КЕРМЕС – Градски парк, Скопје / Момироски
01.03.2020 • Студентски проекти
Семестар: IX семестар 2019/2020
Предмет: Интегративно Студио
Автори: Никола Момироски
Универзитет: „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Ментор: Проф. д-р Минас Бакалчев, проф. д-р Саша Тасиќ, Александар Петановски, Гордан Петров, Марија Петрова
Локација: Градски Парк Скопје
„Кермес“ – една од најпознатите летни бавчи во Скопје пред замјотресот, најпосетувано место и спас од летните горештини, позната локација за освежување, добра музика и вкусна скара.
Токму поради тоа, ова интрегративно студио има за цел обнова на стариот објект на Кермес и враќање на сјајот на тој дел од паркот. На локацијата на „Кермес“ е започнат нов објект до одредена фаза на изградба, со изградена визба, приземна плоча и конструктивни елементи – столбови и армирано бетонски платна од приземјето.
Притоа како почетна цел го поставив тоа да се искористат сите досегашни изградени елементи, нивно дополнување и создавање на еден нов објект кој ќе има нова вредност, притоа дополнет со многу нови содржини. Затоа освен основната намена која што ја имал „Кермес“ како летна бавча и кафеана, вметнувам и други содржини како што се музеј, хостел, нови работни простории, видиковци, повеќенаменски простори и сл.
Новиот објект претставува елемент кој овозможува навлегување на природата во архитектурата преку рампи со нови зелени површини кои постепено не искачуваат до различни коти и притоа задржувајќи ја постојната аксијала на паркот. Новиот атриум во објектот со различни површини како трева, песок и дрвени платформи овозможува природно осветлување на просториите на музејот и „враќање на животот меѓу руините“.
Во музејот се предвидуваат панели кои можат да ротираат и да создаваат различни сценарија на музејски поставки во зависност од потребите. На кота -3,25 освен просториите на музејот се сместени и администрацијата како и простори за одредени презентации. Новите скалишни јадра директно не поврзуваат со музејот и внесуваат нови правци на движење во самиот објект.
Ризалитите на стариот објект на „Кермес“ се задржани преку новите кули во кои има сместено различни функции и изградени со челична конструкција како објекти од времен карактер. На кота 0,00 е сместен ресторанот со сите потребни простории како кујна, ладилници, соблекувални за вработените, кафе барот и пристапите до сите кули.
Постојат различни типови на кули со минимални димензии 3/3м и 3/5м, внесувајќи различни намени. Кулите се со висина колку крошните на дрвјата, не надминувајќи ги околните дрвја и не менувајќи ја постојната конфигурација на паркот. Најгорните нивоа на кулите се искористени како видиковци.
Самиот објект „Кермес“ претставува прва фаза на изградба. Како втора фаза на изградба предвидувам тремови кои го поврзуваат објектот со останатиот дел од паркот, задржување на постојната аксијала од споменикот Гоце Делчев до Зоолошката градина, како и нови кули од времен карактер на двата краја од новите тремови во кои ќе можат да се сместат лаборатории за испитување на различните растенија што растат во паркот, шалтери за продавање на карти за различните манифестации кои се одржуваат во паркот и сл. Самиот трем ќе може да се искористи за различни изложби на скулптури и други уметнички дела, како и за сместување на различните содржини од паркот во една линија.
Од студентот
Автор на статија: Љубен Трајаноски
АФС / Градски парк / интегративно студио / Кермес / Никола Момироски / Студентски проект