Урбанизмот кој мора да застане веднаш / 11 Октомври – бараки

11 Октомври – бараки, населбата која во повеќе наврати ја спомнуваме и за која апелиравме навремено е пред сезона на „плодна берба“ на плодовите од македонскиот урбанизам. Во нејзиниот централен дел, кон бул.„Борис Трајковски“, каде се наоѓа централниот влез во населбата во тек е завршување на втората станбена зграда.

 

 

По апелирањето за првата  (106 станови), која беше изградена на површина од парковско зеленило и старо игралиште во населбата, на истата улица со широчина од едвај 3.5 m се реализира новата штангла со должина од 120m и 269 станови. Грубо речено, тоа се најмалку 375 автомобили од кои најмалку половина од нивните сопственици нема да купат паркинг место.

 

 

За да се реализира оваа површина за градба во урбанистичкиот план, автобуската постојка беше презентирана како јавен паркинг, долж улицата и централното паркче се исече целиот дрворед за да се прикажат дополнително паркинг места. Но, како е ситуацијата на терен?!  Со изведбата на првиот објект со 106 станови, веќе населбата централно е нападната од автомобили кои паркираат каде стигнат. Вистинскиот резултат ќе го видиме кога ќе се всели и штанглата.

 

 

Прашањето е кој е тој стандард што на ваков профил на улица дозволува три излези од подземни гаражи. Доволно е половина од нив наутро да излезат истовремено за на работа, сите тие ќе  направат блокада на централниот влез во населбата од каде треба да влезе и автобусот со број 4, а воедно и поголемиот дел од населбата.

 

 

Во ваква средина, доколку беше неминовна појавата на станбените објекти, тие не требаше да бидат повисоки од П+3, што значи најмалку двојно помалку станови и потреба од паркинг места. За компарација улицата на која се подигнати овие објекти, има помалку од 100 индицидуални објекти за домување. Со само едниот објект веќе имаме двојно зголемување, додека со вториот оваа бројка стигнува до приближно 4 пати зголемен број на жители и возила.

 

 

Градењето на градскиот фронт кон булеварот „Борис Трајковски“ овозможува вакви височини, но во новопланирани населби, не е можно ваквите објекти да ги интегрирате на вакви постоечки профили на улици, особено кога нивната ориентација е југ. Треба будно да се набљудуваат следните детални урбанистички планови за оваа населба, бидејќи ако се дозволи ваквата изградба во континуитет на улицата, половина од населбата нема да види дневна светлина никогаш повеќе!

 

Погледот од полјанката кон Селакови Езера

 

Погледот денес од игралиштата

 

 

Претходни објави на истата тема:

>> https://marh.mk/parkceto-11-oktomvri-baraki-gradezno-zemjishte/

>>  https://marh.mk/od-zelenilo-do-novi-povrshini-za-gradba-11-oktomvri-baraki/

>>  https://marh.mk/peticija-za-proshiruvanje-na-parkot-vo-naselba-11-oktomvri-baraki/

>> https://marh.mk/10-2-visinskata-kota-koja-gi-unishtuva-individualnite-kukji/