Стара скопска чаршија / Арсовски

Автор: Тихомир Арсовски

Година: 1971

Издава: Завод за станбено комунално стопанисување

Печати: графички погон „Светлост“ – Скопје

Рецезенти: Крум Томовски, Иван Катарџиев

Фото прилози: Пенчо Хаџи Петрушев

Технички изработка на проекти-цртежи:  Коста Бојаџиевски, Ацо Ангеловски, Никола Пешев

 

 

Тихомир Арсовски е автор кој потпишува голем број на изданија поврзани со културното градителско наследство и урбанизмот.

„Стара скопска чаршија“ е издание кое содржински опфаќа повеќе сегменти околу овој историски потег на градот Скопје, кој се развива од средниот век се до денешницата.

Содржински истото е поделено на:

  • Предговор
  • Резиме
  • Историски развиток
  • Информации за значењето на урбанизацијата на  Ст.скопска чаршија
  • Урбанистички проект
  • Културно-историски споменици
  • Архитектонски проекти

 

 

 

Развојот на градовите низ историјата најдобро е прикажан во урбанистичките и архитектонските остварувања, кои, како напори на одредени општествени структури, се свидетели на животот на еден град, на техничките, ликовните, и општо културните постигања на луѓето.

Нашиот град, секако, е еден од оние градови чие бурно историско минато се манифестира низ бројните културно-историски споменици градени низ векови. Старото јадро на градот – Старата скопска чарпија, како единствена смислено настаната урбанситичка агломерација, со низа кривулести улички и логично оформени урбани групации, е највпечатливиот сведок за општествените, економските и културните прилики на градот, за животот кој се одвивал меѓу тесните, калдрмисани улички и малите занаетчиски дуќанчиња, како и во монументалните објекти од општествен карактер, групирани во посебни урбани целини, како што е таа, на пример кај Куршумли ан, или, пак, кај Чифте амам, Безистенот и Сули-ан, кај Даут Пашин амам и други.

 

 

Во книгата, внимателно се документирани монументалните објекти и целини, како и нивниот процес на реконструкција и реставрација по големиот скопски земјотрес од 1963та година.

Тука можеме да  го видиме планот за интеграција на чаршијата во новиот град,  нејзино планско прекројување и дефинирање во посебна зона на заштита и режим на управување.

 

 

Низ изданието среќаваме многу рачни цртежи и авторски скици на Арсовски, кои се одличен архитектонско – документаристички материјал, меѓутоа и подлога за  презентација на личните  визии за чаршијата.

Од тука неговиот пристап кон културното наследство е темелен, со посебен однос и вистински посветено време во анализа, размисла и резултат – предлог.

 

 

Најголемите интервенции во ткивото на чаршијата и контактните зони, се околу споменатите атрактивни објекти од општествен и сакрален карактер.  Презентираните проекти се обидуваат да ги откријат овие објекти во нивната потполна појава што е став на модернизмот и постмодернизмот – отворени простори за јавна употреба, кое е пак различно од нивниот историски развој каде повеќето  се скриени позади дуќанчиња, ѕидови и огради.

Со новиот принцип, тие сами се откриваат пред вас, Ве повикуваат, додека во минатото биле скриени од улицата, негде таму во сокаците.

 

 

Изданието на Арсовски многу веројатно дека не е возможно да го најдете во некоја книжарница, но со сигурност ќе го најдете во библиотеката на Архитектонски факултет,  Народната библиотека или на кејот на Вардар кај препродавачите на стари книги.

Ваквите материјали заслужуваат поголема видливост и достапност, се надеваме на нивна дигитализација и јавна достапност која ќе користи како граѓа и почетна точка во следните урбанистички интервенции во градот.