Стоби

Период: Хеленистички период (први записи за постоење)
Извори: Википедија на македонски јазик (текст и фотографии)
www.stobi.mk (текст и фотографии)

Местоположба и истражувања

Стоби е древен град кој со својот урбан дел се наоѓа на три тераси, што се спуштаат кон Црна Река, опкружени со ѕидови, а на устието меѓу Црна Река и Вардар. Археолошкото наоѓалиште Стоби е со површина од 1.600 квадратни метри. Познато е дека тука минувале главните патишта кои ги сврзувале областите на преден Дунав со средоземните земји, уште од предисторискиот период. По овој главен пат на Балканскиот Полуостров се движеле културните влијанија од југ кон север и обратно. Црна Река, од друга страна, претставувала природен пат кој ги сврзувал централните области на Македонија со Јадранското Море. Во римскиот период покрај Црна Река водел значаен пат, кој го поврзувал градот Стоби со Вија Егнација кај Хераклеја Линкестис, близу до денешна Битола. Така градот Стоби заземал мошне значајна стратегиска, воена и трговска позиција во античкиот период.

Јужно од градот се наоѓаат траги од предградија, додека портата на градот што води кон Хераклеја, а по падините од Гробјанската црква до базиликата во Паликура, се наоѓаат повеќе некрополи. Тие некрополи се од хеленистички, римски, ромејскиот (средновековниот римски) и словенски период.

Театарот во Стоби на разгледница од 1933 година

Историја

Раноримски период

Во II в.п.н.е. Римјаните ја совладуваат територијата на Македонија. Овој период трае од II в.п.н.е. до IV в.н.е. Римјаните формираат нови населби, но исто така затекнуваат голем број на населби на овие територии. Тие го поттикнуваат развојот на населбите кои се наоѓаат на поважните патни правци, од кој едниот е Via Ignatia. Од постојните Пајноски населби продолжуваат да ги развиваат Стоби, Стибера, Хераклеја Линкестис, Лихнид, и ноформираната населба Скупи.

Стоби бил град со самоуправа, имал дозвола да прави свои монети. Тој се наоѓа на устието на реката Црна (Erigon) и Вардар (Axios). Зафаќа голема територија оградена со ѕидини и иако не се развива во некаква правилна форма, сепак доминира ортогоналната матрица на улична мрежа.

Најстари пишани извори за Стоби наоѓаме кај Тит Ливиј, кога споменува за победата на Филип V, крал на Македонија, над Дарданците во 197 г. п.н.е. Според археолошките податоци градот бил подигнат во хеленистичкиот период, но не многу пред владеењето на Филип V.

Остатоци од улица во Стоби

Со истражувањата под неколкуте градби во централното подрачје на подоцнежниот град, пронајдени се слоеви од III и II век п.н.е., а пронајдени се бронзени предмети од класичниот и архајскиот период, како и поединечни керамички предмети од неолитскиот период. Се претпоставува дека градот бил основан во 359 г. п.н.е. Во 168г. п.н.е., со победата на римјаните над кралот Персеј, Македонија била поделена на четири области. Тогаш Стоби станува центар на трговија на третата област. Во 148 г. п.н.е. Македонија станува римска провинција. За време на владењето на август (31-14 г.п.н.е.)градот се шири на запад и југ, за што сведочат 55 гробови од западната некропола, од времето на Август.

Доцноримско време

Стоби е значително намален, смалени му се границите кон реката Црна. Во текот на римскиот период Стоби бил исто така значаен и влијателен град. Градот бил епископско средиште уште од 325 г., кога епископот Budios зел учество во Никејскиот собир. Во текот на IV-V век, овде биле подигнати повеќе импозантни цркви, како по својата големина, така и по својата внатрешна декорација со богато архитектонско украсување, мозици, фреско-живопис и структура, од кои голем дел беа најдени при ископувањето. Со мозаици се украсени и повеќе приватни градби, чие внатрешно уредување и распоред ги сместува во Перистериевата и Теодосијанската палата.

Мапа на Стоби

Објекти и градби

1. Театар; 2. Епископска базилика; 3. Via sacra; 4. Епископска резиденција; 5. Domus fulonica; 6. Via principalis superior; 7. Теодосијанска палата; 8. Via theodosia; 9. Куќа на перистерија; 10. Градска чешма; 11. Via pricipalis inferior; 12. Голема бања; 13. Via axia; 14. Куќа на полихарм (куќа на псалмите) 15. Синагога базилика; 16. Мала бања; 17. Цивилна базилика; 18. Северна базилика; 19. Градба со арки; 20. Casa romana; 21. Коцкарница; 22. Фортификацијата на Стоби; 23. Базилика Extra muros; 24. Гробјанска базилика; 25. Базилика во паликура.

Театарот во Стоби

Театар

Театарот во Стоби е еден од најимпресивните објекти што некогаш биле изградени во овој град. Се наоѓа на јужната периферија од градот и за разлика од другите антички театри во Р. Македонија е изграден на блага падина или пак на рамна подлога. Седиштата се поставени врз претходно изградена конструкција од радијални и циркуларни ѕидови. Театарот има 3 фази на градење односно функционирање. Првата фаза е недовршена, поточно кон крајот на I век од н.е. била поставена платформа за една поинаква сценска зграда која никогаш не била завршена. Концептот за градење бил сменет, а оваа платформа засипана со земја.

Театар

Епископска базилика

Епископската базилика е најзначајниот христијански објект во Стоби. Се наоѓа западно од театарот и во нејзината егзистенција постојат два посебни периода. Првите ископувања биле во 1918 година, а истражувана е и во 1924 – 25, 1927, 1934, 1970 – 78, во текот на 80 – тите и во 90 – тите.

 

Епископска базилика
Мозаик во Епископска базилика

Теодисијанска палата

Најрепрезентативниот резиденцијален објект на Стоби е сместен во центарот на градот помеѓу улиците Via Principalis Superior и Via Principalis Inferior. Името го добива по претпоставката дека императорот Теодосиј I престојувал во оваа палата при посетата на Стоби во 388 г. н.е.

Поделена е на два дела кои не комуницираат еден со друг и поради тоа некои истражувачи сметаат дека се две посебни куќи, при што јужниот дел се вика Куќа на Партениј. Името доаѓа од откриен печат со натпис „На Партениј“. Сепак доколку се земе во предвид дека палатата не е комплетно истражена и дека многу веројатно и т.н. „Затвор“ припаѓа на комплексот, тогаш сето заедно може да се нарече Тедосијанска Палата.

Теодосијанска палата

Куќа на Перистерија

Куќата на Перистерија се наоѓа во центарот на градот и од сите четири страни е заградена со улици. Најголемиот дел е откриен во 1933 – 34 година, додека во 1965 – 66, 1971, 2001 и 2005 година се изведени помали археолошки ископувања во одредени делови.

Куќата е всушност комплекс од простории со станбен и стопански карактер и имала најмалку два спрата на што упатуваат откриените скали. Југоисточната половина е репрезентативниот дел на градбата. Тука се сместени перистил, два триклиниума (трпезарии), бања, голем двор и неколку помали простории.

Куќа на Перистерија

Голема бања

Големата бања се наоѓа спроти Куќата на Перистерија од другата страна на улицата Via Pincipalis Superior. Истражувана е во 1931 – 32 година, а конзервирана е во 1960.

Голема бања

Мала бања

Веднаш до апсидата на Синагога Базиликата се наоѓа Малата Бања. Нејзиниот источен дел е пропаднат во однос на западниот што би се должело на пореметување на подлогата веројатно предизвикано од земјотрес. Ископувана е во 1931 и 1963 година, но нема многу податоци за овие истражувања.

Мала бања

Северна базилика

Црквата е ранохристијанска тробродна базилика, чии странични бродови се надоградени на централниот. Има простран атриум, ексонартекс и нартекс и крстилница од северната страна, кој има четирилисна писцина. Во црквата се влегува од Вија Принципалис Инфериор. Објектот, според стилските особености, е датиран во V-VI век. Во јужниот брод и јужно од црквата се откриени 23 средновековни словенски гроба од IX-XII век, кои и припаѓале на големата некропола што се протегала од Северната до Централната базилика.

Цивилна базилика

Овој објект се наоѓа наспроти Северната базилика. Со истражувањата биле утврдени седум градежни фази. Се смета дека на крајот служел за световни цели, па затоа е наречен Цивилна базилика. Под нивото на Цивилната базилика откриени се бронзени предмети од V век пр.н.е., најдени длабоко внатре во апсидата. Под наосот пак на базиликата најден е фрагмент од фреско – живопис со престава на барска птица, од I век од н.е. Под овој објект се откриени хеленистички слоеви од III и II век пр.н.е.

Во 2001, 2004 и 2005 година се извршени нови истражувања на базиликата и нејзина конзервација. Истражувачите констатирале два објекта, означени како базилика А и Β. Базиликата А е објектот што денес се гледа на површината, додека како базилика Β се определени остатоците од руинирана базиликална градба со подобро сочувана апсида. Објектот Β e датиран во IV век. Околу Цивилната базилика се откриени 18 средновековни гробови кои припаѓаат на средновековната некропола формирана на просторот од Северната Базилика. Гробовите се датирани во временски интервал од ΧΙ до почетокот на XIII век.

Цивилна базилика
Цивилна базилика