Ревитализација на Транспортниот центар во Скопје / Ѓорѓиев
14.01.2025 • Студентски проекти
Aвтор: Филип Ѓоргиев
Предмет: магистерски труд
Година на изработка: 2023/2024
Ментор: Михаел Дешман, Влатка Љубановиќ
Универзитет: Факултет за архитектура, Универзитет во Љубљана
Ако архитектурата е огледало на едно општество, тогаш огледалото кое го отсликува македонското општество е доста извалкано! Транспортниот центар во Скопје е еден од постоечките приказни за ново и модерно Скопје, кое никого не остава рамнодушен. Како причина за тоа би ги издвоил самата структура, локацијата и габаритот. Овој објект отсекогаш ми бил интересен, но никогаш не го разбрав целосно. Како дете ми се чинеше огромен, на некој начин страшен и напуштен. Во средно училиште почнав да го гледам како енигма којашто не можев целосно да ја дешифрирам. Денес, се восхитувам на неговата просторна и конструкциска заснова, како и модернистичката идеја, која нуди одлично решение за железничкиот и автобускиот сообраќај во градот. Денес зградата сè уште го преживува својот транзициски период, без стратегија или долгорочен план за тоа како ќе функционира во иднина и е на половина напуштена. Можеби друг голем проблем и причина за лошото функционирање на целата структура е нефункционирањето на железничката станица, поради нефункционирањето на железничкиот сообраќај во државата. Потоа, тука е и (не)работењето на поштата, односно користење само на дел од наменетите простори за пошта. Проблем претставува и деградацијата на објектот поради огромните паркинг површини под целата платформа за возови, булеварите и изразените визуелни и физички пречки.Ова многу зборува за општеството, за вредностите и односот кон архитектурата и културното наследството.
Како да се пристапи кон таков објект за мене беше предизвик. Најпрво започнав со разбирање на градот. Го проучував зошто градот е таков каков што е, вклучувајќи студии за сеизмичкиот развој на градот и архитектонските бисери на модернистичката архитектура, меѓу кои се наоѓа и Транспортниот центар (ТЦ). Размислував за тоа каков град е денес Скопје и како транзицијата влијаела врз него. Тука ги анализирам сите проблематики со кои градот денес се соочува. Потоа, преку анализа на ТЦ, од првата идеја до реализација, ја истражив целата приказна и најдов одговори на прашања како: зошто е изграден така како што е и дали навистина била потребна таква структура за железнички релативно неразвиена држава. Овој дел беше клучен за просторната и програмската валоризација, која потоа доведе до развој на нова концептуална замисла.
Аксонометричи поглед на Транспортниот центар – постоечка ситуација
Транспортниот центар – постоечка ситуација
Транспортниот центар – нова ситуација
Темата за ревитализација не значи само обновување на постоечката работа на железничката, автобуската станица и поштата, туку и размислување за иднината, искористување на потенцијалите и нова програма во истата. Новата програма произлегува од деталната анализа на постоечките програми и она што недостасува во градот. Сфатив, дека за зградата да се врати во живот, ќе биде неопходно да се понудат различни програми за различни луѓе и возрасти. Еден од новите предлог програми е „Саем“. Саемот е место каде се среќаваат нови идеи, и е спој на традицијата, наука и култура. Во периодот кога саемот не е во функција просторот е флексибилен и овозможува развој на нови програми, како co-working простори, работилници. Заради дневните миграции на студенти и ученици, во објекот на поштата се развива нов програм на библиотека и читална, каде би можеле младите попродуктивно да го поминуваат времето чекајќи превоз. Исто така се зачувуваат постоечките програми како што се поштата, железничката и автобуската станица, но со нови идеи и нови начини на користење со еколошки интервенции. Голем акцент ставам и на надворешното уредување, и преку пренасочувањето на постoечките улици и булевари добивам голем зелен остров пополнет со паркови и плоштади на кои се развиваат и шират програмите во ТЦ. Платформата пак станува огромен парк, кој претставува партер на градот и развива простори за урбана агрокултура, железнички музеј, амфитеатар, спортски игралишта и сончева и ветерна електрана.
Програмска шема на ТЦ
Одржливо решение на ТЦ
Детал од фасада
Главната цел на ова магистерско дело е предлог за нов експериментален дизајн, оживување на комплексот и враќање на квалитетната архитектура во градот. Истовремено, тоа претставува критика на општеството, која се базира на односот кон културното наследство и капиталистичката желба за профит.
Тлоцрт приземје
Тлоцрт прв спрат
Тлоцрт на платформата за возови
Пресек на железничката станица
Пресек на главниот плоштад под платформата
Пресек во саемот
Поглед на платформата за возови – урбана агрикултура
Поглед под платформата (север)- простор за спорт и рекреација
Поглед под платформата (југ) / детско игралиште
Поглед во саемот
Поглед во co-working просторот
Поглед во железничката станица
Автор на статија: Filip Koneski
Магистерски труд / Скопје / транспортен центар / Филип Ѓоргиев