Телекомуникациска кула – Водно / Павлески, Симеонов, Радовановиќ

Објект: Телекомуникациска кула

Инвеститор: Агенција за електронски комуникации – АЕК

Автори: м-р инж. арх. и м-р лик. ум. Стојан Павлески, дипл. инж. арх. Иван Симеонов, дипл. инж. арх. Ѓорѓи Радовановиќ од студиото Стоун Дизајн ДОО, Скопје

Соработници: дипл. инж. арх. Влатко Чавкоски, дипл. инж. арх. Сашо Цветковски

Година на проектирање:  2012

Година на изведба: 2013 -2026

Локација: Водно

Фотографии: Приватна архива на авторите

 

 

Телекомуникациската кула се наоѓа непосредно до врвот Крстовар на планина Водно во близина на Милениумскиот крст на највисоката точка на планината. Поставена во правец север-југ, кулата претставува визуелно впечатлива вертикала во природниот пејзаж над Скопје. Објектот се издигнува од стрмна, карпеста падина и со својата висока, елегантна силуета јасно се чита од повеќе точки во градот.  Проектот за кулата е изработен во 2012та година, а со градба почнува во 2013та година.

-Ситуација со отворено приземје-

 

 

Композицијата на кулата се состои од три главни елементи, и тоа: централно ветикално јадро, четири платформи и челична решеткаста обвивка.

 

-Пресек низ кулата и фотографија во завршна фаза-

 

Главното армирано бетонско јадро, е високо 112,5 м и во него се сместени вертикалните комуникации и сервисни простории. Јадрото почнува да се развива од внатрешноста на двовисинки простор, налик педестал полувкопан во стрмниот терен.

 

-Фотографија од изградбата на армирано бетонското јадро-

 

Челичната обвивка се извива од 4 позиции во приземниот сегмент на јадрото со динамични, благо закривени линии кои создаваат впечаток на торзија и движење нагоре. Роговите се шират кон теренот и иако немаат носечки својства обезбедуваат стабилност на централното јадро.

 

-Фотографии од изведбата на челичните рогови-

 

Во горната зона на јадрото се распоредени четири конзолни кружни платформи со чиста, хоризонтална геометрија. Секоја од платформите е зајакната со кабловска конструкција прикачена на самото јадро. Платформите се развиваат како автономни волумени кои лебдат околу конструкцијата и го означуваат функционалното зонирање на кулата. Секоја од платформите има развиена површина од 180 до 200м2 во кои се предвидени администравните простории на Агенцијата за електронски комуникации и на Министерството за внатрешни работи. На една од платформите се наоѓа и ресторан со ротирачка платформа, која овозможува панорамски поглед кон главниот град. Ресторанот располага со капацитет за 60тина гости.

 

-Фотографии од изведбата на кружните платформи-

 

На врвот, формата на кулата постепено се прочистува и кулминира со тенок челично-решеткаст антенски столб, кој ја продолжува вертикалата и ја завршува композицијата со минималистички гест. Заедно со антената, кулата достигнува висина од 155м, правејќи ја еден од највисоките објекти во државата. Антенскиот систем поставен на кулата е наменет за предавателите на македонските оператори и за системот за контрола и мониторинг на радиофреквенциите, со што кулата добива значајна инфраструктурна улога во државната телекомуникациска мрежа.

 

Кулата ќе биде пуштена во употреба годинава, после 13 години од почетокот на изградба.

 

 

Фотогалерија: 

 

 

 

 

Соработник: Ива Поповска

Автор на статија: