Собрание на Република Македонија / Худак
08.09.2024 • ХХ век / I половина
Денес Македонија ја прославува својата 33 годишна независност, по референдумот оддржан на 8ми септември 1991 година. Во чест на овој светол датум, се запознаваме со историјата на објектот на Собранието на Македонија, единствена палата од ваков карактер во нашата земја.
„Зградата на Собранието на Република Македонија е една од најмонументалните градби во Република Македонија, за која во 1930 година бил распишан и конкурс за проектирање (на кој победил архитект Виктор Лукомски), а изградена е во 1938 година по проект на чешкиот архитект Виктор Ј. Худак.
Архивска фотографија од предземјотресно Скопје
Објектот е концепиран во модерен архитектонски јазик за тоа време, со специфичен масивен разигран волумен и присуство на чисти фасадни елементи, во форма на надворешен петоаголник со внатрешен двор со сала. Применетата фасадна декорација е со геометриски содржини, присутни во одделни партии.
Основа на високо приземје на собраниската зграда /Извор: 100 години модерна архитектура, Придонесот на Македонија и Југославија (1918-1990) 3 – Михаил Токарев
Од вградената орнаментална содржина, најинтересен дел е обработката на кабинетите и ентериерот, проектирни-дизајнирани од Д. Инкриостри (1935-1937) во резба – Сала Длаборез, со комплетно обложување на ѕидовите со дрво, поделени на геометриски полиња, каде се аплицирани во резба различни геометриски, вегетабилни и зооморфни стилизирани мотиви, втемелени на народната уметност и традиција. Изведбата на оваа декорација му била доверена на Глиша Костовски, столар и резбар од Тетово, со неговата тајфа.
Сала „Длаборез“ / Фото: Собрание на Македонија
Зградата е во употреба од 1939 година како Управна палата на тогашната локална Управа.
По ослободувањето на Скопје 1944 година во зградата е сместена целокупната понова администрација на македонската народна власт: претседателот на Демократска Република Македонија, Народното Собрание, Владата и Уставниот суд.
Во периодот од 1954-1963 година изградени се Свечената сала и Сала 2, а ентериерно се уредени помалите сали во свечениот дел, Охридска и Струшка соба со дрворез на таваните, зидовите и вратите изработени од мајсторите на традиционалната резбарска школа од Охрид, како и гипсана декорација изработена од Дримколските мајстори. Малиот свечен салон, салата на Уставна комисија, рeсторанот, како и кабинетите, ентериерно се уредени со ламперија во интарзија.
Охридска сала / Фото: Собрание на Македонија
Со земјотресот што го зафати Скопје во 1963 година, зградата на Собранието видно беше оштетена, после што беа преземени големи зафати за нејзино санирање и реконструкција.
Во 1966/67 година е реконструирана и ентериерно уредена Парламентарната сала, а изградени се и две нови сали, Сала 3 и Сала 4.
Архивска фотографија од предземјотресно Скопје
Со осамостојување на Република Македонија во 1991 година, во зградата покрај Собранието на Република Македонија, сместен е и Кабинетот на претседателот на Републиката на дел од првиот кат.
Палатата на Собранието располага со повеќе Сали за седници, Кабинети на претседателот на Републиката, претседарелот на Собранието, на потпретседателите, на претседателите на комисиите, на координаторите на пратеничките групи, на генералниот секретар на Собранието и неговите заменици, како и на раководителите на стручните служби и на секторите.
Во 1993 година е направена комплетна реконструкција на машинските сали за климатизација со нови современи клима-комори.
Во 1994 година е изведено ентериерно уредување на Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија, како и на холот пред кабинетот.
Во 1996 година е изграден нов ресторан во сутеренот на Собранието, Клуб на пратениците и нова Банкет сала.
Во 1998/1999 година е изведено ентериерно уредување на Парламентарната сала (Сала 1), при што е воведен автоматски систем за гласање, аудио и видео систем , како и опрема за директен телевизиски пренос.
Сала 1 – Пленарна сала / Фотографијата е превземена од Радио Слободна Европа
Во текот на 1999/2000 година е изведена инсталација за фенкоилерско греење и ладење на целиот објект.
Свечената сала ентериерно е уредена во 2001 година, заедно со холот пред неа.
Во 2003 година беа извршени крупни зафати.Изведена е реконструкција на електричната инсталација, поставена е комплетна противпожарна инсталација, променета е целокупната телефонска мрежа, светлосното решение во целата зграда, поплочување на ходниците, спуштени плафони, поставени се нови контролни врати, и реконструкција на санитариите и пријавницата.
Во 2004 година направена е Спомен соба по повод 60-годишнината на I-то заседание на АСНОМ.
Состојба пред надградбата и доградбата на Собраниската зграда / Извор: 100 години модерна архитектура, Придонесот на Македонија и Југославија (1918-1990) 3 – Михаил Токарев
При крај на 2004 и почеток на 2005 година изведена е реконструкција на покривната конструкција на петоаголниот габарит на објектот на Собранието.
Во 2005 година реализиран е проектот за влегување и непречено движење на лица со посебни потреби низ објектот на Собранието, со пристапна рампа на влезот Пријавница, лифт поставен на фасадата од внатрешниот двор и четири елеватори – подвижни платформи на внатрешните скали, како и посебен влез со рампа за ресторанот во сутерен.
Во текот на 2005 година реализиран е и проект за уредување на сите влезови, со настрешници, нови масивни врати со витражи и гранитни подови.“
Текстот е превземен од официјалната страна на Собранието на Република Македонија.
Насловното фото е printscreen од виртуелната прошетка достапна на страната на Собранието на Република Македонија.
Автор на статија: Filip Koneski