Саркофагот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје

Преносот на моштите на апостолот на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев, од Софија во Скопје се случува во октомври, 1946 година. Истите биле носени во специјално изработен саркофаг од резба во ореово дрво.

 

 

За вечно почивалиште на останките е одбран внатрешниот двор на црквата „Св. Спас “ во Скопје. За  трајно решение се изработува саркофаг во бел мермер,  со стилски карактеристики на модерната и кубизмот. Едноставниот израз во формалното обликување е „прекриенo“ во патерн на баклава.

 

 

Над главниот постамент од поголеми блокови, саркофагот се одвојува преку три помали вовлечени базиси кои според некои кажувања ги симболизираат трите раздвоени делови на Македонија – Вардар, Егеј и Пирин.

И после 77 години, не е познат авторот на ова дело. За дилемата изминатава декада, македонските медиуми објавија во повеќе наврати. Во овие статии се споменуваа сомнежот помеѓу двајца словенци кои работеле како архитекти во тој период во Скопје, потоа друг кажува за можноста сепак авторот да е од Хрватска.

 

 

За можните начини да се дознае авторот, во овие пишувања се споделува идејата за отворање на саркофагот, за да се провери дали во внатрешноста авторот оставил свој потпис.

 

 

Ѓорѓи Николов Делчев е роден на 4ти февруари, 1872 година во Кукуш, Егејска или Беломорска Македонија. Неговото значење за македонската револуционерна борба е незгаслива светлина која зрачи и не ни дава мир да сме неми набљудувачи на сеуште бурната сегашност на Македонија. Неговата жртва и посветеност во време на отоманското владеење е камен на вратот, за леснотијата на денешните одлуки кои ги носиме во далеку поудобната позиција и состојба на Македонија.

Неговото дело значајно за сите аспекти на живеењето, современото македонско општество го чува преку споменичните одбележја и значајни објекти и институции кои го носат неговото име.

Пребарајте ги на нашата страна 😉

 

 

Фотографии: Филип Конески 2023