Тодор Паскали / 1936 – 2006

Извори:
Колумна на Аљоша Симјановски во Нова Македонија
Македонска Енциклопедија
Блог Старо Нагоричане
Википедија

 

Денешната објава е посветена на еден од доајените на конзервацијата и реставрацијата на македонското културно наследство – архитект Тодор Паскали (17.6.1936 – 4.5.2006) . Истражувач, проектант, публицист и добитник на републичката награда „11 Октомври“ за својата долгогодишна активност во полето на заштита на спомениците на културата.

Основното и средното образование Паскали го завршил во неговиот роден град Охрид. Дипломира на Техничкиот факултет во Скопје – отсек архитектура во 1961 година. Од 1965 година па се до своето пензионирање во 1996 година тој е во служба на спомениците на културата. За него археологот Паско Кузман вика дека со својата деноноќна посветеност, Тодор Паскали е буквално вграден во неговите дела.

Паскали работи како архитект – конзерватор во Заводот за заштита на спомениците на културата, каде подоцна е назначен како директор на оваа институција. Во областа на заштитата на културното наследство изработил и реализирал повеќе проекти. Најзначајни се:

-Реставрацијата на Куќата на Робевци во Охрид (1979)

-Конзервација на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, Кумановско (1965)

-Конзервација на црквата „Св. Богородица“ во Матејче, Кумановски (1965)

-Конзервација на црквата „Св. Пантелејмон“ на Плаошник, Охрид

-Конзервација на црквата „Св. Никола Болнички“ во Охрид

-Конзервација на Самоиловата тврдина во Охрид

 

„Свети Пантелејмон“ во Плаошник, Охрид. Фотографија: А. Момироска
„Св. Богородица“ Матејче, Кумановско
Куќата на Робевци

Аљоша Симјановски пишува за Нова Македонија:

„Архитектонскиот опус на Тодор Паскали е пред сѐ одраз на неговиот карактер: едноставност, скромност, искреност, хуманизам и пиетет кон традицијата. Неговиот архитектонски говор е народен и во него ја откриваме онаа архитектонска мудрост што ја има во записите на Марко Цепенков. Ако за вистинската уметност не се потребни зборови за да се искажат вредностите и квалитетите, тогаш за дејноста на Паскали не треба да се пишува. Таа се гледа, се чувствува и се доживува како музичка композиција во која се вградени акордите, пасажите и темите чии корени се положени во народниот мелос.“

 

Хотел Бисер во Калишта, Струга
Хотел Бисер во Калишта, Струга

 

Кариерата на архитектот Паскали се карактеризира со паралелно работење на проекти од конзервацијата на градителското наследство и работа на архитектонски проекти. Тој специфичен спој на работни задачи влијае врз изразот во проектирањето, односно духот на традицијата се насетува и во неговата архитектура. Позначајни реализации се:

-Хотелот „Бисер“ во Калишта, Струга (1970)

-Хотел „Белград“ во Струга (1988)

-Ресторан во манастирот „Св. Наум“ (1982)

-Црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Кавадарци (2000)

-Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонска Каменица (1998)

 

Хотел Белград во Струга

Тодор Паскали е еден од главните иницијатори за основање на работилницата, односно на ателјето за уметничка резба при Заводот за заштита на спомениците на културата во Охрид во 1975 година.
Првите поголеми резбарски работи ова ателје ги изработи за Свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите. Меѓу најзначајните потфати на ателјето се реконструкцијата и возобновувањето на Кралскиот дворец во Варшава, во соработка со полски реставратори и конзерватори.

За работата, животот и личноста на овој извонреден архитект можете да дознаете во филмот „За Тодор Паскали“ во режија на Аљоша Симјановски.

Топло препорачуваме.

https://www.youtube.com/watch?v=nbP46BKx0Zc&ab_channel=AljosaSimjanovski