Театарот во Хераклеја
27.05.2025 • До V век

Театарот во Хераклеја служел за одржување на сценски престави и престави со животни. Градбата веројатно започнала за време на императорот Хадријан (Публиј Елиј Трајан Адријан / 24 јануари 76 – 10 јули 138 година), а завршила во време на неговиот наследник Антонин Пиј. Времето на императорот Хадријан било карактеристично по модернизирањето на старите театарски згради со цел истите да се адаптираат за агонални престави.

Гледалиштето на театарот е со потковичеста основа, со капацитет од околу 2500 гледачи. Во централниот дел на гледалиштето има ложа со почесни места, а исто така, според сочуваниот натпис, првиот ред на седишта бил резервиран за преставници на четири општини (Асклепијас, Дионисиа, Артемисиja, Хераклеис).
Високиот ѕид кој ја обиколува оркестрата и металната ограда врз него служеле за заштита на гледачите од раздразнетите животни. Во оградениот ѕид се откриени три кафези за животни.
Во периодот на продирањето на христијанството, во арената биле фрлани христијаните, да бидат растргнати од гладните ѕверови.
Архивска фотографија од ископувањата
По забраната на крвавите гладијаторски борби во почетокот на 5 век, театарот полека ја изгубил својата функција и полека бил затрупуван по пат на ерозија. Седиштата од театарот биле употребени за други градби во Хераклеа, а на местото над веќе напуштениот, затрупан и оштетен театар во почетокот на VI век од н. е. изградена е микростанбена целина.
Архивска фотографија од ископувањата
Првото детектирање на театарот во Хераклеја е евидентирано во 1935 година. По 16 века од напуштањето на основната функција, повторно доживува сценска дејност, со свеченото пуштање во употреба, по неговата реконструкција во 1987 година.
Архивска фотографија од ископувањата
Користени извори:
текст: bitola.info
фотографии: (авторот не е наведен кај изворот) bitola.info
фотографии од ископувања: Macedonia Love
основа на Хераклеја: „Хераклеја Линкестис“ од авторот проф. д-р Виктор Лилчиќ – Адамс

Автор на статија: Filip Koneski
Антички театар / Археологија / Битола / Реконструкција / Хераклеја Линкестис