Стан со поглед кон Водно/ Николовски
16.09.2022 • Ентериер и мебел
Ентериер и дизајн: Даниел Николовски
Година на изведба: Фебруари, 2022
Локација: Дебар Маало, Скопје
Површина: 65м2
Автор на фотографии: Марко Костовски
Во срцето на Дебар Маало, се наоѓа еден стан од 65м2, проектиран од дизајнерот на мебел и ентериери Даниел Николовски. Првично трисобен стан, конвертиран во двособен, една спална и една голема дневна со кујна и трпезарија. Oваа станбена единица е позиционирана во поткровјето од петкатна зграда. Погледот е ориентиран кон Водно и преку ден ентериерот е природно осветлен.
Идејата зад станот беше да се создаде атмосфера на уметничко студио или ателје, каде фокусот ќе биде современата уметност на ѕидовите, а мебелот ќе биде микс на современ стил и винтиџ парчиња од 60-70тите години.
Штом се влезе во станот, ходникот се издвојува од останатото преку сиво-маслинестата боја на ѕидови и топлиот оревов паркет. На ѕидот во ходникот е поставено првото уметничко дело (уметник Ивана Мојсовска), интро кон уметноста во станот која е моно-хроматска и графичка. Потоа следат големите огледала кои го oткриваат останатиот дел од просторот. Тој е отворен и ги претопува функциите една во друга, од ходникот се влегува во кујната, дневната и трпезаријата, со целосно отворен поглед на Скопје и Водно.
Кујната претставува простор за социјализирање, конверзација и забава. Тоа е овозможено преку големиот остров кој се користи за готвење и јадење. Материјалите се мат и суптилни, плотната е матиран црн гранит, што речиси делува како црн примитивен камен со блага рапавост, додека вратите од кујната се излакирани во темно зелена боја. Амбиентот е украсен со 3 висечки сијалици од месинг и уметичко дело (графика) од Ана Спасова.
Дневната соба е продолжение од кујната и е уредена со софа, 2 винтиџ фотелји и кафе масички направени од масивно дрво од манго. На ѕидот во дневната закачена инсталација од алуминиум издизајнирана од Даниел Николовски, зелен рачно изработен килим од рециклирана волна и осветлување инспирирано од филмски рефлектори.
Трпезарискиот простор е составен од трпезариска маса од орев, библиотека и работна маса. Библиотеката е композиција од лебдечки полици и долен елемент направен од ОСБ плочи (фарбани во бело), каде природната текстура на ОСБ-то е видлива. Во библиотеката се изложени различни керамички вазни, скулптури, уметнички дела од македонски автори и книги.
Идејата зад спалната соба беше да седобие амбиентален простор, каде фокусот ќе биде релаксација за умот и телото. Доминира темна боја инспирирана од океан, дрвен кревет и преработен винтиџ елемент од 70тите (од Скопје), кој има скриен грамaфон. На ѕидовите закачена е оргинална графика од италјанскиот архитект Андреа Бранзи.
Тоалетот ја превзема истата филозофија од спалната, таму преовладуваат темни бои и материјали како бетон и темно дрвени подови, инспирирани од бруталистичката архитектура во Скопје.
Автор на статија: Filip Koneski
Винтиџ / Внатрешно уредување / Даниел Николовски / Дебар Маало / Мансарда / Мебел / Поткровје / Репарација на мебел