Стареењето на „Младост“
16.08.2026 • Пејсаж Став Урбана опрема
Фотографии: 2026
Локација: Езеро „Младост“, Велес
На тема пејзажно уредување сме говореле многупати, како за Скопје, така и за другите градови во Македонија. Неодамна имавме можност да го посетиме Велешкото Езеро „Младост“ со цел рекреација и за миг оддишка од градот. Езерото „Младост“ е едно од најпопуларните вештачки акумулации во централиот дел на државата. Се наоѓа на околу 8км северно од градот Велес и на околу 40км од Скопје, во близина на автопатот, што го прави многу пристапно за дневни излети, рекреација и одмор.


Акумулацијата била создадена кон крајот на 1950тите и почетокот на 1960тите години, а изградбата започнала околу 1961-62 година, во долината на реката Отовица. Главната намена на ова езеро било за наводнување на земјоделските површини и лозовите насади во околината. Името „Младост“ го добива во чест на младинските работни акции кои активно продонесувале за изградбата, уредување и грижата на околината.
Историски фотографии од макотрпната работна акција за создавање на езерото. Извор: tirekovmirece.com
Иако првичната намена на езерото била од сосема друг карактер, низ годинитe тоа прераснува во важен туристички центар речиси во текот на целата година. Низ децении подоцна максимално се користел туристичкиот и рекреативниот потенцијал. Поради непосредната близина и добрата сообраќајна поврзаност, езерото секористело за капење, пикник, излет, викенд-рекреација не само за локалното население туку и за посетители од целиот регион. Се организирале различни спортски активности и риболов. Исто така, со текот на времето се развило и угостителството. Долж брегот беа изградени мотели и ресторани. Со ова езерото стана и важна угостителска и транзитна дестинација покрај автопатот.
Историски фотографии од рекреативни дејности на езерото. Извор: ФБ група
Доколку денес поминувате и престојувате покрај езерото ќе наидете на деградирана урбана опрема и запуштени пешачки патеки кои пред неколку години беа направени како донација од Европската Унија. Ќе наидете и на отпад, како и на екстремно загадена вода на езерото. Откако беше уреден кејот, набрзо започна и процесот на пропаѓање поради фактот на сопствената негрижа на корисниците.
Се чини дека се започна со големиот пожар на боровата шума на ридовите околу езерото кој се случи во 2019 година и изгореа над 400 хектари густа и повеќедецениска шума. Токму таму низ минатото се правеа масовни излети, граѓаните на околните населени места ги поминуваа своите викенди, празници и одмори во природа.


Низ годините многупати се констатирала лошата состојба на водата и околината на езерото, направени се истражувања, се одржувале неколку акции за чистење, се правеле елаборати за утврдување на состојбата и заштита на животната средина, но состојбата денес навидум е сѐ уште иста.
Решението за овој комплексен проблем не е лесно, но конечно општината и државата треба да делуваат на одредени начини.
1. Планирање на системи за управување со атмосферските води, одводнување или филтрација за водата во езерото да остане чиста. Најважно е да се постави строга регулатива за одведување на водите од станбено-рекреативната населба и формирање на соодветна канализациона инфраструктура. Ова е основниот и појдовниот критериум кој треба да се задоволува пред урбанистички да се планира некоја населба.
2. Дефинирање на непроменлива зелена зона непосредно околу езерото со цел да се спречи ерозија и деградација на брегот.
3. Минимизирање на влијанието врз локалната флора и фауна.
4. Слободен јавен пристап до брегот, да остане јавен простор за шеталишта, плажи, простори за рекрација итн.
5. Регулирање на коефициентот на изграденост со цел да се избегне урбано преоптеретување особено во моментов без основна инфраструктура.
6. При градење, архитектурата да го следи природниот терен со цел да се зачуваат визуелните панорами кон езерото.
7. Садење автохтони растенија и дрвја кои добро поднесуваат влага и помагаат во одржувањето на биодиверзитетот.
За жал, езерото „Младост“ со години е пример за тоа како човечката негрижа и невнимание можат сериозно да го нарушат природниот баланс. Несовесните посетители, отпадот, масовниот пожар итн., драстично го променија пејзажот.
Предлози за можни дејствувања кои ќе придонесат за враќање во живот на овој регион, земајќи ги во предвид моменталните ресурси и околности.
– Поставување на камери и воведување соодветни казни со цел да се намали намерното вандализирање;
– Организирање на младински акции за расчистување на околината;
– Распишување на студентски конкурс кој ќе придонесе за нови идеи и решенија за пејзажна архитектура;
– Организирање чести акции за засадување нови дрвја и ниско зеленило.
Јасно е дека пејзажното уредување, клупите и летниковците не се најголемиот проблем во моментов, но итно е потребна поголема и посериозна акција за враќање во живот на езерото и околината.
Иако во последниве години се преземаат различни акции и чистење, последиците од човечкото невнимание бараат децении за целосно да се санираат.
Автор на статија: Martina Shteriova
Велес / Езеро Младост / Пејзажна архитектура / пејзажно уредување / урбана опрема

























