СОВРЕМЕНО АРХИТЕКТОНСКО НАСЛЕДСТВО (ВО ОПАСНОСТ) / Став на Охрид SOS

Соопштението го пренесуваме верно и во целост:

“Иако се наоѓа во центарот на градот, во непосредна близина на објектот на Општина Охрид, малкумина во Охрид (а и пошироко) знаат кои се авторите на објектот на централната детска градинка „Јасна Ристеска“. Изградена во 1971 година, градинката е доказ за одмерен, внимателен архитектонски дизајн, прилагоден кон уникатните потреби на најмладите жители на Охрид. Вгнезден во широк пејзаж од игралиште, парк и зелен простор, објектот отелотворува хармоничен однос помеѓу изградената средина и природата.

Проектот е дело на Димитри Зарчев и Викторија Поп-Стефанија (тогаш Зарчева), двоец кој делувал во рамките на ГРО „Трудебеник“, во ателјето за студии, проектирање и инженеринг. Заедно или посебно, Зарчеви се автори на многу проекти и реконструкции во Охрид, но и во останатите градови низ Македонија. Квалитетот и оригиналноста на нивните креации се наградени со бројни признанија, меѓу кои најзначајни се: „Борбина плакета“ за хотел „Метропол“ во Охрид во 1975 година и „Специјално признание на БИМАС“ за реконструкција и ревитализација на „Рибен ресторан“ во Охрид во 1979 година.

Димитри Зарчев (1940) дипломирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје (1966). Најголем дел од својата професионална активност ја поминал во градежното претпријатие „Трудбеник”, како директор. Проектира и реализира разновидни објекти во кои е присутна тенденцијата за синтеза на специфичните обликовни карактеристики на старата охридска архитектура со јазикот на модерната. Работел и во сферата на урбанистичкото планирање. Во еден временски период е и претседател на Општина Охрид. Реализира повеќе станбени и деловни комплекси како и поединечни семејни куќи. Жесток критичар е на современиот неплански урбанистички развој на градот и околината.

Викторија Поп-Стефанија (1945–2025) студирала на Архитектонскиот факултет во Белград, а потоа и во Скопје, каде што дипломира во 1969 година на тема: „Духовниот и културен центар Свети Климент Охридски на Плаошник во Охрид“, под менторство на проф. Борис Чипан. Како бележита архитектка со импозантен опус од околу триста проекти и студии, Викторија Поп-Стефанија ја збогати македонската и европската ризница со незаобиколни и архетипски вредности. Покрај примарниот интерес за архитектонско проектирање, своето професионално знаење и искуство Викторија Поп-Стефанија го преточува и во две капитални теоретски студии: „Логосот во архитектурата“ и „Обликот на храмот“, во кои таа, поаѓајќи од својот творечки опит, нуди промислување на архитектонските феномени со есеистички јазик. Нејзиниот интерес е свртен кон важните прашања на слободата во творештвото и односот кон традицијата. Тоа особено компетентно го илустрира во нејзината трета студија „Охридската урбана иконографија“, која се објави постхумно деновиве.

Навраќајќи се на објектот на градинката „Јасна Ристеска“, негова основна карактеристика е човекомерноста, која, како што е прикажано на фотографијата, е прeточена во приземна зграда која не доминира во просторот, и која ја нагласува пристапноста и поврзаноста со околината. Употребата на тули за фасадата сугерира трајност, издржливост и чувство на топлина, додека големите прозорци се индикативни за дизајн кој како приоритет ја има природната светлина и погледот или отвореноста кон надворешноста. Карактеристичната линија на покривот, со разновидните елементи и централниот светларник, додава елементи на динамичност и игривост во целокупната форма на објектот, навестувајќи ја разиграната природа на активностите кои се одвиваат во внатрешноста на објектот.

Обмислената интеграција на зградата во околината е нејзина клучна архитектонска карактеристика. Присуството на нишалки и вртелешки како и мало игралиште со песок во непосредна близина на зградата зборува за намерата на дизајнот да ја олесни непречената транзиција помеѓу внатрешната и надворешната игра. Опфатниот парк и зелената површина (зелена ограда, децениски стебла, тревници) дополнително ја подобруваат оваа врска, обезбедувајќи богата сензорна средина за истражување и учење. Ова свесно обликување на надворешниот простор го нагласува педагошкиот пристап кој го цени искусувањето на отвореното како составен дел од целокупниот психофизички и социјален развој на детето.

Дизајнот дава приоритет на отворените и флексибилни внатрешни простори, овозможувајќи различни активности и поттикнувајќи чувство на заедница кај младите корисници на просторот. Сегашниот објект на градинката претставува успешна примена на хуманистичките архитектонски принципи во раното детско образование. Тоа е зграда која не само што служи на својата примарна функционална цел, туку и активно придонесува за благосостојбата и развојот на своите млади корисници преку својот внимателен дизајн и неговата интеграција со околината и природниот свет. Останува како шармантен пример за архитектура од втората половина на дваесеттиот век, кој им дава приоритет на потребите и искуствата на децата наспроти претенциозност во изразот и надменост во заземањето и користењето на јавниот урбан простор.

За жал, со новиот детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7 на местото на објектот на градинката „Јасна Ристеска“ е предвиден објект со многу поголем обем. Објект кој ќе го узурпира целиот зелен простор, дворот, игралиштето, и ќе има уште еден кат. Дополнително, кој дозволува или воведува и комерцијални простории во објект кој е јавен и каде секојдневно престојуваат мали деца, игнорирајќи ги сосема нивните основни потреби: да растат, учат, да се дружат и формираат како личности. Притоа, изготвувачите на планот, но и архитектите кои се дел од секторот за урбанизам при Општина Охрид воопшто не ги испочитувале авторите на објектот – двајца значајни охридски но и македонски архитекти, нити нивното дело, битно за десетици генерации охриѓани, не ја испочитувале нивната визија, амбиенталниот момент кој го има градинката, па решиле да вцртаат уште еден огромен објект безмалку колку целата катастарска парцела.

Наместо ставање на листата на архитектонско културно наследство на Охрид од втората половина на минатиот век, односно периодот на модерната, постои опасност објектот на градинката да биде уништен, заедно со градската куќа во непосредна близина, старата училишна зграда и паркот во соседното основно училиште „Григор Прличев“ како и објектот на Маларична. Не смееме да дозволиме да се загуби уште еден вреден објект од модерната, а Охрид дополнително да загуби значајно културно наследство и дел од својата колективна културна меморија.

(фотографијата е преземена од публикацијата „Македонска архитектура“

Извор: Охрид SOS