Скопје – метаСКОПфоза / Настеска, Попоска, Ѓорѓијоска, Павлеска, Алаѓозовска, Јовановска
07.04.2021 • Студентски проекти Урбанизам
Автори: Елена Настеска, Маја Попоска, Маја Ѓорѓијоска, Тамара Павлеска, Сара Алаѓозовска, Ангела Јовановска
Педагошки тим: проф.д-р Дивна Пенчиќ, Вања Трајковски, Љубица Ефтимова
Предмет: Урбанистичко обликување 2
Проектна задача: Визии за просторен развој на град Скопје
Наслов: Скопје – метаСКОПфоза
Локација: околина на локалитетот Скупи
Семестар: IX семестар – 2020/2021
Универзитет: Архитектонски факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“
Богатството ја добива својата вредност откако ќе биде откриено. Така и Скопје како град покрај Вардарот со својот архитектонски диверзитет и многуслојност во културата, го заслужува моментот на своето будење, како природата во пролет, истакнувајќи ги своите убавини кои се тука, а се сокриени.
МетаСКОПфоза е визија за Скопје во која градот е повторно роден. Трансформација од еден сив стадиум и заборавена култура, во ,,жива” средина, афирмирана и возвишена. Фокусот е на две места: реката Вардар со своето корито и нејзината руинирана состојба и архитектонските споменици на целата територија на Скопје кои чекаат да бидат прифатени и да станат дел од нашиот идентитет. Спојот на овие приказни го гледаме во некаква траекторија која ќе ги поврзува и надополнува кејот на Вардар со архитектурата која сакаме да ја покажеме на некаков ,,човечки” начин. Односно со директното присуството на човекот, кој сам или во друштво, пеш или со велосипед, вдишувајќи и полнејќи ги своите гради со искуство, ќе се движи покрај овие објекти, ќе го чувствува нивниот дух и ќе стигне некаде пред кејот во чија вода го гледа својот лик и се радува на своето постоење. Жителите на Скопје, а и оние кои само го посетуваат, треба да се чувствуваат вака, бидејќи се наоѓаат во град кој како една лабораторија ги содржи искуствата на различни времиња, стилови, концепти и со својата карактеристична историја раскажува приказни кои се разнолики, а сепак завршуваат во еден жив систем – град – организам.
Локацијата на нашата интервенција во понатамошниот проект е Археолошкиот локалитет Скупи и неговата непосредна околина, кој сметаме дека е од голема важност за идентитетот на град Скопје. По направената анализа на самата локација, дојдовме до следните заклучоци: овозможено е колско пристапување преку булеварот Скупи, но не и соодветно паркирање, движењето на пешаците е само по булеварот, во близина на локацијата се стигнува и со јавен градски превоз, главната врска на локалитетот со улицата е необработената патека која во моментот се користи за сервисирање на самиот локалитет, без означени насоки и информации. Доминира мешана намена, деловна и индустрија, исто така присутно е и домувањето. Во однос на зеленилото јасен е потенцијалот овој рид да стане густа шума која ќе се надоврзе на социјалните и зелени површини покрај Вардар – гледано во еден поширок опфат.
Проектот се состои од линиско поврзување од ново проектираниот парк – Карпош (Вип Арена) кон Зајчев рид се до поблиската локација на локалитетот – Скупи и истот претставуа продолжеток на Градскиот парк. Во тоа линеарно трасирање се поставени павиљонски структури кои се од монтажен карактер, се со цел да го заштитиме тоа подрачје околу локалитетот, но да овозможиме негово поголемо афирмирање. Почнувајќи уште од ново проектираниот парк креираме зона со високо зеленило, еден вид на урбана шума, каде е поставена и станицата на жичарата чија траса продолжува кон самиот рид и се упатува кон Римскиот Аквадукт. Движењето од паркот преку Вардар, кое се одвива на ниво на платформа (пасарела) продолжува поминувајќи над булеварот Скупи, каде како прва содржина е решен проблемот со паркинг за автомобили и автобуси. Интервенцијата се состои од неколку пунктуални точки кои се надоврзуваат на линеарното движење по платформата, почнувајќи од кула-видиковец лоцирана до паркинг просторот, па павиљоните за билетарата, сувенирницата на ниво на трем, музејот и делот за релаксација на ниво на платоформа. Движејќи се кон самиот рид по патека/рампа/скали околу локалитетот не сретнуваат дополнителни две кули кои ги нагласуваат точките на визуелен контакт и на крај се наоѓа главната станица за жичарата. Целиот рид е облечен во разновидна листопадна шума која е проследена со слободни органски патеки и социјални простори како би се зголемил квалитетот и визуелниот контакт со природата.
Оваа интервенција е од привремен карактер, која дозволува да биде мултиплицирана на повеќе локации низ градот, поврзувајќи ги во еден систем на нови артерии за движење низ градскиот организам.
Скопје, зимата е при крај, време е да се разбудиш од зимски сон и да погледнеш кон иднината, со почит кон минатото!
– од студентите
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
АФС / Визии за Скопје / Скупи / Студентски проект / Урбанизам / Урбанистичко обликување 2