ВИАС 2020 / Виртуелна изложба на архитектонските студија на АФС

Архитектонскиот факултет во Скопје при универзитетот св. Кирил и Методиј, ја продолжува својата традиција на изложување на семестралните проекти на студентите и во вакви околности. За таа цел е направена виртуелна изложба која што можете да ја посетите преку линкот:  https://vias.mk/

 

 

Преку 3D приказ на просториите во зградата може да се пристапи до секоја училна каде што е поставено одредено архитектонско студио. Со клик и влез во секоја просторија постои можност детално да се разгледаат проектите на студентите.

Ова претставува одличен пример на одговор на денешните предизвици, на новите просторни и социјални практики на интеракција помеѓу луѓето во нашата нова реалност.

 

 

„Во 2020 год. го доживеавме тоа што претходно беше незамисливо. Ограничувањето на социјалните контакти, наметнатата физичка дистанца, прекинот на економските процеси, стопирањето на меѓународните патувања, ограничената мобилност на луѓето и вонредните здравствени мерки проследени со карантин и целосно затворање на градовите, беа незамисливи пред пандемијата со Ковид-19 вирусот. Се почувствува влијание врз секој детаљ од нашето секојдневие и многу вообичаени практики за тоа како луѓето, нивните семејства, нивните пријатели и поширокиот социјален и деловен круг функционираат, неповратно се измени. Сите наши навики беа компромитирани и проблематизирани.

Свесни за овие промени и последици предизвикани од здравствената криза, повторно се актуализира прашањето за улогата на архитектурата и архитектонското знаење во соочувањето и решавањето на горливите и суштински предизвици пред кои е исправено современото општество. Дали архитектите денес сѐ уште имаат знаења и практики кои можат да придонесат во решавањето или макар во соочувањето и ублажувањето на последиците од здравствената, економската и општествената криза? 

Всушност, кризата која ги уништува постојните парадигми во креацијата и артикулацијата на просторните практики во едно општество е одлична можност за создавање на нови просторни конфигурации и искуства. Оваа новосоздадена можност за архитектите подразбира промени и во практиката на архитектурата која сега мора да вклучува и промовира поодговорна креација, која ќе биде инклузивна и ќе го помести (или ќе го врати) фокусот од малите изолирани проекти кон големите визии и идеи за развој на општеството. Овојпат, трансформацијата не може и не смее да биде само техничка и технолошка туку пред сѐ мора да биде хуманистичка и културолошка. 

Затоа, задачата на сите архитекти и студенти по архитектура е да продолжат да ги истражуваат различните архитектонски концепти и просторни дискурси кои ќе овозможат трансформација на нашето општество во одговорно, одржливо и праведно општество. Обликувањето и проектирањето на новата просторна реалност на Постковид-19 градовите и заедниците е особено важно бидејќи начинот на кој ги разбираме и разговараме за проблемите и предизвиците влијае и на начинот на кој можеме да се соочиме со нив. Оваа нова просторна реалност и дискурсот за неа ќе ни овозможи да ги согледаме досега скриените и можеби не до крај, разбрани и афирмирани потенцијали на нашите градови и нашата заедница. 

Оваа, виртуелна изложба на архитектонските студија ВИАС-2020 е посебна не само по начинот на кој се одржува или по својот назив туку таа е посебна и пред сѐ поради пораката која треба да ја пренесе до сите сегашни и идни генерации на студенти на Архитектонскиот факултет, а тоа е дека и во најлошите времиња ние се менуваме, се адаптираме и успеваме да го откриеме најдоброто во себе, гледајќи на кризата како на можност да создадеме подобар свет.”

Проф. д-р Огнен Марина
Декан на Архитектонски факултет – Скопје

Извор >>> https://vias.mk/