Василка Ладинска / 1928 – 2013
22.12.2024 • Автори
Извори: Градителите во Македонија XVIII-XX век – Георги Kонстантиновски
Кратка биографија и достигнувања релевантни за развојот и афирмацијата на архитектурата на Василка Ладинска.
Василка Ладинска (02.10.1928, Куманово – 24.11.2013, Куманово) дипломирала на Архитектонскиот факултет при Техничката школа во Белград во 1954 година на тема Главна пошта во Куманово кај проф. Милан Злоковиќ.
По диплмирањето се вработила во ГП „Дебарце“ во Скопје каде што останала на работа една година. Во 1955 година преминала на работа во „Заводот за урбанизам и архитектура“ којшто во 1957 година се трансформирал во „Завод за станбена изградба на скопската околија“, а во 1961 година во РО „Македонијапроект“ каде што ја завршила својата работна кариера во 1987 година.
Станбениот блок (П+4-П+6) на аголот на бул. „Партизански одреди“ и бул. „Св. Климент Охридски“ (со арх. Б. Мицевски) / Google street view
Нејзиниот творечки опус претежно бил насочен во сферата на станбената архитектура каде што ги постигнала и најголемите успеси. Проектирала објекти од школски, општествен и здравствен карактер.
Во периодот меѓу 1955 и 1987 година проектирала и реализирала поголем број индивидуални семејни куќи и повеќесемејни станбени објекти во градовите Скопје, Кавадарци, Куманово и Штип, како и во неколку градови во поранешните југословенски републики.
Учествувала на 8 анонимни архитектонски конкурси на кои освоила 4 први награди и на 12 повикани конкурси на кои ги зела сите први места. Повеќепати била член на конкурсни комисии и се појавувала како ревидент на поголем број на идејни и главни проекти.
Публикувала статии во стручни списанија.
Станбениот објект (П+3) на бул. „Илинден“ бр. 46/48 во Скопје
Од нејзиното плодно творештво позначајни реализации се:
1958 – Станбениот блок (П+4) на бул. „Кочо Рацин“ во Скопје;
1958 – Петте станбени кули на бул. „Илинден“ во Скопје;
1962* – Станбениот блок (П+5) на ул. „Македонија“ во Скопје;
1964 – Комуналната банка во Куманово;
1966 – Станбената кула тип „М“ (П+М+12) од станбениот комплекс „Градски ѕид“ во Скопје (со арх. А. Серафимовски, Д. Димитров, Р. Минчева и С. Ѓуриќ);
1966 – Станбено деловниот објект на аголот од ул. „Македонија“ и ул „Даме Груев“ во Скопје (со арх. Р. Минчева);
1966 – Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје (со арх. Ж. Гелевски и С. Ѓуриќ);
1970 – Детската градинка „Снежана“ во Скопје (со арх. Р. Минчева, Д. Филипова и М. Бранковиќ);
1970 – Детската градинка „11 Октомври“ во Скопје (со арх. Р. Минчева, Д. Филипова и М. Бранковиќ);
1975 – Трите станбени кули во населбата „Јане Сандански I“ во Скопје (со арх. Д. Томовски, К. Муратовски, А. Банчотоски, С. Апостолски и Н.
Лагудин);1976 – Станбениот блок (П+4) на ул. „11 Октомври“ во Скопје (со арх. Р. Минчева);
1977 – Основното училиште „Иван Горан Ковачиќ“ во Скопје (со арх. Р. Минчева);
1979 – Клиниките за инфективни и хируршки болести во Скопје (со арх. Б. Бабамов);
1980 – Станбените блокови (П+2-П+9) во населбата „Ново Лисиче“ во Скопје, (со арх. В. Ладински);
1982* – Станбениот блок (П+4-П+6) на аголот на бул. „Партизански одреди“ и бул. „Св. Климент Охридски“ (со арх. Б. Мицевски);
1986* – Станбениот објект (П+2) на бул. „Илинден“ бр. 70 во Скопје;
1987* – Станбениот објект (П+3) на бул. „Илинден“ бр. 46/48 во Скопје.
За својот креативен придонес на полето на архитектонското проектирање добила повеќе признанија и награди од кои позначајни се:
1975 – 13ти Ноември, награда на градот Скопје за кулите во нас. „Јане Сандански“;
1983 – Специјалната награда на II-то Биенале на македонската архитектура;
1986 – Републичката награда на НИП „Борба“ од Белград;
1987 – Големата награда на БИМАС-87 за станбениот објект на бул. „Илинден“, бр. 70 во Скопје.
Автор на статија: Martina Shteriova
Биографија / Василка Ладинска / градителите во македонија / Македонски архитекти