СТАНБЕНА КУЌА СТАМАТОВСКИ / АРХИПУНКТ

Автори: Невенка Манчева Аџиевска, Марија Антиќ Николова

Клиент: Сем. Стаматовски

Локација: Нас. Тафталиџе, Скопје

Година на проектирање: 2018

Извор: Архипункт

Според барањата на клиентите, оваа куќа е осмислена со две независни станбени единици, со посебни влезови и заеднички гаражен простор. Едната станбена единица се наоѓа на приземје и е наменета за постарите родители, додека втората е организирана на две нивоа – приземје и кат, наменета за помладото семејство Стаматовски.

Во подрумското ниво е сместено паркирањето и останатите помошни простории, со што дворот останува слободен за зеленило и престој на отворено. И двете единици имаат директна,  засебна врска со подрумот, како и излез во задниот двор преку дрвена платформа и скали.

Објектот претставува композиција од волумени, од кој секој е хиерархиски димензиониран согласно намената и соодветно фасадно обработен. Нивната меѓусебна поставеност го отвора објектот кон јужната страна и го одлепува од соседот со цел поголемо осветлување и визури. Материјализацијата е комбинација од бетон, дрво и малтер како завршни обработки кои ја даваат главната појавност на објектот и ги истакнуваат волумените.

Главниот волумен од дневниот двовисински простор е осмислен како школка од натур бетон и кон внатрешноста и кон надворешноста на објектот. За да се постигне тоа, кај тој волумен фасадните ѕидови се решени како сендвич од две бетонски платна со термоизолација помеѓу. Внатрешното платно е носивото, додека надворешното има улога на фасадна облога.

Заедничка заложба и на клиентите и на архитектите беше со овој проект да се одговори на урбанистичкиот план за оваа населба кој го менува нејзиниот карактерот на населбата од населба со индивидуални приземни постземјотресни бараки, во таква со повеќесемејни станбени куќи со поголема катност. Овој проект инсистира на тоа да одговори на потребите на двете семејства, да го задржи квалитетот на домување во куќа, истовремено прилагодувајќи се на контекстот кој е во константно растење и згуснување.