Се оддржа годишната средба на архитектите и планерите во Битола

Вчера, на 23ти декември во Офицерскиот Дом во Битола, се оддржа годишната средба на архитектите и планерите, организирана од Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

Настанот започна со поздравни обраќања од страна на Раководителот на одделението на архитекти при КОАИ, Веселинка Герасимова Петровска и Градоначалникот на Општина Битола Др. Тони Коњановски.

 

 

На настанот почестен гостин беше арх. Димитра Фига, од Грција, која работи како професор во повеќе земји низ светот. Фига не почести со едночасовно предавање за своето творештво, кое опфаќа современи интервенции во зони на културна заштита. Нејзиниот пристап во работата се карактеризира со асоцијативно читање на македонската традиционална куќа и средината во која делува, почитување на урбанистичкиот контекст и современиот израз како континиум. Забележителни беа претставените проекти на индивидуална куќа во старото јадро на Солун, кулата во Марбург – Германија и концептот за нова населба во подридието на истанбулските историски симболи.

 

 

По нејзиното предавање, беа доделени благодарници на оние кои придонесоа за оддржувањето на овој настан.

 

 

По кафе-паузата, во вториот дел од настанот, спонзорите и поддржувачите на настанот имаа своја презентација, по која следеше и стручната дискусија. Таа воглавно го опфати донесениот ценовник за минимален надоместок за интелектуалниот труд во високоградбата и предизвикот од неговото имплементирање.

 

 

Присутните колеги архитекти, планери и засегнати, покажаа голем интерес за главната тема, за која следеше диксусија и презентација на личните видувања, дилеми, можни ризици и потешкотии. На настанот претходеше и јавна анкета упатена до илјадното членство, кое за зал и овојпат не учествуваше во задоволителен број.

 

 

Како заклучок на оваа средба, отворената и подадена рака на Комората кон поширокото членство преку вакви состанувања се покажа како правилен чекор кон заедничката борба за професионалното достоинство.

Во план е овие средби да се случуваат во различни градови низ државата, со цел да се увидат проблемите на членовите од тие средини  и директно да се воспостави квалитетен однос од кој можеме заеднички да ги градиме политиките на одделението и Комората.

 

 

По завршување на настанот следеше и пригоден коктел, на кој продолжи неформално дискусијата помеѓу присутните.

Прочитајте повеќе за настанот и на официјалната страна на КОАИ >>>