(Р)урбани трансформации : Нова пејзажна врска во северо-источниот раб на град Скопје / Милојеска
10.05.2021 • Студентски проекти
Година: 2019
Тема: Истражување на просторни обрасци на раст
Наслов: (Р)урбани трансформации : Нова пејзажна врска во северо-источниот раб на град Скопје
Предмет: Магистерски труд
Автори: Ирена Милојеска
Ментор: Вон. Проф. Д-р Слободан Велевски
Локација: Северо-источен раб на Скопје (Железара, Ченто, Смилковци, Стајковци, Радишани)
Градовите како живи организми, ги користат сите извори и создаваат отпад. Колку поголеми и посложени тие стануваат, толку е поголема нивната зависност од околните области.
Колективните потреби на човечкиот вид ги надминуваат потребите од другите видови организми, па затоа нашите акции имаат поголемо влијание врз животната средина кои може да се надминат доколку градовите ги третираме како екосистеми во смисла на произведување на своја сопствена енергија, снабдување со своја сопствена вода, одгледување сопствена храна и рециклирање на сопствен отпад, преку прилагодување на различни енергетски влезови и опстанување независно од надворешни извори.
Во овој нов контекст, справувањето со природната и артифициелната состојба на не-дуалистички, банален и едноставно симетричен начин, дозволува создадавање на нови заедници: природни, материјални и социо-политички конструкции од општ интерес. Освен тоа, размислувањето за можниот сојуз помеѓу градот и селата значи повторно размислување за богатиот диверзитет во рамките на изградениот и неизградениот (продуктивен и непродуктвен) пејзаж. На овој начин “алтернативната руралност” и “алтернативната урбаност” се можни сценарија кои ја преиспитуваат пери-урбаната состојба како културно напреден и комплексен современ предмет за истражување на човечко живеалиште.
Постоечка наспроти новопланирана состојба
Oвој магистерски труд го опфаќа дефинирањето на просторна идеја за северо-источниот раб на градот Скопје. Целта на проектот е создадaвање на нова функционална и просторна врска помеѓу урбаното и руралното која истовремено претставува и граница на непланираната експанзија на градот. Потребата за создавање на оваа врска (граница) е изнудена од потребата за зачувување и вреднување на пејзажот и неговите енвиронментални, просторни, симболични и естетски вредности како и релацијата помеѓу моменталните миграциони движења село/град и идните потенцијални – град/село. Преку имплементирање на истата во оваа транзитивна зона, се спречува судирот помеѓу урбаното и руралното, а пејзажот се третира како интегрален дел од новиот модел.
(Р)урбано и (р)урбанизација
Рурално + урбано = рурбано
Дефинирањето на поимот рурбано варира од – зона на работ на градот со рурални карактеристики, начин на живот во рурална средина кој отфрла карактеристични рурални дејности како земјоделство или сточартсво ( живеење во село но практикување на градски начин на функционирање ) па се до начин на живот во урбана средина во која се практикуваат рурални навики ( пр. урбана агрикултура ).
Но овој процес не се однесува само на руралните средини во контекст на нивно урбанизирање туку на подемот на земјоделската економија, новите форми на населби, новиот начин на живот и општествените ставови кои се во процес на постојани промени кои иницираат потреба за создавање на нови (р)урбани обрасци на градските рабови.
Проблемите на руралното и проблемите на урбаното т.е. индустријализацијата и урбаната експанзија се слични од неколку аспекти. Двете оперираат со мала почит кон природните ресурси како и врз продуктивниот и непродуктивниот пејзаж и не се осврнуваат на еколошката и културната посебност на местото.
Прашањето за потрошувачката на земјиштето се почесто почнува да ги засега не само урбанизираните средини туку и руралните како и пејзажот. Најнови стратегии за спречување на урбаната експанзија, покажуваат стремеж кон стопирање на урбаното ширење, ставајќи акцент на преквалификација на пејзажот околу активни или неактивни индустриски зони и празнини на рабовите на градот, како фундаментална премиса за заштита на пејзажот и руралните области. Како најголем проблем со кој се соочуваат овие области на работ на градот, е најчесто нудењето на неквалитетни услови за опстанок кои се резултат на контаминацијата на почвите во истите.
Таква е состојба и со северо-источниот раб на град Скопје како пери-урбана зона која е подложна на континуриано контаминирање предизвикано од работата на фабриката Железара.
Анализа на процеси
(Р)урбана трансформација Како стратегија за спречување и справување со горенаведените појави е спроведена комплексна мулти-дисциплинарна т.н. (р)урбана трансформација која истовремено се справува со два клучни проблеми кои го оневозможуваат правилниот развој во северо-источниот раб на град Скопје. Трудот базиран на програмски варијации во фази, претставува систем: пејзаж како инфраструктура која може да се соочи со урбани и еколошки притисоци. 1. Првиот проблем е спречувањето на неконтролираните урбани и рурални екстензии преку природни бариери;2. Вториот проблем е деконтаминацијата на областа за оживување на продуктивноста на пејзажот и биодиверзитетот и одджување на истата состојба во иднина; – Потенцијална врска (од екстензивен аспект) Пристапот за справување со првиот проблем односно начинот на кој што може да се спречи ширењето на урбаните и руралните екстензии е воспоставување на концептот на-раб, функционална и просторна врска која истовремено ќе претставува граница на неконтролираното нагризување на оваа територија.Оваа врска конкретно не врзува ниту една населба, но предноста кај неа е тоа што нејзиниот правец овозможува спречување на сите ,,деструктивни,, урбани или рурални влијанија истовремено кои доаѓаат од Железара, Ченто, Смилковци, Стајковци и Радишани.
Мастер план
– Потенцијална врска (од еколошки аспект)
Во студијата за озеленување и пошумување на град Скопје, наведен е начинот за обезбедување на чист воздух кој е еден од најважните аспекти за создавање на квалитетна животна средина. Формирањето на заштитен зелен појас околу индустрискитe зони е еден од начините за исполнување на овие услови. Со оглед на тоа дека заштитен зелен појас околу индустриската зонa Железара не е обезбеден во периодот кога објектите се градени, новосоздадената врска (граница) помеѓу урбаните и руралните екстензии е проследена со таков појас од разновидна вегетација, кој претставува стимулатор на природни процеси кои остваруваат комуникација помеѓу фрагментираните пејзажни делови на оваа локација. Терминот кој се користи за дефинирање на овој зелен појас е – биокоридор т.е. врска која спојува различни еко-системи и овозможува природно расејување и миграција на флората и фауната и зголемување на биодиверзитетот ( кој опфаќа предмети кои се движат од комплетни екосистеми до биохемиските структури ). Оваа нова еколошка врска всушност се справува со вториот проблем на оваа локација кој се врзува со контаминацијата на почвата како резултат на постоењето на тешка индустрија во нејзиниот опфат.
Со спојувањето на просторната врска-граница на непланската експанзија на градот и биокоридорот кој ги врзува еко-системите се создава еден вид на пејзажен апаратус кој катализира процеси на урбана регенерација. Овој проект ги прикажува тие процеси на создавање на технолошки, аграрен и нов вид на пери-урбан пејзаж со екстензивни и интезивни природни обрасци. Како референца е употребен е принципот на – “Поставување на слоеви врз слободна земја за да се предизвика динамичка коегзистенција на активности и генерирање на нови настани„ кој Рем Колхас го поставува како главна стратегија во мастерпланот за Parc de la Villette во Париз. Како продолжение на работата на студиото Обрасци на раст: неприродни екологии, “целта на овој проект е да ја спореди вредноста на архитектонскиот објект како конструкција на човекот и пејзажот како нераскинлив ентитет на цивилизација што есенцијално овозможува животни ресурси. Како резултат на тоа, проектот се врзува со поимот ,втора природа, не како хармонизирана мешавина на архитектура и природа, туку како фузија на двете во потрагата по екстра-историски-пост-урбан модел на метрополитенски живот„ . За да може да се објасни комплексноста на оваа мулти-функционална врска потребно е разделување и посебно објаснување на слоевите на овој мастер план кој ги интегрира односите помеѓу човекот, општеството и природата во една пери-урбана средина. – Програмска слоевитост -Првиот слој е – воспоставување на инфраструктура, која ќе ја врзува оваа територија со постоечкото урбано ткиво. -Вториот слој е – фиторемедиација интерпретиран во пејзаж од : полиња од сончоглед, дива зелка и синап како и шуми од тополи и врби околу езерата како и шуми од даб, липа и брест (кои го редуцираат аеро-загадувањето и го збогатуваат појавувањето на животинскиот свет)-Третиот слој е – архитектура (референтна истражувачка архитектура која ги следи природните процеси на урбана регенерација и резиденцијална архитектура која вдомува околу 2000 жители и го користи зелениот простор како примарна поставка на јавниот живот)
Исечок од мастер план
- Слој-инфраструктура
Инфраструктурата е составена од примарна и секундарна мрежа. Примарната мрежа се состои од две паралелни сервисни улици на растојание од 100м (за да формираат стандардна ширина на урбан блок) долж новосоздадената врска, кои на север се врзуваат со градската магистрала од обиколницата за посетители и резиденти кои пристапуваат од таму, а на југ со булеварот “Александар Македонски” , врзувајќи се со урбаното ткиво на градот. Најсеверно и најјужно на мастер планот се поставени по еден трговско-транспортен центар кои функционираат како порти кон оваа ново создадена пери – урбана зона. Секундарната мрежа е составена од попречно поставени едносмерни сервисни улици кои го делат линискиот потег во 5 блока.
Автомобилскиот сообраќај низ новата населба би бил сведен на минимум од еколошки причини а посетителите и резидентите своите возила би ги оставале на паркиралиштата на трговските центри (каде што има обезбедено точно толку простор колку што е потребно според нормативите за определување на број на паркинг места како планска одредба во согласност со намената на земјиштето и градбите).
Движењето долж населбата и пристигнувањето до домовите би се одвивало преку локална автобуска линија чија прва и последна станица (и обратно) се точно трговско/транспортните центри (и станици поставени на секои 400м) како и преку пешачкото движење и движење со велосипед (поставени се пешачки патеки со широчина од 2м и велосипедски патеки со широчина од 1.5м) поради распределувањето на програмата во кратки и совладливи дистанци.
Изглед
- Слој-вегетација (пејзаж)
Овој труд се базира на испитување на процесот на трансформативна ремедиација, односно оживување на пејзажите преку нивно прочистување и како тој може да биде имплеметиран со цел пејзажите за чистење да станат дел од урбаната инфраструктура за да се создадат нови населби за истражување, образование, работа и живеење. Предложена е структурна рамка на пејзаж, која прикажува како чистењето на почвата може да стане функционална и естетски пријатна интервенција со еколошката вредност.
Избрани се неколку видови растенија кои се покажале како најефикасни за деконтаминација на почвата од тие метали кои се присутни на локацијата. Ниската вегетација е составена од сончоглед, синап и дива зелка и е поставена долж инфраструктурата во вид на полиња кои имаат потенцијал да станат агрикултура. За подобра и поефикасна организација на активности и оперирање со полињата, тие се поставени во мрежа долж линискиот потег и нивното максимално распространување лево и десно од потегот е 200м, за да не се експлоатира дополнително почвата, а истовремено да се произведува доволно био-маса за потребите на населбата. Околу полињата е засадено високото зеленило – дрвјата топола и врба во пределот на езерата, даб и липа, кои имаат поголема абсорбирачка моќ поради длабочината на нивниот корен. На овој начин и во сценарио каде фабриката Железара продолжува да работи, дрвајта би биле заштитен појас кој нема да дозволи загадувањето да дојде до зелениот коридор а одгледувањето на земјоделски култури нема повеќе да биде небезбедно.
Пресек низ локација
- Слој-архитектура
Архитектонскиот слој е поставен долж лентата во правец север-југ каде доминира претежно архитектурата за домување (поситна структура) поделена во пет блокови. На неколку точки од лентата се поставени истражувачки центри (мегаструктури) кои го следат и одржуваат системот на процеси преку кои оваа врска функционира. Секој блок се идентификува според некоја референтна програма поради тоа што е користена една типологија на домување – индивидуални единици со колективни градини. Групирањето на единиците е направено подолжно со цел да се обезбеди рамноправност во смисла на ориентација и обезбедување на исти услови за живеење. Причината поради која што единиците се групирани, е за да се задржи духот на колективно живеење но и да се минимизира тенденцијата за непланирано проширување не единиците надвор од ,,границите,, на мастер планот и нивно евентуално спојување со околните екстензии. Помеѓу нив се јавуваат колективни стаклени градини кои претставуваат мали точки (места) на социјализација и развивање на колективниот дух преку користење на природата како двигател на заедницата. Во слојот на архитектура доминира просоторот помеѓу, односно слободниот зелен простор кој продира низ изградената структура (во два правци) и овозможува непречен проток на урбаните и руралните компоненти на пејзажот низ истата (на растителниот и животинскиот свет). Од истата причина приземјата на истражувачките центри се ослободени со цел нивната масивност да не ја спречува таа био-циркулација низ биокоридорот.
Примарна референтна програма :
Истражувачки центри :
- Истражувачки центар за вода (одржување на водниот еко систем / тестирање на квалитет на вода / складирање и прочистување на отпадна вода / наводнување на агрикултура)
- Истражувачки центар за фиторемедиација (одржување на фиторемедиациски еко систем / тестирање на растенија за фиторемедиација / тестирање на процес на фиторемедиација / тестирање на почви)
- Истражувачки центар за агрикултура (одржување на агрикултурен еко систем / тестирање на почви / тестирање на растенија / тестирање на нови модели за агрикултура)
- Истражувачки центар за компостирање и генерирање био – гас ( скалдирање и процесирање на био – отпад / тестирање на био – отпад / генерирање на био гас / распределба и користење на био гас)
Секундарна програма :
- Домување со колективни градини
- Месни заедници
- Културен центар
- Градинка
- Мал рекреативен центар
- Времено домување
- Продавници
- Кафетерии
- Пекари
- Ресторани
- Главен пазар
- Главен плоштад
4. Слоевитост на еко-системи При поставувањето на слојот на архитектура, искористена е метода на зонирање според обележување на еко-системи која потоа е присопособена и регулирана според стандардите и нормативите за урбанистичко планирање. Eко-системите ткаат ново пери – урбано ткиво кое не се наметнува над неизвесната иднина на областа, но генерира многу можни сценарија, каде што програмата е поврзана со одржливата експлоатација на еко-системските услуги. На дадената локација се активираат и реактивираат 5 еко-системи : – Еко систем – вода- Еко систем – шума- Еко систем – фиторемедиација- Еко систем – агрикултура- Еко систем – депонија Во секој еко систем е поставена соодветна програма која ги следи природните процеси кои настануваат во него. Во еко системот за вода е поставен истражувачкиот центар за вода и одржување на водниот систем и објекти за складирање и прочистување на отпадна вода. Во еко системот за фиторемедиација / агрикултура се поставени истражувачките центри за агрикултура и фиторемедиација и во еко системот на депонијата (згурата добиена од топењето на феролегурите) е поставен истражувачкиот центар за компостирање изолиран од биокоридорот блиску до веќе постоечката индустрија.
Преку користењето на принципот на т.н. инверзен урбанизам, се воведува симбиотски градски модел каде што природата не се гледа само како романтичен неопасторален пејзаж, ниту пак само еколошка мрежа, туку станува интегрален дел од новиот систем каде што градот и природата се неразделно поврзани со взаемна корист и зависност.
- Системска слоевитост
Како што беше претходно напоменато архитектурата е распоредена во еко – системите на база на референтност, за да се утврди дека оваа врска може да функционира како затворен систем – односно систем со затворен циклус во кој паралелно се случуваат процеси. Растенијата што се користат за фиторемедиација, по завршување на процесот се собираат и се транспортираат во центарот за истражување на био-маса каде преку процес на анаеробна дигестија се добива био гориво кое потоа се транспортира до домаќинствата. При овој процес се ослободува јаглерод диоксид кој е повторно абсорбиран од растенијата при процесот на фотосинтеза и органско ѓубриво кое се користи во земјоделството наместо пестицидите кои ја уништуваат плодноста на почвата.Наводнувањето на растенијата за фиторемедиација се одвива преку постоечките езера на локацијата. Капацитетот на водата во езерата се одржува со тоа што изгубената вода за иригација се надокнадува со отпадната вода од домаќинствата и дождовите која се филтрира во објектите за складирање и филтрирање на вода и повторно се враќа во езерата. Во агрикултурата се користат нови методи на одгледување на храна – хидропоници и аеропоници кои овозможуваат растење на различни култури во вода и воздух без користење на почва. 6. Слоевитост на временски фази За да се разбере системот на процеси и активности кои би се случувале во текот на создавањето на оваа врска, потребно е да се прикажат фазите на нејзиното постепено и континуирано развивање. -Првата фаза (временска рамка од 10 години) опфаќа поставување на инфраструктура како прв чекор во поврзувањето на оваа пери-урбана територија со градот и околните села како и започнување на имплементација на процесот на фиторемедиација. -Втората фаза (временска рамка од наредни 10 години) опфаќа постепено појавување на истражувачки центри како стимулатори на одржливост на тој систем како и појавување на транспортно/трговските центри на краевите на инфраструктурниот зафат кои ќе го поттикнат развојот на оваа населба преку овозможување на полесен пристап до неа. -Во третата фаза се предвидува постепено појавување на единиците за домување и другите општествени програми како резултат на постепеното прочистување на почвата и водата и обезбедување на похумани услови за живеење. Кога ќе се спојат сите овие слоеви, се добива новиот пери-урбан или (р)урбан мастер-план за северо-источниот раб на Скопје кој се протега на околу 320.000 м2.
(Р)урбаните промени и динамики кои настануваат во пери-урбаните зони, не може да се регулираат единствено преку традиционалните стратегии за планирање, поради тоа што овие зони се константо под различни притисоци и транзиции. Ова се потврдува доколку се осврнеме конкретно на северо-источниот раб на град Скопје и ги споредиме плановите од 1965 година кога оваа зона била предвидена како индустриска и урбанистичкиот план вон населено место изработен во 2012 година во кој во оваа зона се предвидува спортско рекреативен центар. Податоците од минатото и сегашноста можат да се користат за евалуирање на множествата на индикатори и да покажат како минатите промени во користењето на земјиштето што довеле до денешната состојба, влијаат врз екосистемските услуги и квалитетот на животот.
Сите овие податоци може да влијаат во создавањето на возможни идни сценарија за третирање на градските рабови. Од транзициски аспект, пери-урбаните зони треба да поседуваат адаптивен капацитет, односо да бидат спремни за промена, поради тоа што само таквиот пристап би овозможил придобивка од тие транзиции.
Аксономентрија
Автор на статија: Filip Koneski
(Р)урбани трансформации / железара / Ирена Милојеска / просторни обрасци на раст / радишани / Смилковци / Стајковци / ченто