Сцени од македонските градови / Франта Мали

Автор:  Франтишек „Франта“ Мали

Година:  1931-1937 година

Издание: „Франта Мали – Југославија“ 1939 година

Локација: Вардаскиот дел на Македонија

Извор: Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година

 

Една од илјадниците разрушени куќи (за време на Втората светска војна)  во Белград е и куќата на улица Косовска број 13. Во оваа куќа скоро 10 години живеел чешкиот сликар Франтишек „Франта“ Мали (1900-1980). Роден е и школуван во Прага. Во 1930 се вљубил и венчал со Србинка, а во 1931 година доаѓа да живее. Во следните 8 години интензивно патува низ Југославија при што изработува повеќе од 350 масла на платно и цртежи од сите делови на Jугославија. Македонија му била најголема инспирација и ја посетува повеќе пати помеѓу 1931 и 1937 каде што слика реалистични портрети или градски сцени од Скопје, Охрид, Тетово, Велес, Кратово, Дебар, Галичник, Битола, Гостивар, Кичево, Штип…..

 

 

Во 1938 година Францускиот Клуб во Белград му организира изложба во која се прикажани овие југословенски дела. На изложбата присуствувал тогашниот ликовен критичар Иво Бркоевиќ кој е воодушевен од колоритниот реализам во неговите слики. Франта Мали не бил баш познат на српската и југословенска јавност. Бркоевиќ од свој џеб и со помош на книжарницата на Милорад П. Милановиќ издаваат книга во 1939 насловена „Франта Мали – Југославија’ во која се репродуцирани овие дела од изложбата. Книгата денес е многу ретка и е вистинско чудо да се најде на продажба.

 

После пучот во Белград, Франта Мали со сопругата бегаат во Чешка и носат со нив мал број на слики, Останатите слики и цртежи остануваат во куќата во Белград која во утрото на 6ти Април 1941 година е погодена со бомба.

 

 

Стотици југословенски и македонски цртежи и слики на Мали се затрупани во рушевините или ги дува ветерот по белградските улици. Некои од нив се собрани и разграбани од минувачите. Денес после 80 години се појавува по некое масло на платно од Франта Мали по аукциите во Србија или Чешка, Но и тоа е еднаш во 5 години.

Еден примерок од ретката книга за Франта Мали се појавува едно утро на скопскиот „Канта Пазар“ во Маџари и лежи фрлен во прашината. Само книгата сѝ знае како дошла таму. За среќа , книгата е приметена од колекционерот на антики Зоран Ангелов, кој ја спасува книгата од исчезнување и ја приложува таму кај што ѝ е местото – во колекцијата на Странски Сликари во Македонија 1850-1950. Фотографиите од цртежите се направени од оваа книга.