Саат кула, Гостивар / 1728
24.01.2025 • XVI - XIX век
Година: 1728/29
Локација: Гостивар
Извор: www.mk.wikipedia.org; vardarpress.com
Саат-кулата е една од најзнаменитите и препознатливи градби во градот Гостивар. Таа е еден од трите културно-историски споменици во Гостивар и се наоѓа и на општинските грб и знаме. Гостиварската саат-кула заедно со оние во Скопје, Битола и Прилеп е една од најзачуваните првични саат-кули. Кулата е заведена како Културно наследство на Македонија.
Саат-кулата во Гостивар понекогаш се нарекува и ,,саат-кула на Ебу Бекир-паша”. Оваа кула ја изградил Исмаил Ага за време на отоманскиот период во 1728 година, а точната година и градителот се запишани на бела плоча над влезот во кулата, на османлиско-турски јазик. Како и во многу други кули во Македонија, и во оваа не може слободно да се влезе. Таа сè уште е во функција и го покажува точното време преку неколку часовници вградени на неа. Слична е по градба на таа во Скопје и важи за една од најсочуваните кули во Македонија.
Местоположба
Се наоѓа во средиштето на Гостивар, а веднаш до неа постои џамија наречена Саат-џамија („Ебу Бекир-пашина џамија“) која била обновена во поново време и гробиштата. Во непосредната околина на саат-кулата се наоѓаат поштата, познатиот трговски центар „Блу-центар“ со стаклената фасада, а недалеку по улицата на 250-300 метри е црквата црквата Света Богородица и градскиот плоштад.
Историја
Изградена е во 1728/29 година од Исмаил-ага, син на Хаџи Јусуф-ага. Годината на градбата и името на градителот се запишани на османлиско-турски јазик на камена плоча што се наоѓа над влезната врата.
Според информации добиени од локалното население, дрвениот дел од кулата бил уништен за време на Првата светска војна. За прв пат подложела на реставрација во 1950 година. Во 1958 година е регистрирана како историски споменик и земена под заштита.
Дрвениот дел е додаден на структурата за време на реставраторските работи извршени во 1986 година. Со реставрацијата се расчистени дуќаните на дното на кулата. По овие работи, објектот продолжува да опстојува во сегашната форма.
Објектот денес е добро сочуван благодарение на реставрациите што ги претрпе и е едно од ретките отомански дела во Македонија. Саат-кулата е со висина 23,70 метри и димензии на квадратен план во основа 5,60х5,60 метри. До октагоналното тело се пристапува преку квадратната основа, а заоблените агли се покриени со два триаголни покриви. На југозападниот дел има влезна врата.
Изградена е од камен, во основата и телото на кулата бил употребуван камен, а во делот на киоскот бил употребуван дрвен материјал. Ѕвоното се наоѓа во делот со форма на конус на врвот кое се користело за најавување на времето во градот. Механизмот на часовникот не е оригинален, тој е додаден во структурата за време на подоцнежните поправки.
Во внатрешноста објектот е поделен на пет ката. Пристапот до горниот кат е обезбеден со дрвени скали.
Во 2010 била реставрирана. Во јануари 2017 година, биле пуштени во употреба четири нови часовници на врвот на кулата. Поставувањето на часовниците било раководено од Конзерваторскиот центар – Гостивар.
Насловна фотографија: vardarpress.com
Автор на статија: Martina Shteriova