Конгресен центар – Универзална сала / Stone Design + Arhi Group Plan A

Автори: арх. Стојан Павлески ; арх. Иван Симеонов — Stone Design

Основен проект: Arhi Group Plan A

Развиена површина: 38 000m2

Година: 2013/2016

Извор: https://agroup.com.mk/ ; https://makfax.com.mk/ ; https://stonedesign.mk/

 

За обнова на Универзалната сала во Скопје постојат три готови проекти. Два се за реконструкција и доградба на постоечиот обејкт, а еден е за изградба на сосема нов, односно изградба на Конгресен центар, претходно именуван како „Александар Македонски“.

Во 2013-та година, планот за реконструкција на салата од 2008-та година, се напушта поради анализи направени од Градежниот факултет. Истите тврдат дека сегашниот објект стар 47 години, не би можел да ја прифати тежината на зголеменото количество челична и бетонска конструкција, а дополнителните количества арматура и бетон, според општите параметри и правила, можат да се постават само на објекти стари до 50 години.

Град Скопје констатира дека при реконструкцијата на стариот објектот, бројот на седишта во салата нема да може да се зголеми според современите стандарди и потреби од 2.500 до 3000 седишта.

На 7-ми Јуни 2013-та година, Министерството за култура распишува нов конкурс за нов идеен проект на „Универзална сала“. Меѓу 10-те пристигнати трудови, комисијата како најдобро и најатрактивно го прогласува она во облик на јајце на архитектите Стојан Павлески и Иван Симеонов од Stone Design.

Концепт

Во време на „Скопје 2014“ и воспоставените граници за конкретно фасадно обликување, проектот на Stone Design е големо изненадување. Имено самите автори учествуваат поради фактот што на конкурсот е дозволено слободно архитектонско изразување.

Обликот е во јајцевидна форма, затоа што делото треба биде една функционална структура, а не обичен архитектонски објект. Здание со ангажиран концепт, а не само гола естетика. Јајцето симболизира раѓање, а во Универзална се ’родени‘ многу таленти и многубројни македонски музички ѕвезди. Нејзиниот белег е раѓањето на музиката, на уметноста. Идејата е да се создаде линк меѓу значењето и формата на Универзална сала и тоа да не биде од локален карактер, туку да претставува оригинално и универзално решение вклопено во концептот на објектот. Содржините кои ги вклучува новиот проект се: голема сала 2.500 до 3.000 седишта, две помали сали, четири конгресни сали, шест билатерални сали.

Според авторите, со овој проект се обезбедува модерен објект за нашиот главен град, кој би овозможил современи услови за манифестации и настани од секаков вид. Новата зграда за националната установа би била нов хералдички амблем на градот Скопје, нов културен центар во кој постојано би биле присутни врвни културни вредности од нашата земја и светот.

Критики

Проектот ги дели мислењата на струката и јавноста. Многумина го фалат храбриот и иновативен пристап на архитектите, но дел констатираат дека проектот е неизводлив за нашите градежни услови и стандарди, односно дека евентуалната изведба би била прескапа и прекомплицирана. Проблем претставуваше и сегашната локација, како и актот на рушење на стариот објект кој патем е симбол на пост-земјотресно Скопје и светската солидарност.

 

 

Министерството за култура преку оглас бараше фирма која ќе го изработи изведбениот проект, но ниту на првиот, ниту на вториот, не се пријавија фирми. Во 2015-та година на трет оглас Министерството го избра Друштвото за планирање, градежништво, инженеринг, трговија и услуги „Arhi Group Plan A“ за речиси 405.000 евра да го изработи основниот проект за салата.

На владина седница одржана на 02.02.2016 година, проектот е заменет и целосно напуштен поради превисоката цена. Тогашниот градоначалник, Коце Трајановски, констатира дека за реализација на јајцето би биле потребни околу 65 милиони евра, во споредба со предходниот проект за адаптација која би чинел околу 15 милиони евра.