Урбанизацијата на старата скопска чаршија / 1 дел
24.04.2020 • Урбанизам ХХ век / II половина
Комплекстот на Старата скопска чаршија во развитокот на град Скопје зазема значајно место воедно претставувајќи и најголема амбиетална целина со богато архитектонско и споменично наследство.
Формата на стариот град и покрај интервенциите е воочлива, обединувајќи во себе природни елементи ( релјеф, топографија) и човечка интервенција (архитектура, градежништво). Ридот Градиште и Виргинскиот рид се меѓите, додека во помеѓуто таа се простира збиено, потоа се разложува кон Чаир и Топаана на едната страна и кон Камениот мост на другата страна.
„Сплетот од смислено поставените композиони целини и низови од дуќани, со успешно укомпонираните тројки ( џамија, амам и ан), крие во себе многу вредности. ““ – Арсовски
Поглед од Хотел „Арка“ / Извор >>>
Движењето по малите кривулести улици ве насочува кон поголемите историски монументи, што создава убави чувства и изненадување со атрактивни визури.
Чаршија 2003 година / Google maps
Она што се смета за најстар и најавтентичен елемент на чаршијата е мрежата на улиците, за кои истражувачите велат дека не постои сомнеж. Истата претставува жив организам, постапно и биолошки развиван според потребите и условите на теренот. Метаболизмот на градот и неговите потреби се тие кои ги формирале овие улици, според потребната пропусна моќ и густина на движење, локациски услови. Од најшироката се влегува во помала, а потоа во уште помала уличка, со што се создава компарација на жилите на еден лист додека импулсот се внесува до најмалото катче.
Тие имаат правилно взаемно поврзување и покрај избегнувањето на ортогоналноста, но адаптирајќи се на рејлефот. На куси релации откриваат различни мотиви и глетки.
Ритамот произлегува исто од функцијата и логичниот развиток на приземјето – дуќан, на катот помошни простории. Зависно од економската моќ, но и од рационалната потреба тие не се наметнуваат агресивно на улицата, туку зависно од неа тие ја менуваат својата висина, креирајќи амбиент. Постојат 3 типа на дуќани и неколку модули на интервенција.
Конструктивно објектите се во поголемиот дел бондручна конструкција, додека останатите во масивен систем од камен и тула.
Во 1963 година, слабата и трошна градежна техника не успеала да се спротистави на стихијата. Цели блокови се изгубени и урнати од земјотресот, додека за истите не постоела соодветна техничка документација за да се прифати идејата за нивно реконструирање.
Слободорачен цртеж – Тихомир Арсовски
Периодот на домашната модерна и постмодерна , но и поствоениот занес за смело гледање кон иднината отвориле нови можности за расчистените простори во ткивото на чаршијата.
Веднаш по земјотресот, заради нараснатите потреби на населението и неможноста во краток рок да се санира оштетеното плански и потребата животот брзо да се врати во нормала, отворило простор за некотролирани интервенции и хаотични делувања во кои исчезнале засекогаш иунтересните детали, старите дуќани со кепенци итн.
По земјотресниот период стручните власти ја ставиле чаршијата во фокус, и истата може да се увиди во сите планови и предлози за обнова на градот. Се сметало дека нејзината физиономија и специфичност треба да биде придонес во создавањето на општата слика за град Скопје.
Плановите сугерирале на еден факт дека монументите и историските споменици се неделиви градски простори, и истите не треба да бидат замрзнати, туку интегрирани во градскиот живот. Затоа и урбанистичките планови за комплексите „Кале“ и „Чаршија“ се вклучени директно во модерниот градски центар, не губејќи го совјот архитектонски карактер и привлечност на амбиентот.
Меѓународниот конкурс за центарот на градот, дал многу корисни сугестии за поширокот опкружување, каде е согледана можноста за урбанизација на историсите комплекси. Сите 8 конкурсни проекти чаршијата ја третирале како вреден градски простор од историско значење.
Она што е исклучително значајно се големите сообраќајни потези врз старата мапа на градот, со цел овозможување на современа сообраќајна мрежа која ќе одговори на новиот град во развој. Истата на внимателен начин со подвозник под најзначајната пешачка врска, овозможува директна конекција на европскиот центар на Скопје со средновековниот центар на градот, обединети меѓу себе со Камениот мост, чинејќи јака и неразделна врска.
Стоковна куќа „Мост“
Во урбанистичкиот план од 1965 година, јасно се нагласува потребата од расчистување на одредени структури во чаршијата кои ја деградираат, но и се предвидуваат нови во склад со типографијата, шармот и функционалноста на просторот.
Во текот на припремите за изработка на урбанистички план за Чаршијата, по однапред утврдена методологија, биле изготвени следните прелиминарни студии и анализи:
- Археолошка анализа;
- Историска анализа;
- Етнографска анализа;
- Анализа на постојна состојба и валоризација на постојните објекти;
- Економска анализа;
- Програма со идеен и главен урбанистички план
продолжува >>>
Користени извори: „ Стара скопска чаршија“ – Тихомир Арсовски 1971
Автор на статија: Filip Koneski
планирање / ревитализација / Скопје / стара скопска чаршија / Урбанизација / Урбанистички план