Став за една контаминирана ситуација / Павловска Циги

насловно фото: Printscreen од Само Прашај

 

Владее една контаминирана ситуација на крајно непочитување на системот за организација на планирањето и на заштитата на просторот односно владее злоупотреба и игнорација на правните акти за неговото уредување и користење. Заради тоа секој обид за подобрување во оваа компромитирачка сфера е добредојден, а вака изнесен став би требало да е од корист. Со овој текст се укажува (пак, и пак) на неопходноста од  доследно спроведување на законските обврски  произлезени од важечкиот урбанистички систем. Но, понекогаш  е потребно мудро проценување на евентуалните грешки, слабости, пропусти, во процесите и процедурите, за да тие некако, практично и логично се надминуваат. Тогаш состојбите  добиваат нова димензија на реалитет и со оперативни механизми се поправа откриениот неквалитет. Процедурите не смеат да се одбегнуваат, но пожелно е вешто користење на сите законски можности и алатки за примарно остварување на јавниот интерес. Секако, при тоа е потребно адресирање на одговорните и нивно казнување од субјекти задолжени за тоа (КОАИ, раководители, судови и тн.)

 

Отпочнатите градежни активности на  градежната парцела ГП 6.1, во заштитеното подрачје на Споменикот – Воена болница во Скопје, алармираат потреба од итно делување затоа што претставуваат завршен чин во воспоставување на објект без соодветна документација. Добиените информации укажуваат дека предходно не е спроведен обврзувачки процес на изготвувањето на соодветна планска документација односно не е внесен вистинскиот вредносен статус на локалитетот на Војната болница во Скопје во содржината на деталниот урбанистички план. Инертноста и незнаењето во управувањето со просторот на повеќе нивоа, произведе лоши последици и консеквентно го наруши поставениот систем .

 

Граници на заштитено подрачје од актот за заштитно –конзерваторски основи за културно наследство -Споменикот Војна Болница

 

Во процедурата учествувале повеќе субјекти кои направиле пропусти, но одговорните за урбанистичкиот аспект  и одговорните за реализација на градбата требале да ги согледат и надминат сите слабости пред издавањето на финалниот документ- одобрението за  градба. Факт е дека вреднувањето и проценката на севкупната изготвена документација се одвивале површно и без соодветна аргументација.

Со одобрениот документ – Конзерваторски основи на ГУП-от на Град Скопје од 2012 година, извршена е валоризација на Воената болница во Скопје и воспоставено е Заштитено подрачје – Воена болница, со Споменик – Воена болница и негова Контактна зона. За наведеното културно добро постојат граници, категорија – значајно културно наследство и режим на заштита од втор степен, а за неговата Контактна зона предложени се граници и режим на заштита од трет степен. Со тоа се очекувало да се воспостави заштита на неговиот идентитет и посебност, заштита од девастација и девалвација, да се побарува посебен обликовен третман на целото подрачје и тн.  Инаку, тоа не исклучува можност за изградба на нови објекти, нови урбани интервенции, естетизирање и осовременување  на просторот, но сето тоа во склад и со почитување на хиерарски поставените планови. Се очекувала и висока морална и професионална одговорност на планерите, проектантите, дизајнерите, стручните општински служби и сите субјекти/учесници во реализацијата. Секако, архитектонското и партерното обликување на просторот е обврзително со разработка на ниво на посебен тематски архитектонско-урбанистички проект. Сензибилноста на локацијата побарува висока одговорност во апликациите на „новото“,  така да новопредвидените објекти мора да ги почитуват критериумите и елементите на заштитата, границите на зоните на заштита, а габаритот, катноста и силуетите да се прилагодени на вредностите и значењето на самото културно добро.. Во овој случај, во изготвениот архитектонско урбанистички проект за локацијата за градба третманот не е таков и заради тоа тој мора да се преработи во нов релевантен, а  кој одново ќе се разгледува и одобри.

Пожелно е предвидување и спроведување на (повикан) архитектонски  конкурс заради спецификата на заштитарскиот аспект и суптилноста на урбаниот контекст на локалитетот.  Особено е важно создавање на несекојдневна современа архитектура со препознатлив уметнички израз на така слободно поставена „ нова вертикала“ . Експлицитно да застане и општата и стручната јавност зад барање на висок квалитет  на новопредвидениот проблематизиран објект.

 

 

Површината за градба на новиот објект

 

Заклучно согледување

Прагматиката на оперативниот урбанизам често може да поогне, може да ги (одстрани) намали или поправи грешките настанати во процедурите и постапките на одобрување и реализацијата на урбанистичката документација. Тие може да бидат намерни – заради остварување на некои приватни интереси  (како корупција, мито и сл.),или ненамерни направени од незнаење, површност, неодговорност, клиентелизам, полтронство и др. Во таа смисла природно се наметнува промислувањето на следните чекори во реализацијата на планот за веке девастираниот простор на посочената  локација за градба.

По аналитичко согледување на урбанистичкиот аспект на настанатата деликатна ситуација се препорачува:

  • Ургентно стопирање на понатамошни градежни активности на предметниот локалитет и поништување на одобрението за градба на објектот;
  • Изготвување на проект на санација на девастираниот простор со минимум трошоци;
  • Изготвување и одобрување на нов архитектонско урбанистички проект со стриктно почитување на елементите на заштита ;
  • Акцептирање на произлезените нови обврски за проектантот и нивно вградување во соодветен нов основен проект за објектот;
  • Внимателна проверка на севкупната документација потребна за реализација на проектот односно пред издавањето на новото одобрение за градба на објектот.

 

Даница Павловска Циги, диа

Мај, 2024 година

Скопје