Трговски центар во населба Лисиче

Година на изведба: 1970-ти
Автор: Непознат
Локација: Населба Лисиче, Скопје
Површина: околу 9000м²

 

Денес го разгледуваме трговскиот центар во населба Лисиче. Тој по својата конфигурација, урбана поставеност и начин на проектирање, припаѓа на модуларните, павиљонски типови на трговски центри кои се присутни на повеќе места низ Македонија. Неколку од примерите на сродни трговски центри се: Трговски центар во Чаир, трговски центар во Скопје Север, трговски центар во Штип (срушен, на местото на супермаркетот Туш), како и познатата охридска „Летница“. Овој тип на трговски единици се проектираат генерално на локации кои не зависат од сложена мрежа на улици, како и локации кои се претежно рамни и не бараат големи модификации при градба.

„Летница“ во Охрид. (фото: Благоја Дрнков)

Морфолошки, трговскиот центар е во основа мрежно проектиран, со рамномерна диспозиција на изграденото ткиво во однос на слободната површина. Како отворена архитектонска структура, овој центар е користен и доцна по завршувањето на работното време. Правата структура на улици и дуќани ја поедноставува максимално навигацијата низ него. Коридорите го пробиваат целосно овој мал комплекс, што значи лесна ориентација и на првите посетители.

 

Во полињата на мрежата кои не се изградени се јавуваат зелени дворови кон кои гравитираат и главните фасади на трговските единици. Композициски, трговскиот центар е раздворен во две генерални целини, една кон северо-исток и друга целина кон југо-запад. Овие делови отвораат средишна зона на уредено зеленило низ која минувачот минува во одредена меандра која ја поврзува источната и западната страна на населбата. Програмски, овие два блока не се строго одделени, бидејќи слична програма се појавувала низ годините и во двата.

Модуларната, квадратна форма на трговските единици овозможува секој модул да вдоми различни програми. Фасадата на модулите е едноставна и економична, станува збор за шематски тип фасада која во одредени делови добива карактер на влезна партија со излог; на други места е повторно излог но со додаден волумен за истакнување на одредени производи; додека во другите случаи таа е само исполнета со тула. На фасадата е видлив и конструктивниот систем на објектот, фасаден детал што е присутен во многу објекти градени во 70-ти и 80-ти години на минатиот век.

 

 

 

Планот на модулот претставува едноставно делење површината во зависност од намената што конкретниот дуќан ја има. Во прилог можеме да видиме претпоставена основа на трговскиот центар пред модификација. Во денешно сценарио трговските модули добиваат најразлични промени, внатрешни и надворешни кои се повеќе ја нарушуваат оригиналната архитектонска форма на трговскиот центар.

Во слободниот простор меѓу модулите обрнуваме внимание на лантерните и излозите. Излогот на трговските модули претставува интересен детал на издаден волумен кој посегнува кон минувачите и се користи за специјално истакнување (showcasing) на одредени продукти што ги нуди продавачот. Лантерните над премините дозволуваат светлината да минува и во овие вообичаено темни делови на трговскиот центар. Покриената површина за движење овозможува користење на трговскиот центар и во лоши временски услови.

Програмска диспозиција

Програмата на овој центар ја опслужува населбата Лисиче, како и околните населби во кои недостасуваат слични капацитети. Следствено, можат да се сретнат голем број на намени. Во прилогот можете да ја проследите моменталната програмска диспозиција.

Во продолжение ви презентираме селекција на фотографии на кои можеме да ја видиме моменталната состојба на објектот, архитектонските нарушувања врз истиот, но и делови каде тој е речиси целосно зачуван во оригинална состојба. Воедно, со цел да се комплетира материјалот за овој проект ги повикуваме нашите читатели да споделат информации околу овој објект и неговиот автор.