Станбен објект – Козара / АТТИКА Архитекти
13.03.2026 • XXI век
Автори: АТТИКА Архитекти
Инвеститор: Хрисинг ФС ДООЕЛ
Година на проектирање: 2021
Година на изведба: 2024
Локација: Скопје, Македонија
Локацијата на објектот е во централното градско подрачје, во густо изградено ткиво каде преовладува станбената структура – самостоечки објекти и објекти во низа.
Објектот е врамен од три страни со улици – пристапната ул. „Козара“ од северната страна и ул.„Елисие Поповски“ од јужната страна. Двете улици се на различни висински коти во однос на котата на теренот на предметната парцела, што условува денивелација во пристапот и обликувањето на партерното решение. Покрај западната страна на парцелата се протега пешачка комуникација, при што совладувањето на висинската разлика е решено со систем од скали и пристапни рампи. Од источната страна објектот е лепенка со соседен објект.
Архитектонското решение произлегува од урбанистичките услови на локацијата, конфигурацијата на теренот и потребата за функционална и јасна организација на станбените содржини. Концептот предвидува јасно раздвојување на пешачкиот и сообраќајниот пристап, влезот во подземните нивоа за паркирање и паркингот во рамки на парцелата е предвиден од улицата „Козара“, додека главниот влез во објектот е поставен на бочната страна со пристап од западната пешачка улица.
Влезната партија води кон централно комуникациско јадро составено од скалишен простор и лифт, преку кое се обезбедува пристап до сите надземни и подземни нивоа.
Објектот се развива на приземје и 5 ката каде што се распределени станбените единици и 2 подземни нивоа каде што е сместен паркингот. Првите четири нивоа имаат по 4 станбени единици, а останатите две нивоа имаат по 3 станбени единици. Во централниот дел на основата кон калканот е поставено комуникациското јадро, додека становите се разиваат периметрално кон трите слободни страни на парцелата. Поголемите станови имаат двојна ориентација со цел да се овозможи поголема инсолација во текот на денот, како и отворање на погледи кон различни страни.
Објектот има јасно дефиниран волумен со правилни геометриски форми кој произлегува од функционалното решение на основата. Волуменската сегментација е нагласена со употреба на различни материјали и текстури со цел да се постигне визуелна хармонија и воедначена целина.
Автор на статија: Љубен Трајаноски
















