Ревитализација на Централната пошта во Скопје во гастрономски центар / Михајловска, Мартулкова, Чаусидис
08.08.2023 • Студентски проекти
Предмет: Ревитализација на градителското наследство
Автори: Теодора Михајловска, Анета Мартулкова, Ноеми Чаусидис
Педагошки тим: доц. д-р Ана Ивановска Дескова / проф. д-р Елизабета Касапова / доц. д-р Јован Ивановски / м-р Емилија Апостолова Чаловска
Проект: Ревитализација на ПТТ шалтер сала – Скопје во гастрономски центар
Локација: ПТТ комплекс, шалтер сала на Централната Пошта во Скопје
Година: 2017
Централната Пошта е извонреден симбол на градот Скопје, кој ја претставува ерата на постеземјотресната обновата и подемот на брутализмот. Архитектот Јанко Константинов ја дизајнира главната шалтер сала како експресионистички објект кој максимално го користи потенцијалот на својот градежен материјал – армиран бетон. Зградата е скулптура посветена на новата ера и модерната технологија во полето на телекомуникациите и градежништвото.
Денес објектот се распаѓа откако неговата внатрешност беше речиси целосно уништена од пожар. Згора на ова, местото на ПТТ комплексот е постојано под напад од нови градежни интервенции кои го присвојуваат неговиот близок контекст. Ревитализацијата на оваа зграда може да ја врати во живот целата оваа зона на брегот на реката Вардар, која моментално е една од најмалку популарните точки во централниот ринг на Скопје.
Ситуација – новопроектирана состојба
Преку нова јавна програма, имаме за цел да го оживееме колективниот спомен на познатата шалтер сала и повторно да ја отвориме кон граѓаните. Исто така, со додавање на уште еден праг кон реката Вардар, се фокусираме на ориентирање на зградата околу нејзината централна оска и подобро поврзување со нејзината околина.
Анализа на нови/стари елементи
Програмска анализа – новопроектирана состојба
Гастрономскиот центар е место што моментално недостасува во Скопје. Македонската кујна е една од најспецифичните културни карактеристики на нашата држава, која никогаш досега не добила соодветен простор за едукација и развој. Со вклучување на академија, ресторан, винарија, музеј за храна и простор за кулинарски настани, обезбедуваме шарена програма која привлекува различни видови на посетители/клиенти.
Основа на приземје – новопроектирана состојба
Основа на кат – новопроектирана состојба
Холот на шалтер салата е резервиран за ресторанот, кој го презентира големиот „брутлистички“ простор осветлен од високата купола. Минималните интервенции и декорации, имаат за цел да ги насочат сите погледи кон скулптуралните аспекти на самата зградата.
Пресек и изглед на објектот
Винаријата, сместена во втората, помала хала, се состои од внатрешен простор и тераси на отворено, кои ги насочуваат посетителите кон реката. На овие јавни платформи можат да се одржуваат базари или дегустации, привлекувајќи ги околните минувачи на кон гастрономскиот центар и неговата разновидна програма.
– од студентите
Визулизации од новопроектираната состојба
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
АФС / Ревитализација на градителското наследство / Ревитализација на ПТТ шалтер сала / Централна пошта / Шалтер сала