ресторанот покрај постојното езерце во Градскиот парк, во меморијата на жителите на
градот Скопје е запаметен како место со особено значење, од каде што на своето патување
до Сарај и назад, поаѓаше популарниот воз ″Ќиро″. Остатоци од градбата што
претставувала железничка станица и денес се присутни во Градскиот парк и истите треба
да се вклопат во идејното решение за ресторан.
Во подоцнешниот период на истата локација функционираше ресторан Езерце, што на некој
начин претставуваше култно место за боемите, но подеднакво беше посетувано од сите
жители на градот Скопје.
Живописното опкружување на ресторанот-езерцето со мостот и зелениот појас треба да
претставува облагороден простор за посетителите, особено за најмладите.
Функционалните, конструктивните и естетските барања на објектот треба во целост да
бидат усогласени со мемориската матрица и современите трендови вообичаени за
обликување на ваков тип на објекти и парковски простори.
4. КРИТЕРИУМИ
Како приоритети се наведуваат следните критериуми:
-Целосна застапеност на програмските содржини
-Современ архитектонски израз со почитување на карактеристичните
архитектонски елементи од традиционалната, македонска архитектура.
– Вклопување на остатоците од постојната градба како ″цитат″ од претходниот
архитектонски израз
– Воспоставување на органска врска со природата
-Оригиналност и иновативност на идејното решение
– Економичност на решението со енергетска ефикасност
-Овозможување соодветен пристап на лица со посебни потреби како до објектот
така и во внатрешноста на објектот
5. СИТУАЦИЈА И ИНФОРМАЦИЈА ЗА КОНТЕКСТОТ
Опис на локацијата
Објектот е лоциран на К.П. 5332, К.О. Центар 2. Градежната парцела со ознака 5.2 во
ДУП – Централно зеленило покрај река Вардар-Јужен дел е со површина од 1046 м2.
Истата е дефинирана со градежни и регулациони линии и согласно зададените
параметри за градење не се дозволува отстапувања.
Предвидената површина за градба на објектот изнесува 470 м2, со височина на
хоризонтален венец 5.00м.
Бруто развиената површина за градење изнесува 470 м2.
Пешачкиот пристап до локацијата е обезбеден преку постојните патеки во Градскиот
парк, дрвено мовче на каналот од езерцето и насипот од североисточната страна на
градежната парцела.
Паркирањето на возилата е предвидено во планираните катни гаражи. До изградба на
истите, ќе се користи времено паркиралиштето покрај насипот на североисточната
страна од градежната парцела 5.2.
6. ПРОЕКТНИ БАРАЊА
Содржина на објектот :
Дел наменет за посетители:
-Влез за гости во ресторанот
-Гардероби и тоалети за гости
– Сала за гости
-Сепариран простор за гости
– Простор за музика
-Подиум за игра
– Трем и отворени тераси
Економски дел:
-Економски влез
– Тоалети и гардероби за врботени
– Канцеларија за менаџерот на ресторанот
– Магацински простор и други помошни простории
– Кујна за подготовка на храна
– Офис
Подрум:
– Остави
– технички простории
Партерно уредување:
Во партерот да се предвиди можност за подиум за игра, изложби, претстави и
други содржини во зависност од имагинацијата на проектантот. Да се постигне богато
хортикултурно уредување со елменти за освежување на просторот (фонтана, водена
завеса, каскади…).
7. НАПОМЕНА:
Проектантите не се ограничени со површини од содржината на објектот со цел да
се постигне максимална креативност и оригиналност на идејата
При изработка на идејното решение да се почитуваат стандардите и нормативите за
градење на ваков тип на објекти
Составен дел на оваа проектна програма е изводот од план број 2121/2013 и текстот
на член 51 од Закон за просторно и урбанистичко планирање.
Автор на статија: marh