Црква Св. Јоаким Осоговски кај Крива Паланка / А. Дамјанов
02.06.2018 • XVI - XIX век
Година: 1847 - 1851
Архитект: Андреја Дамјанов
Извори: „Архитект Андреја Дамјанов“ - Јасмина Хаџиева Алексиевска, Елизабета Касапова, journeymacedonia.com
Локација: Крива Паланка
Насловно фото: Jorney Macedonia
„Црквата Св. Јоаким Осоговски претставува католикон на истоимениот манастир кој се наоѓа на околу 5 км оддалеченост од Крива Паланка, во пазувите на Осоговските Планини. Токму тоа што црквата се наоѓала надвор од градското ткиво на Крива Паланка, што значи подалеку од строгите османлиски регулативи, му овозможило на архитектот Дамјанов да ја реализира својата прва куполна црква со убаво обликувани и видливи куполи. Сите негови претходни градби биле базиликално обликувани со или без слепи куполи, а покриени само со двоводни покриви (Кратово, Велес, Печењевац, Турековац, Штип), додека со оваа црква Дамјанов го напушта стариот изразен модел и отвора едно ново поглавје во своето творештво во кое доминираат трикорабни петкуполни градби (Смедерево, Ниш, Чичево, Сараево, Мостар). Осоговската црква е прва во тоа поглавје, но во исто време многу специфична и различна од новиот модел на цркви.
Црквата Св. Јоаким Осоговски е изградена во периодот од 1847 до 1851 год. по иницијатива и лично вложување на жителите, на Крива Паланка и околните села.
Мајсторството и вештината со која располагал Дамјанов дошле до полн израз во осмислувањето и изградбата на овој објект. Тој успеал да извлече максимум од една тесна, ограничена, стрмна локација и доста успешно тука да ја смести големата црква. За таа цел на стрмниот терен е изведен вештачки масив од земја и камен, со што е добиено едно хоризонтално плато доволно големо за целата површина на објектот. така тој е фундиран делумно на карпа, а делумно на насип.
Во основа наосот на црквата претставува еден немногу издолжен правоаголник поделен на три надолжни сегменти со два реда по три столба и според тоа навидум наликува на сите негови карактеристични трикорабни решенија (Кратово, Велес, Куманово, Штип, Печењевац, Турековац, Ниш итн.). Меѓутоа, разликите меѓу сите овие цркви произлегуваат од решението на нивната горна конструкција според која се детерминирани одделните типови.
Кај осоговската црква таа е решена на еден специфичен начин. Имено, шесте столба во внатрешноста на црквата меѓусебно и со обиколните ѕидови се поврзани со лакови и на тој начин целиот простор го делат на 12 травеи. Секој травеј е покриен со одделна купола така што е добиено едно дванаесеткуполно решение. Меѓутоа, на петтата фасада јасно се очитува крстовидно решение постигнато од една страна со обликувањето на покривната површина, а од друга, со нагласениот распоред на куполите во форма на грчки крст. Од вкупно 12 куполи само 5 се носени на високи осумстрани тамбури и се распоредени во форма на грчки крст, а останатите се слепи куполи кои делумно или воопшто не излегуваат над покривната површина. Она што е особено интересно и специфично е крстовидниот распоред на петте куполи со тамбури. Централната купола се наоѓа на пресекот на краците од крстот, а останатите четири лежат на самите краци. Оваа диспозиција на куполите Дамјанов ја применува само кај оваа своја црква и кај ниедна друга.
Централниот корпус на објектот – наосот е обиколен со отворени тремови, но само од јужната и западната страна. Според видливите пиластри и почетоци на лакови и куполи, може да се заклучи дека бил предвиден трем и од северната страна, но тој никогаш не е изведен, најверојатно поради недоволниот простор помеѓу објектот и карпата на таа страна. Поради отсуството на северниот трем, и покрај симетричната замисла, црквата Св. Јоаким Осоговски делува асиметрично. Ефектот на асиметричност е уште понагласен со потпорниот ѕид од вештачки создаденото хоризонтално плато на кое лежи црквата, бидејќи на јужната фасада и дава уште поголема височина наспроти помалата на северната фасада.
Отворениот трем кај осоговската црква нема кат така што не постои ниту галерија кон наосот. Покривањето на тремот е извршено соодветно на наосот – секој одделен травеј е покриен со посебна слепа купола поставена на низок осмостран тамбур и видлива однадвор. Решението на горната конструкција и обликувањето на куполите на тремот кај овој објект Дамјанов го прави на многу специфичен начин кој не се среќава кај другите негови цркви. Всушност, на ваков начин биле обликувани тремовите кај објектите од турско – османлиската архитектура која за Андреја Дамјанов, во времето во кое живеел била добро позната како негово окружување. Очигледно дека токму оттука произлегла инспирацијата кај мајсторот при обликувањето на осоговскиот трем. Притоа Дамјанов суптилно го ублажил исламскиот белег претставен во прекршените лакови помеѓу столбовите на тој начин што тука ги направил полукружни. Давајќи му сега ново значење на ваквиот трем пред христијанскиот храм, тој архитектонските форми ги издигнал над верските и националните предрасуди.
Фасадните површини се сфатени дводимензионално, со прочистени форми и без непотребна пластична декоративност, вон конструктивната логика. Поголема декоративност се забележува во пластичната обработка на источниот апсидален ѕид и на влезните портали.
Апсидите однадвор се решени повеќестрано, и тоа централната седумстрано, а бочните петострано. Секоја страна е сегментно вдлабната, а на рабовите помеѓу два сегмента е изведена по една колонетка која во долниот дел има форма на балустрада, а во горниот завршува со капител. Капителите меѓу себе се поврзани со венец кој ја следи формата на апсидата. Над венецот секој сегмент од апсидата завршува со пполукружен лак во чиј тимпан е релјефно изделкан по еден ангел. Помеѓу лаковите на големата апсида се поставени глави од животно слично на мајмун, претставени пластично со голема доза на реализам, но со една чудовишна насмевка. На возбудливиот впечаток, кој го остава оваа висока пластика со играта на светло и сенка, се надоврзува и прецизноста со која секој поединечен камен е изделкан и вклопен во целината.
Најголема скулпторска виртуозност е искажана во пластичната обработка на порталите. Тие се декоративно решени во богата релјефна пластика со барокни форми. Лачниот отвор е врамен со колонети кои преку барокните “Ѕ“ волути ја потпираат лунетата од горниот дел на порталот. Над лачниот отвор и над лунетата на западниот и на јужниот портал декорацијата е збогатена со преплети од “Ѕ“ волути, вегетативни и зооморфни мотиви.
Внатрешноста на црквата зрачи со чиста линија на формите. Пластичната декорација е сосема изоставена, така што основните конструктивни елементи се дадени во својот примарен облик. Во просторот доминираат шесте јаки столба, кои преку систем од лакови ги носат дванаесетте куполи. Столбовите се решени наједноставно, без бази, со квадратен пресек во долниот дел, а со кружен во останатиот дел од стеблото и со капители во форма на обична квадратна плоча, без каква било профилација.
Црквата Св. Јоаким Осоговски, според димензиите на хоризонталниот план, спаѓа во помалите реализации на Дамјанов како што се црквите во Кратово, Турековац и Печењевац. Но, и покрај релативно малите димензии во споредба со останатите негови градби, осоговската црква делува монументално заради нагласената вертикалност постигната со височината на кубестото тело на црквата дополнето со височината на куполите.“
Текстот во целост е цитиран од изворот.
Автор на статија: Martina Shteriova
Андреја Дамјанов / Крива Паланка / Св.Јоаким Осоговски / Црква