Стопанската комора во Скопје „Метропол“ / Милан Злоковиќ 1933

Стопанската комора во Скопје или „Метропол“ лоциран на главниот градски плоштад претставува ремек дело на модерната во Македонија. Проектирана од Милан Злоковиќ во 1933 година кој заедно со Драго Иблер (Градска болница) се меѓу првите архитекти кои се отргнуваат од неокласицистичкиот стил и творат во духот на модерната.

Формата на Метропол произлегува од самиот контекст на локацијата. Се надоврзува на штотуку завршената Народна Банка на Богдан Несторовиќ од 1927 година.

Иницијативата за изградба на Стопанската комора во Скопје била дадена на почетокот на 1933 година од страна на членовите на Трговско-индустриската комора, со цел да се соберат сите стопански организации на Скопје на едно место, во една заедничка зграда. со цел да се обезбеди нивна поефикасна работа. Парцелата за зградата со површина од 630 метри квадратни е купена на плоштадот Крал Петар во центарот на градот, до новата зграда на Народната банка, со која новата зграда на Стопанската комора треба висински да се усогласи. Затоа, било предвидено е Стопанската комора, покрај подрумот, да има приземје, меѓукатна и три ката да зафаќа површина од околу 470 метри квадратни.

Ситуација, @Fondacija Milan Zloković

Ова решение е спроведено по новиот Генерален урбанистички план на Јосиф Михаиловиќ од 1929, кој де надоврзува на планот на Леко од 1914 година и го оформува главниот плоштад како срцето на градот.

За добивање на идејното решение објавен бил архитектонски конкурс, на кој првата награда му беше доделена на Милан Злоковиќ. Изградбата на Домот е започната во октомври 1933 година. Поради високата цена на изградбата, инвеститорот побарал во проектот да се предвидат простори за изнајмување на приземје и на кат (продавници и угостителство).

Сепак идејното решение кое го изработува Злоковиќ не е решението по кое се изведува проектот. Во идејното решение има поголемо влијание на класичниот ред додека формата добива прочистен изглед во изведувачките планови и цртежи.

Финалниот проект @Fondacija Milan Zloković

Милан Злоковиќ како реномиран Југословенски архитект ги завршил студиите на Високата техничка школа во Грац. Потоа како добитник на стипендија поминува и извесно време во Париз на престижната школа „École Nationale Supérieure des Beaux-Arts“. По враќањето во Белград заедно Бранислав Којич, Јан Дубови и Душан Бабич ја основаат групата „Група модерни архитекти“ во Белград.

Опишувајќи го проектот Злоковиќ наведува дека објектот е проектиран во армирано-бетонска скелетна конструкција, со рамен покрив, а во изградбата ќе се користат современи градежни производи. На модернистички обликуваната фасада кон плоштадот доминира рамката на застаклениот меѓукат, додека со заокружување на ѕидовите од првиот до третиот кат и со оставање на меѓукатната конструкција во конструктивна решетка со столбови, означувањето на аголот беше постигнати во однос на конструктивно различните фасадни површини од сите страни на објектот.

Полукружното фасадно обликување на Народната Банка,  во основа се повторува и во објектот на Метропол. Кај банката учестувува во репрезентативната фасада кон плоштадот, додека кај Метропол е насочено кон Банката од каде е референцата. Истото е  умешно скриено во основата и само половина од него учествува во плоштадската слика. Пиластрата станува столб одвлечен од фасадата,  дефинирајќи ја  замислената рамнина на фасадниот фронт.

На тој начин не се наметнува, се воигрува со соседниот, прв објект. Висински го следи неговиот венец, оставајќи ја композиција на кулата на Народна Банка да е единствена во играта со спротивниот Офицерски Дом (како би се задржала композицијата на „порталот“).

Злоковиќ, направил и одличен премин од веќе прочистената фасадна декорација на Народната банка до целосно чистата фасада на Метропол. Потоа тука се и целосно застаклените комуникациски јадра и  внатрешен атриум за поголема светлина што говори за рационалноста на архитектурата.

 

Почитувајќи го делото на Милан Злоковиќ, Брезовски во 1955 година ќе соработува со Ѓорѓе Злоковиќ  во изработка на финалиот дизајн во формирање на силуетата и контиунитетот на плоштадот со подигнувањето на Стоковната куќа НА-МА.  „Архитектонското обликување на објектот е произлезено од неговата функција, од урбанистичките услови за поврзување со соседните објекти.’’ (Брезовски, 1958). Токму овој цитат на проектантот го објаснува оформувањето на објектот со два различни волумени  кои архитектот ги користи да ги одели функциите и да ја даде формата и силуетата на улицата.

Историските фотографии и дел од информациите се преземени од  Fondacija Milan Zloković