Спортска сала „Градски парк“ /Милушева, Смилеска, Темелковска, Цветковска, Алексовска
27.10.2017 • XXI век
Автори: Паолина Милушева, Биљана Смилеска, Билјана Темелковска, Гордана Цветковска и Александра Алексовска
Година: 2017
Награда: Рамноправно откупен труд
________________________________________________________________________________
Претставениот проект давајќи одговор на функционалните, естетските и содржинските длабочини, се обидува да ја одржи деликатната рамнотежа помеѓу архитектонската форма и програмската содржина, односно да обликува простор во кој ќе може функционално и безбедно да се одвиваат предвидените активности. Дополнително, новопроектиранта сала Градски парк цели да воспостави врска со својата поблиска и поширока околина, уште повеќе да се вклопи во менталната мапа на жителите на градот како природен дел од градското ткиво.
Имајќи го тоа во предвид, водечка мисла при формалното обликување на програмската целина беше воспоставувањето на врската со поблиската околина, па во таа насока, правилната и строга форма на новопредвидениот објект треба да претставува контраст на своето опкружување преку кој, истиот би се истакнал како дистинктивна визура во опшиот пејзаж на паркот. Предвидената лесна и транспарентна обвивка би овозможила околината да протече и да се втопи со објектот, давајќи му етеричен и дематеријализиран карактер на истиот. Дополнително контактот со паркот, кој се остварува преку јужната фасадна вертикала, е обмислен на тој начин да внатрешната содржина се “прелее„ кон надвор, доближувајќи ја содржината кон околината и давајќи му на објектот одредена хуманост. Така тој повеќе не е затворен микросвет туку комуницира и егзистира заедно со својата околина.
Фасадата обработена со брисолеи функционално ќе овозможи соодветна заштита од сонце, но истовремено и порозност на надворешната обвивка што ќе овозможи соодветно осветлување на работните простории како и на самата сала.
Боите и материјалите во кои е обработен ентериерот комплетно се подредени на клубските бои на кошаркарскиот клуб Работнички, па во таа смисла јасна е доминацијата на црвената боја која има најсилна асоцијација со градскиот клуб.
Во рамките на предвидената локација, проектот се обидува да оформи рамка или простор за една обемна програмската содржина чија распределеност цели да ја задоволи потребата за непречено паралелно функционирање на повеќе истовремени активности.
Програмски и просторно волуменот е доминиран од повеќенаменската спортска сала чие борилиште во своите најшироки рамки ги задоволува капацитетите за повеќе видови на спорт додека гледалиштето, кое е сочинето единствено од фиксни седишта, поседува капацитет за 2700 гледачи.
Основа на приземје
Просторот на гледалиштето го сочинуваат две нивоа на трибини од трите страни на теренот додека кон четвртата- јужна страна, предвидена е една трибина која се запира на ниво на надворешниот терен непосредно до јужната фасада. Во тој близок контакт меѓу внатрешноста и надворешноста преку стаклената обвивка- јужната фасада се трансформира во огромен прозорец или платно за проекција на случувањата во арената.
Пристапот до салата е предвиден од западната страна, директно од котата на теренот, од каде се отворени засебни влезови. Од приземјето преку влезниот хол посетителите можат да пристапат до меѓунивото на гледалиштето кое ја надгледува салата, и потоа преку предвидените комуникации да се распределат до засебните трибини. Во услови на евакуација на посетителите од салата, предвидени се дополнителни излези преку кои публиката може брзо да ја напушти зградата.
Основа на кат
Во влезниот хол, во подтрибинскиот простор сместени се делови за гардероби и пулт за освежување за посетителите. Еден дел од холот е организиран во еден вид на музеј или изложбен простор преку кој посетителите ќе можат да се запознаат со историјата и успесите на клубот. Во тој склоп на јавни содржини наменети за широката публика предвиден е и ‘фан шоп‘ со влез директно од улицата на јужната страна, со што ќе овозможи негово индивидуално функционирање, како и билетара при самиот влез на објектот.
Долж северната страна ВИП посетителите преку засебен влез имаат директна приватна конекција со ВИП секторот од гледалиштето, како и пристап до затворена зона наменета исклучиво за овој тип на гости.
Целиот програмски пакет наменет за спортистите е сместен на првото подземно ниво. На северната страна линеарно се развиваат сите простории потребни за акомодирање на спортистите, рекреативците и спортските работници. На ова ниво исто така се наоѓаат и две гупи на тоалети наменети за посетителите, кои се соодветно одвоени од просториите за спортисти и до кои е обезбеден пристап со вертикални комуникациски јадра.
Основа на 2 кат
По должина на северната страна, на ниво на последната трибина се наоѓа просторот наменет за новинарско следење на натпреварот, со дел наменет за телевизиско снимање и дел за известување. Над влезниот хол, на западната страна сместен е прес центарот додека над овој кат, на последното ниво, се наоѓаат просториите за управата и менаџирањето на клубот како и канцеларискиот простор за спортски федерации.
Затвореното паркиралиште, со капацитет од 161 автомобил и 70 моторцикли, е предвидено на две подземни нивоа до кои има пристап преку рампа од источната страна на објектот, од каде може безбедно да се регулира колскиот и пешачкиот сообраќаен режим во посебни прилики.
Основи на подземни нивоа
Како дополнителна комерцијална содржина, во рамките на објектот е предвидена и игротека со кафуле, сместена на источната страна од каде комуницира со околината и останатите содржини.
Ф.К
Автор на статија: Filip Koneski
Александра Алексовска / Билјана Темелковска / Биљана Смилеска / Гордана Цветковска / Конкурс / Паолина Милушева / Работнички / Сала Градски Парк