Тажен Центар

Центар, општината во срцето на Скопје, воедно и образот на државата, како често се вели, изгледа навистина тажно во сегментот на партерот и урбаната опрема.

Доколку минувате низ главните оски кои водат кон и од плоштадот „Македонија“ ќе наидете на деградирана опрема, која никому очигледно не му пречи со години. Откако се случи обновата и реконструкцијата на овие делови од градот, започна веднаш и процесот на пропаѓање, поради начинот на кој не знаеме да ја оддржуваме.

 

 

 

Клупата на ул. „Никола Кљусев“ која дизјнаерски е дефинирана помеѓу две жардињери (насловно фото)  е симбол на (народски речено) „незамарање“. Со години стои отурната, очигледно од некаков тип на механизација, бидејќи станува збор за бетонски елементи.  Никому толку години не му пречи, ниту му текнува да ја врати бар во оригиналната позиција.

Кога минувате низ улицата Македонија, особено по врнежи, можете  да се натопите од насобраната дождовница под разлабавените гранитни и мермерни елементи. Клупите се со скршени делови и очигледно со неповторени премази како за корозија, така и за заштита на дрвото.

 

 

На улицата „Никола Вапцаров“ нема еден елемент кој не е во распаѓање. Како подните облоги, така и жардињерите, клупите.

 

 

Новата позиција на плочата за куќата на Мајка Тереза ( дискутабилна и по својот дизајн) е  во едно несоодветно опкружување и со парцијално третирање. До неа секакви инсталации, остатоци од претходна опрема, еден невкусен момент за сите што ја посетуваат.

 

Во непосредна близина е Портата Македонија, која очигледно служи за такси возила (сигурно нема ваква нигде во светот) и скапите возила за посетителите на казиното во Лумикс и околните гостилници.

Кога ќе тргнете кон чаршијата, сликата го продолжува впечатокот на пропаѓање, неодржување, нејасни премини од еден простор кон друг ( во однос на материјализација ).

Од каде и да се свртите, масовно пропаѓање и очајно игнорирање. Овие потези мораат постојано да се оддржуваат и проверуваат од локалните и градски власти. Оваа слика секојдневно ја забележуваат групите туристи кои се собираат на овие локации и движат низ сите овие делови од градот. Покрај сликата на недовршените и заборавени објекти од проектот Скопје 2014, урбанaта опрема и партерот дополнително учествуваат во тажната слика на игнорирањето и неорганизираноста.

Во овој дел на градот имаме и повеќе претставништа и амбасади на другите држави во Македонија, компании, хотели и државни институции. Каква ли е сликата која ја оставаме кај другите? Важна ни е или не ни пречи ниту калот на кондурите, за нас самите?! Се на се – тажен Центар.