Структура за скопската тврдина / Парчеклиева, Халил

Автори: Ирена Парчеклиева и Сениха Халил

Тема: Програм и структура за скопската тврдина

Локација: Скопска Тврдина – Кале

Семестар: IX – 2022/2023  год.

Педагошки тим: Минас Бакалчев/Саша Тасиќ/Александар Петановски/Марија Петрова

Универзитет: „Св.Кирил и Методиј“ – Архитектонски факултет, Скопје

 

Авторско образложение:

Скопското Кале како еден археолошки локалитет пред се, но и како една од највисоките точки во центарот на Скопје, претставува лична карта на градот. Тврдината изградена најпрво во византиско време, денеска се смета за сведоштво на развојот и прогресот на човештвото, преку бројните археолошки пронајдоци затекнати внатре во ѕидините. Воочлив проблем е дека во денешно време се повеќе се имаме отуѓено од одговорноста наша и на градот, дека треба да ја чуваме и да и служиме на тврдината, како што некогаш таа имала одговорност кон нас и градот. Меѓутоа, ситуацијата е поинаква – скопското Кале делува како заборавено и напуштено место со доволно испуштени можности за негово активирање и славење на историјата што со себе ја носи. Од друга страна, тоа се почетоците на градот кои при негов раст и развој, истите имаат останато како антиквитет кој градот има заборавено да ги соедини со се што пораснало во него. Затоа, недостатокот на врските помеѓу животот долу и животот горе е значително забележителен.

 

Ситуација

 

Од ваквиот воочен проблем, потекнува и темата на Интегративното студио 9.1, како еден вид парадоксален експеримент – ако тврдината сама по себе не беше доволна за да се примети, тогаш да направиме некој мега-потег за да остане забележана.

 

 

Кружниот ореол кој лебди над ѕидините претставува еден потег кој што е намерно испроектиран на повисока кота, без да ги загрозува археолошките остатоци и да се наметнува на сето она што и припаѓа само на тврдината. Замислен е да се само допира неприметно на теренот со тенки столбови, а целата форма да лебди над Скопје и да ја рефлектира археологијата во себе, за таа да биде видлива и од котата на улицата. Идејата е да се активира тврдината и да се донесат туристи, но и жителите, а воедно таа да понуди и различни содржини и активности, кои во случајов ги вдомува кругот-видиковец.

 

 

Покрај содржините како што се домувањето (индивидуални соби), простор за работа, простор за изложување на археологијата (изложбен дел), кафетерија, маркет и библиотека на првото ниво, тука е и траката за трчање на највисоката точка од ореолот која што нуди незаборавни пејсажни моменти фатени над градот Скопје. Доминантни елементи се комуникациските врски, со тоа што се активирани влезовите на веќе постоечките тунели на тврдината, а додатно е испланиран главниот ‘рбет на кој се закачени сите тие, заедно со скулптуралните соби, а кој носи до главното вертикално јадро што се искачува се до највисоката точка на кругот. Со активирањето на тунелите и додавањето на вертикалните јадра кои носат секое до различна точка од природниот и новопроектираниот терен, значително е зајакната идејата за подобрување на врската помеѓу градот и тврдината.

 

 

Кале секогаш не асоцира на најубавиот видиковец во центарот на градот, на место од каде што се гледа најубавото зајдисонце и изгрејсонце, но факт е дека секогаш кога ние сме качени на тврдината, ја гледаме околината, но не постои точка во Скопје од која може од блиску да ја видиме целата таа морфологија и текстура што тврдината ја има. Ваквиот видиковец, освен што го врамува градот и околината со своите тенки рамки, го врамува и целиот рид наречен Градиште.